И јас не сум нечие дете, веќе со години!

Мајка ми беше многу грижлива мајка, а сега, иако понекогаш знам од мака да се расплачам пред неа, таа ниту главата не ја врти кон мене, не пак да ме праша што ми е. Знае и самата да се расплаче, изгубена, исплашена, седи во некој дом кој не ѝ личи на нејзиниот дом, со некојаси ‘жена’ која постојано ѝ кажува што треба да прави, која не ѝ дозволува да излезе надвор, па дури знае и да ѝ се развика, да ја присили да ги испие лековите кои таа упорно ги плука, и уште постојано ја убедува дека ѝ е ќерка иако таа воопшто не се сеќава на неа.

0
247

Пред некој ден случајно гледам на Фејсбук, една моја пријателка напишала: Веќе пет години не сум нечие дете. Те љубам мајко!

Ме разнежни и мене, но и многу други кои по неа се потсетуваа на своите починати родители. Се потсетив и јас на моите. На татко ми кој почина кога беше само малку постар од мене, на свои 56 години, и на мајка ми која не почина буквално, оти уште е тука присутна, физички, ама всушност ја нема, ја нема веќе неколку години. Кога сега се потсетувам и ги гледам видеата што сме ги направиле со неа во текот на изминатите години, си велам, супер била мајка ми тогаш, сега е за никаде. А потоа си велам, догодина сигурно ќе си мислам колку била супер сега во споредба со тоа како ќе биде во тој момент.

Мајка ми има Алцхајмер. И има 81 година. И тоа не е толку многу, си велам, особено кога ќе ја видам тетка Марија која има и неколку години згора, а сѐ уште плете, решава крстозборки и прави пити или пак кога ќе ја видам сосетката, тетка Маре, која живее сама, пазари сама, а уште оди и на потпетици, иако има барем 84. Или пак кога ќе се сетам на дедо ми кој на таа возраст одеше наутро со автобус во Белград, да ја посети ќерка си, а се враќаше навечер во Скопје затоа што не сакаше да си го менува местото, не го фаќало сон во туѓ кревет.

Мајка ми живее со оваа дијагноза веќе 7 години. Пред неа, честопати имаше проблеми со притисокот кој знаеше да ѝ се качи до 200, па често одевме на итна помош или на ургентно и останувавме таму со часови, сѐ додека не ѝ го стабилизираа. Сега тоа веќе не се случува, пие минимална доза на лекови за притисок, некогаш и неа ја прескокнуваме кога баш не можеме да ја убедиме да ја земе, ама притисокот не ѝ мрда од 120 со 80. Сега сфаќам дека тоа што ѝ се случувало претходно било повеќе резултат од стресови и секојдневни грижи, бидејќи мајка ми беше многу грижлива и вредна, од оние што постојано си наоѓаат нешто за работа, ама и нешто за што ќе се грижат.

Ама сега, сега сфаќам дека Алцхајмерот е добар за пациентот само поради една работа – веќе не се секира за ништо, ниту за деца, ниту за внуци, ниту за никого. Од тогаш наваму притисокот не ѝ се качува, сега единствен проблем ѝ е да си ги најде алиштата што некој упорно ѝ ги краде, да се најаде и да си легне. Не велам дека ѝ е убаво, сигурно е страшно да не знаеш каде си и со кого си, да сакаш да си одиш дома, а некојси непознати упорно ти велат дека си веќе дома иако ти воопшто не се сеќаваш на таа дома.

Да, знам дека оние стручните во областа советуваат на заболениот од Алцхајмер да не му велите дека е веќе дома, туку да го земете под рака, да го свртите еден круг низ маало и да се вратите, демек, колку да го смирите, ама гледате, тоа не е можно бидејќи таа постојано сака да си оди дома, а јас не можам постојано да ја шетам низ маало. Прво, имам работа, и за среќа, работам од дома, а второ, мајка ми едвај оди па честопати додека јас да ѝ ги облечам патиките, таа веќе се изморила па прошетката и за неа и за мене е повеќе мачење.

Затоа, кога следниот пат ќе побара да си оди дома, правам токму како што не треба, ѝ велам: „Мамо, дома си, тука живееш веќе 56 години и немаш друга дома, таа твоја дома на француски гробишта ти била дома кога си била малечка. Значи, седи си сега ДОМА, и уживај!!!“.

Веќе третиот, четвртиот и петтиот пат, секако, не сум толку смирена, па ѝ го кажувам истото тоа, но многу погласно, знаете, нервите попуштаат откако веќе неколку пати во текот на денот треба да ја вратите од врата и да ѝ објаснувате дека е дома. Да де, знам дека не правам ништо според упатствата на докторите, знам дека можеби ѝ ја влошувам состојбата, но и мојата состојба е лоша. Станувам сѐ полабилна, понервозна, поплачлива, којзнае, можеби и јас го губам разумот!

Секој ден е потполно ист, а јас живеам исто како да имам бебе. Ѝ помагам да стане, ја носам во купатило, ја средувам, ја облекувам, ѝ правам појадок, ја хранам, а во меѓувреме, го вклучувам компјутерот и пишувам. Понекогаш јаде и сама, зависи што има за појадок, ако е нешто што може да се јаде со раце, тогаш јаде сама. Понекогаш пак, не сака да јаде, понекогаш не знае да ја отвори ниту устата, ја мести како за пиење кога ѝ давам нешто со лажица, а кога ѝ давам да пие, ја отвара како да треба да лапне некој голем залак. Честопати ѝ ја оставам шолјата со кафе, чај, какао или салеп пред неа, па таа пие самата. Понекогаш успева, понекогаш сѐ се истура врз неа. Тогаш треба да ја пресоблечам а таа вели да престанам да ја малтретирам, знае и да ми го свитка прстот, баш оној што секогаш ме боли. Ама уште повеќе ме боли кога ќе ми каже да си одам веќе еднаш и да ја оставам на мира затоа што во спротивно ќе ми викне полиција. Ме колне, ме гледа со омраза, да може, односно, да е малку посилна, таа би можела и да ме повреди. Се фаќам себеси како понекогаш, кога ми е лута, се плашам да ѝ го свртам грбот. Знаете, колку и да е стара, немоќна и слаба, добива неверојатна сила кога е налутена или исплашена.

Ѝ велам, јас сум ќерка ти, тука сум зашто те чувам тебе, не можеш сама, и знам дека пак велам нешто што не треба да го кажам. Не треба да  објаснувам, треба да се согласувам со сѐ што ќе каже. Да, така велат експертите. А мислите ли дека е подобро да ја оставам таква натопена и полеана со какао на пример? Незнам, можеби и е подобро, не сум пробала досега и не ми оди од рака да ѝ  одобрувам и да се согласувам со сѐ што таа сака, односно не сака да направи. Знам дека не ме разбира што ѝ зборувам, и знам дека е глупаво тоа што имав доволно време за да се навикнам на оваа проклета болест и да се прилагодам, ама едноставно не ми оди. Секој ден, по цел ден, што се вели, 24/7, сум со мајка ми и секојдневно се обидувам да вратам барем дел од неа, па правам кафе, седнувам и се обидувам да разговарам со неа.

Кога вчера здрма земјотрес, истрчав кај мајка ми и ѝ реков: „Мамо, го почувствува земјотресот?“ А таа вели: „Е, ѝ викам јас неа така, ама она знаеш каква е, и јас сега дојдов, знаеш каде бев, таму кај тоа, онаму,…“, бесмислени реченици, везе ли везе, а јас, јас немам со кого да зборувам. Ова веќе не е мајка ми. И никогаш нема да биде.

Мајка ми беше многу грижлива мајка, а сега, иако понекогаш знам од мака да се расплачам пред неа, таа ниту главата не ја врти кон мене, не пак да ме праша што ми е.

Знае и самата да се расплаче, изгубена, исплашена, седи во некој дом кој не ѝ личи на нејзиниот дом, со некојаси ‘жена’ која постојано ѝ кажува што треба да прави, која не ѝ дозволува да излезе надвор, па дури знае и да ѝ се развика, да ја присили да ги испие лековите кои таа упорно ги плука, и уште постојано ја убедува дека ѝ е ќерка иако таа воопшто не се сеќава на неа.

Да, знам дека не треба така, ама еве веќе 7 години, јас сѐ уште, незнам како. Се обидувам, често премолчувам, се правам дека не ја слушам, ама тоа не трае долго.

Има понекогаш и убави моменти, оние кога сака да ме гушне, речиси како порано. Веднаш ја прифаќам прегратката, затоа што знам дека оваа состојба ниту ќе трае ниту пак наскоро ќе се повтори. Којзнае, можеби за две-три недели, за два-три месеци, а можеби и никогаш повеќе.

Мислите дека вреди да се чека на една прегратка од мајка ви?

Којзнае, можеби и вреди. Не можам да ви го опишам чувството, освен ако можете да си замислите како би се чувствувале вие кога наеднаш пред вас би се појавила вашата покојна мајка и би ги раширила рацете да ве прегрне. Да, токму така се чувствувам и јас во таквите моменти.

А во меѓувреме, во меѓувреме се мачиме една со друга. Таа мене, а очигледно, и јас неа. Мајка и ќерка, или барем она што останало од нив.

Знаете, иaкo e тука, до мене, веќе со години и јас не сум нечие дете.

Фото: Freepik

loading...