Како да се грижите за вашите заби кога сте болни?

При стомачен грип најчесто се јавува и повраќање, а непријатното  чувство во устата по него, вообичаено  се отстранува со миење на забите. Но, најдобро би било да се почека барем половина час или устата да се исплакне со мешавина од вода и сода бикарбона

0
101

Во овој период од годината секогаш расте бројот на болни од настинка или грип. Првите симптоми, речиси никогаш не ја одминуваат усната шуплина па затоа за да му се помогне на телото потребно е да се поведе повеќе грижа за своето здравје, а тоа вклучува и нега на устата.

Затоа сакам да споделам некои совети , кои можат да Ви помогнат кога ќе се разболите.

При повраќање, зголемена температура, неопходно да се внесуваат доволно течности за да не дехидрира организмот . Чаевите, прашoците за намалување на температура или елекролитите, подобро е да имаат што помалку шеќери или е најдобро да се пијат без да се заcладуваат. Бактериите во устата што предизвикуваат кариес имаат зголемен раст и активност во присуство на шеќери, па така се забрзува создавањето на кариозните шуплини.

Повраќањето најчесто се јавува при појава на стомачниот грип. Непријатното  чувство во устата вообичаено  се отстранува со миење на забите веднаш штом ќе се поврати . Но, најдобро би било да се почека половина час. Кога доаѓа во контакт со забите стомачната киселина се лепи за нив. Ако забите се измијат веднаш, само се втрива киселината во глеѓта и на тој начин се оштетува.  Затоа се препорачува прво да се исплакне  со вода или да се раствори  вода и една лажичка на сода бикарбона и да се направи гаргара за да се неутрализираат киселините.

Во зимскиот период , особено при настинки  се препорачува зголемен внес на  цитрусното овошје, затоа тоа што е богато со витамин Ц. Но , киселината што ја поседуваат портокалите, лимоните, цитроните, влијае на забите исто како стомачната киселина,  па затоа важат истите совети за нега на забите како при повраќање.

Неопходно е да се продолжи со редовно миење на  забите со пасти збогатени со флуор, употреба на забен конец, да се чисти површината на јазикот кадешто исто така се таложат голем број на бактерии. Пожелно е по оздравувањето веднаш да се замени четката за заби, особено ако истата  се користи веќе 3-4 месеци.

Доколку се појават одредени тегоби и непријатност во устата и  кога симптомите на болеста ќе се повлечат, најдобро е да се закаже преглед кај стоматолог, да се добие помош и терапија пред  да се развијат посериозни патолошки процеси.

Д-р Јасмина Трајкова – Пети

Фото: Pexels

loading...