Како да се грижите за децата ако се разболите од коронавирус?

Педијатриски специјалист за инфективни болести ги советува родителите како да се однесуваат во случај да заболат од КОВИД 19.

0
738

Американскиот магазин Wired објавил совети од инфектолог за родителите во случај да заболат од новиот коронавирус:

Назначете го лицето кое ќе ве замени во случај на болест

Предвидете го најлошото сценарио – дека и вие и вашиот партнер истовремено посериозно ќе се разболите и мора да одите во болница и дека некој мора да се грижи за вашите деца наместо вас. Привремен старател треба да биде некој помлад, кој не е во ризичната група.

Изолирајте се, но останете дома

Ако немате никој во домаќинството кој е загрозен, мерките што треба да ги преземете се исти како кога станува збор за грипот – често миење на рацете, одвоен прибор за јадење и спиење во посебна просторија. Ако вие му го пренесете вирусот на партнерот, вашите симптоми веројатно нема да се појават во исто време. Затоа, оставете ги децата да бидат згрижени од оној кој во моментот е во подобра состојба и помалку заразен, а познато е дека вирусот најлесно се пренесува во првите неколку дена по појавата на симптомите.

Одржувајте ја хигиената таму кадешто е „сообраќајот“ најгуст

Одржувајте добра хигиена, но не мора сè да стерилизирате. Повеќето силни средства за чистење дома можат сосема пристојно да го отстранат вирусот. Сепак, обрнете посебно внимание на бањата, бидејќи вирусот се пренесува и преку феко-орален пат. Ако пациентот не е во состојба да користи посебна бања, дезинфицирајте ја ВЦ шолјата и површините кои често се допираат секој ден, како што се кваки, рачки и типки. Секој пат кога ќе се пушти вода од котлето, се создаваат аеросоли, затоа чувајте ги четките за заби колку што е можно подалеку од тоалетот. Пред да пуштите вода не заборавајте да ја спуштите даската. Темелното миење на рацете по употребате не треба ни да се споменува.

Грижете се за себе

Најдобар начин да се зачувате од инфекција е да се грижите за себе – добро да јадете, да вежбате умерено редовно, да избегнувате стресни ситуации и да спиете многу. Ова не е момент да се биде најдобриот родител на светот, кој се исцрпува во желба на останатите да им биде сѐ потаман. Опуштете се и спротивставете им се на родителските инстинкти, затоа што во овој момент најдобриот родител е – здравиот родител.

Фото: Freepik

loading...