Како да ги заштитиме децата од сексуална експлоатација?

Не постојат статистички податоци за степенот на сексуална злоупотреба врз децата во Европа, но познато е дека постои голема разлика помеѓу бројот на формално пријавени случаи и реалниот број на случаи. Со цел заштита на децата од сексуална злоупотреба во индустријата за патувања и туризам, во петокот беше потпишан ECPAT Кодексот  за соработка, прв од ваков вид во хотелиерската индустрија во нашата држава.

0
162

Accor, светски водечката хотелиерска групација, Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Македонија и невладината организација Отворена порта – Ла Страда го потпишаа ECPAT Кодексот  за соработка насочен кон заштита на децата од сексуална злоупотреба во индустријата за патувања и туризам, прв од ваков вид во хотелиерската индустрија во нашата држава.

Уште од раните деведесетти, невладината организација ECPAT International (Спречување на проституцијата со деца, порнографија и трговија со деца за сексуални цели), создаде мрежа од 85 субјекти во повеќе од 77 земји за да ги заштити децата и да им стави крај на сите форми на комерцијалнo сексуална експлоатација на деца. Оттогаш тие работат со претставници на туризмот и туристичката индустрија ширум светот, со цел подигнување на свеста и борба против сексуалната експлоатација на децата. Воспоставени се партнерства со засегнатите страни во индустријата, вклучително и примена на Кодексот за заштита на децата од сексуална експлоатација при патување и туризам. Кодексот е иницијатива предводена од индустријата и повеќе засегнати страни со мисија да обезбеди свесност, алатки и поддршка за туристичката индустрија во остварување на целите за борба и спречување на сексуалната експлоатација на децата при патувања и туризам. Учесниците во индустријата што го прифаќаат и потпишуваат Кодексот за соработка се обврзуваат да ги информираат потрошувачите и вработените за нивната политика за заштита на децата, да пријавуваат потенцијални случаи и да применат други мерки за заштита на децата.

Кодексот за соработка во туризмот, создаден во 1996 година со поддршка на Светската туристичка организација (СТО) и секторот за туризам, за прв пат е донесен и усвоен во 1998 година. Истиот започна да се имплементира од туристичката индустрија од 2004 година.

Accor дава свој придонес преку едукација на своите вработени за откривање и пријавување случаи на сексуална експлоатација на деца во туризмот и угостителството и информирање на гостите во хотелот за ваквата политика и определба. Accor преку својата широка мрежа на светски брендови – ibis, ibis Styles, Novotel, Mercure, Pullman, MGallery, Sofitel и останатите, официјално ја изрази својата волја за поддршка на овој концепт преку потпишување на Кодексот за заштита на децата од сексуална експлоатација во туризмот.

Нашата заложба е масовно да ги едуцираме и информираме вработените, гостите и клиентите за да се зголеми превенцијата и свеста за овој неприфатлив проблем – коментира Катарзина Новак,  Менаџер за корпоративни односи со јавноста и корпоративна општествена одговорност, Accor Југоисточна Европа.

Глобално присутни со повеќе од 4900 хотели, Accor има за цел да биде лидер во создавањето на трендовите за одржливост во хотелиерството преку континуирано создавање на вредности, вклучувајќи економски, одржлив и социјален аспект каде заштитата на децата е дефинирана меѓу приоритетите и е составен дел на етиката на Accor и Повелбата за корпоративна и општествена одговорност.

Цврсто веруваме дека денешното потпишување на Кодексот е голем чекор напред за натамошни посериозни заложби во градење на одговорен туризам во нашата држава“, додаде Катерина Илиевска, Генерален менаџер на Ибис Хотел Скопје.

Се проценува дека помеѓу 10-20% од децата во светот се сексуално злоупотребени за време на своето детство и дополнително, секоја година речиси 2 милиони деца се жртви на комерцијално сексуална експлоатација. Некои од сторителите се туристи и патници. Но, повеќето деца се тргувани во сексуално ропство, за што сведочат прикажаните слики од сексуална злоупотреба на деца ширум светот на интернет. Оваа појава не бележи намалување и одредени форми на сексуално насилство прераснуваат во се поголема грижа. Интернетот го олесни начинот на злоупотреба на децата и дистрибуцијата на материјалите со сексуална експлоатација на деца. Децата прикажани во порнографија, се сè помлади, а сликите стануваат детални и сѐ понасилни.

Сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на деца се грозоморни злосторства кои имаат сериозни и долгорочно негативни ефекти врз децата кои биле жртви. Сепак, многу мал број на насилници се уапсени, а уште е помал бројот на оние кои се осудени. Не постојат статистички податоци за степенот на сексуална злоупотреба врз децата во Европа, но познато е дека постои голема разлика помеѓу бројот на формално пријавени случаи и реалниот број на случаи. Сексуалната експлоатација останува главна цел на трговијата со луѓе. Според извештајот на Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција за 2018 година, во Македонија се откриени 9 жртви на трговија со луѓе, од кои 6 се деца.

loading...