Како да се спречи навиката за озборување кај децата?  

За децата на возраст од 8 до 9 години, озборувањето претставува само забава. За да избегнете ваква непријатна ситуација, мора да го научите детето да ги почитува другите.

0
109

Родителите веднаш се загрижуваат кога ќе сфатат дека нивното дете е подготвено да озборува. Меѓутоа, за децата на возраст од 8 до 9 години, озборувањето претставува само еден облик на забава. За да избегнете ваква непријатна ситуација, мора да го научите детето да ги почитува другите, пишуваат стручњаците од Parents.

Ребека Еклер од Торонто раскажала како нејзината ќерка Ровен Четнер се вратила од училиште вознемирена затоа што слушнала озборување дека некоја ученичка заради неа се префрлила во друго училиште.

„Дури и кога ѝ објаснив дека девојчето веројатно го сменило училиштето  затоа што нејзиното семејство се сели, Ровен беше вознемирена заради фактот што другите деца зборуваат за неа“, објансува Ребека.

Грдите озборувања, шепотења и непријатни коментари почнуваат да се шират како пожар помеѓу 8-годишниците и 9-годишниците.

„Децата на оваа возраст го користат озборувањето за да истражат колку влијание и моќ имаат над другите“, објаснува др.Карин С.Фреј, професорка од универзитетот во Вашингтон.

Она што треба да го направите е да престанете да се нервирате и да реагирате во согласност со ситуацијата.

Раздвојте го прераскажувањето од озборувањето

Мора да бидете свесни дека вашите деца зборуваат за други личности со пријателите. Една студија на Универзитетот Дјук барала од 60 двојки девојчиња во четврто одделение „да си играат слободно“ околу 15 минути. Во текот на тој период тие озборувале зборувајќи во просек за 24 различни личности. Повеќето од она што го рекле било безопасно муабетење или дури и комплименти, но околу 3-4 од коментарите биле негативни.

„Научете го детето дека овој вид на озборување може да повреди друга личност. Најлесно ќе им објасните ако ги прашате како би се чувствувале кога некој би зборувал така за нив“, советува авторката на студијата Кристина МекДоналд.

Заштита на приватноста

„Вашето дете може да мисли дека, ако она што рекло е вистина, дека тоа не е озборување“, вели психологот Ајлин Кенеди-Мур, авторка на книгата „Непишани правила на пријателството“.

Озборувањето на децата кои не успеале да го положат тестот, прераскажувањето за тоа кој е испратен кај директорот на разговор, зборувањето за децата на кои им треба помош од учителот за да си ги врзат врвките, се само некои од озборувањата за кои децата мислат дека не се лоши.

Меѓутоа, детето мора да знае дека тоа не е пожелно однесување. Научете го детето да не зборува за други личности ако тие не се присутни во текот на разговорот, а потоа објаснете му кои работи не би требало да ги коментира, на пример, чувствителните и семејни проблеми, потоа оние кои би можеле некого да засрамат (лошите оценки).

Лажни пријателства

Децата што озборуваат, за жал, се најомилени во друштвото, тврди др. МекДоналдс. Научете го детето дека тие пријателства се главно лажни, и укажете им колку е озборувањето негативно.

„Кажете му на своето дете: Ако со пријателите озборуваш други, веројатно твоите пријатели ќе те озборуваат и тебе“, советува др.Фреј.

Научете ги дека постојат и други начини да стекнат пријателства, како и дека постојат многу подобри начини за забава со пријателите од озборувањето.

Запрете го ширењето на озборувањата

„Иако некои деца ретко почнуваат некоја „приказна“, тешко им е да одолеат да не ги слушат или да не ги прераскажуваат“, вели др.Кенеди-Мур.

Објаснете му на детето дека не е убаво да шири озборувања, па ако некој му пријде со намера да озборува, да каже: „Тоа навистина не е моја работа!“

loading...