Како изгледа наставата откако училиштата во светот повторно се отворија?

Бидејќи ширењето на коронавирусот се забавува, во многу земји децата се враќаат во училниците, но со превентивни мерки како што се маски за лице и проверки на температурата. Каква е ситуацијата во светот?

0
241

Џејнел Ханчет е Американка која живее во Холандија, кадешто нејзините деца ќе се вратат во училиштата во мај и во јуни. Ханчет, која има четири деца на возраст меѓу 5 и 18 години, во интервју за „Today“ изјавила дека не се плаши од тоа што ќе се случи кога нејзините деца ќе се вратат во своите училници.

„Јас сум апсолутно подготвена за тоа“, рекла таа, објаснувајќи дека кривата на заразените во Холандија се израмнува.

„Тие се враќаат на половина ден и имаат наизменично физичка настава и учење преку Интернет, што значи дека ќе одат на училиште од 8 и 30 до пладне, и тоа само секој втор ден. Деновите кога се дома, ќе ги следат лекциите на Скајп“, објаснила оваа мајка.

Ен-Мари Валоне живее во Кореја, каде нејзините деца учат на далечина од крајот на февруари. Но, нејзините деца на возраст меѓу шест и осум години ќе се вратат на училиштата на 11 мај.

„Постојат голем број на нови протоколи и процедури, како што се утрински проверки на температурата, задолжителни маски за лице, стратешко поставување на средства за дезинфекција на рацете и зголемена дезинфекција на ракофатите и на заедничките простории“, објаснила Валоне.

„Наставниците ќе спроведуваат правила за социјално дистанцирање во училниците и за време на одморот, а училиштето ги одложило сите патувања и активности надвор од училиштето“, додала таа.

Сепак, таа признала дека е загрижена за децата поради враќањето во училишните клупи. Имено, некои од учениците кои одат во училиштето што го посетуваат и нејзините деца треба да патуваат со автобус и по еден час. Покрај тоа, нејзините деца се алергичари, а нивните алергии се најизразени во текот на пролетта, кога сè е во полн цут. Иако тие ќе носат маски, честичките од полен сепак можат да предизвикаат сериозно чешање и стравува дека децата ќе ги допираат очите, носот и устата, а со тоа ќе го зголемат ризикот од инфекција со коронавирус.

Валоне наведува дека не е сигурна како училиштата можат целосно да ги заштитат учениците од ширењето на коронавирусот, а свесна е дека најголемиот дел од товарот за грижа за хигиената на децата, всушност, ќе падне врз наставниците.

„Исцрпувачки е и не можам да замислам колку е тешко за наставниците да ги следат овие правила додека се обидуваат да ги обработат лекциите“, заклучила оваа мајка.

Понатаму, според BBC News, училиштата во некои делови на Кина повторно се отворени. Училиштата во Вухан, градот во кој почнал да се шири коронавирусот, треба да се отворат на 6-ти мај. Покрај маските и социјалното дистанцирање, се појавија и фотографии од ученици кои носат специјални капи, кои ги принудуваат да останат на безбедно растојание еден од друг. Покрај тоа, нивната телесна температура се проверува на влезот во училиштето.

Исто така, CBC известува дека учениците во Тајван јадат во импровизирани „кабини“ и од нив се бара да носат маски за лице. Од родителите исто така се бара да ја проверуваат температурата на своето дете секое утро пред да го испратат на училиште.

BBC News наведува дека во Данска, која била една од првите земји во Европа што ги затвори училиштата поради вирусот, некои училишта повторно се отвориле со акцент на миењето раце и социјалната оддалеченост, но без маски.

Повеќето германски училници остануваат затворени, но Ројтерс известува дека постарите ученици се вратиле во училниците во текот на изминатата недела за да ги положат завршните испити. Ројтерс исто така известува дека Финска ќе ги отвори училиштата на 14 мај, што е нешто малку повеќе од две недели пред почетокот на летниот одмор во јуни, а Австрија планира да ги отвори училиштата такашто ќе ги подели учениците во групи и ќе седат на растојание.

И соседна Словенија, од 15.мај исто така ги враќа учениците во училишните клупи.

Во училишните клупи ќе се вратат учениците од првите три одделенија во основните училишта, матурантите, учениците со посебни потреби и оние кои мораат да ги поправат оценките. Меѓутоа, на образование „на далечина“ треба да се смета и на почетокот на следната учебна година, порачала нивната министерка.

Фото: Pexels

loading...