Како изгледа работата од дома со дете?! А со болен од Алцхајмер?

Многу луѓе ширум светот работат од дома, а за оние кои имаат деца на предучилишна и училишна возраст, ова претставува посебен предизвик. Се согласувам дека е така, иaко јас немам мало дете. Само се обидувам некако да ве утешам... Оф, како би се менувала со вас!

0
219

Многу вработени луѓе кај нас, но и ширум светот речиси два месеци работат од дома. Секако, проблем е кога и двајца возрасни кои живеат заедно работат од дома па си пречат еден на друг, а не пак кога во куќата има и мали деца, особено од предучилишна, но и од училишна возраст, кои исто така си имаат своите обврски и потреби.

Родителите треба да се вооружат со трпение затоа што децата често ќе ги прекинуваат, па набрзо по воведувањето на вонредната состојба, кога многу вработени ги преселија своите канцеларии дома, се појавија и милион совети и препораки за тоа како да се справите со оваа ситуација.

Па така, некои предлагаат родителите пред да почнат да работат, да си играат интензивно со детето дваесетина минути за да можат подоцна да ѝ се посветат на работата.

Еден маж кој работи во издавачка куќа, а воедно е и татко на петгодишно дете, вели: „За пишување е потребна концентрација, а на мојот син му е потребно внимание.

Иако тврди дека е сигурно полесно да му се објасни на петгодишно дете отколку на некое помладо, зошто родителите работат од дома, тој сепак често го прекинува во работата велејќи му: „Еј тато, морам нешто да ти покажам!“

На интернет, на социјалните мрежи и на порталите се појавија едно чудо предлози за активности на децата, вежби со препреки, цртање, играње игри на компјутер, боење боенки, сложување сложувалки, редење коцки, играње со играчките, учење букви…

И навистина, можат барем извесно време да се занимаваат со играње игри на компјутер или на телефон, со гледање цртани филмови, со цртање и боење, играње со играчките и слично.

А замислете сега дека освен што треба да работите од дома, треба да чувате и возрасен човек кој боледува од Алцхајмер!

Прво, многу е потежок од било кое дете, па проблем е да го кренете наутро за да му ги дадете лековите, доколку баш не е расположен за тоа или пак мисли дека го труете.

Второ, кога оди во тоалет му треба повторно помош, се разбира, ако имате среќа сѐ уште да е колку толку подвижен за да оди во тоалет. Најчесто и не знае дали ‘е готово’ или не, па додека му дремете над глава и прашувате дали е готово, ви вика: ‘Незнам, види’.

Трето, треба да го нахраните, а и тоа е понекогаш голем проблем, затоа што, додека на децата нешто или им се допаѓа или не им се допаѓа, или се гладни или не се, болните од Алцхајмер можат да бидат во фаза кога не мислат на ништо друго освен на тоа дека некој се обидува да им наштети. Ем се гладни, ем се плашат да јадат. Самите не знаат да се нахранат себеси, а вам ви треба барем пола час да ги убедите да јадат, а потоа и да ги нахраните. Ако ги нахраните. А и ручекот не може да е било што. Вчерашниот најчесто не го сака. Само денешно, и тоа сервирано како во ресторан со Мишелин ѕвезда, затоа што сѐ друго им е или со сомнителен квалитет или недостојно за воопшто и да го пробаат. Ретко ќе ви кажат дека е нешто добро, дури и кога цело ќе го изедат, најмногу што ќе слушнете е едно мрзоволно: ‘добро е’.

Потоа, лекови, лековите се пијат три пати на ден. Мора да се мисли и на тоа. Најтешко е да се испијат утринските, додека сѐ уште не се расонети. Понекогаш е тешко да се испијат и оние на ручек, а понекогаш и тие последните, за навечер. Ништо чудно на крајот од денот да ви кажат: зошто морам секогаш јас да ги пијам, испиј ги ти еднаш!

Исто така, добри денови се ако поголемиот дел од денот спијат, а тешко вас ако цел ден се обидуваат да најдат нешто што изгубиле, односно, нешто што некој, најверојатно вие, сте им го украле и сте им го скриле.

Шесто, постојано се пакуваат за да си одат ‘дома’. Каде е тоа, никој не знае. Откако во чантата ќе спакуваат (читајте, напикаат) 3-4 марами кои им дошле под рака, едни гаќи, крем за лице, празен паричник, некое старо плетиво, албум со слики, или половина банана која им останала утрото па ја завиткале во салфета и ја пикнале меѓу марамите и гаќите…

Не е баш добро и ако не ве препознава и не знае дека сте мајка (или татко) и ќерка, туку мисли дека ве плаќа. На пример, мајка ми често не е задоволна од услугата и знае да ми забележи затоа што наместо да се занимавам со неа и да ѝ ги барам ‘изгубените’ работи, јас седам на компјутер, ‘кобајаги работам нешто’. Тогаш знае да ми каже да си одам дома. Да, да, во ваков случај јас треба да си одам во некојаси дома.

На пример, во ваков случај мајка ми, ако не си одам, затоа што всушност и немам каде да си одам бидејќи живеам тука, со неа, тогаш чантата во рака, па трга да си оди таа. Дали е во пижами и во папучи не е ни важно. А не е важно ниту тоа што честопати не може да го најде ни излезот. Лошо е и ако го најде. Тогаш сум принудена да ја заклучам вратата, а најлошо е ако со тоа толку многу ја налутам што почнува да тропа на неа и да вика: ‘Помош, помош, нека ме отклучи некој!’

Што да правите тогаш, ја оставате работата и ѝ предлагате да излезете да прошетате заедно, да ја побарате ‘домата’. Ако некако успееам претходно да ја облечам и да ја изнесам надвор, искрено, дури и во периодот кога излегувањето за повозрасни лица беше дозволено само по 2 часа во денот, не ни гледав дали е полициски час или пак не. И онака после 2-3 чекори е веќе изморена па нашата прошетка брзо завршува. Кога ќе се вратите дома, веќе дошло време за следните лекови.

На крајот, кога ќе се пожали дека цел ден не спиела и дека работела нешто (?!) и кога ќе ја сместите конечно на спиење, а вие ќе седнете да си ја завршите работата, не се опуштајте – сигурно ќе оди до тоалет барем еднаш-двапати, ќе сака вода или ќе сонува нешто страшно. Често зборува со луѓе што само таа ги гледа, си ја дели храната со дете што не постои, а некогаш дури знае и да се разнежни зашто тоа мало детенце иако е немирно, е толку многу слатко.

И сигурно дека и јас и кој и да е друг на мое место во ваква ситуација, често сум на крајот од трпението и заборавам дека таа не одбрала да биде таква, а дека јас морам да издржам па макар траело и 6, 7, 10, 15 години…Не дека ќе оздрави, ама ќе трае, и ќе биде лошо, и сѐ полошо и полошо.

А потоа си ја смирувам совеста која и онака постојано ме јаде и си велам, правам сѐ што можам, ама тоа е. А потоа си велам – не, не правам сѐ, немам трпение, а немам ни време. А потоа си велам: па и онака таа дури и не личи повеќе на мојата мајка, и онака често не знае ни која сум, а не знае ни колку сме ни каде сме. Се фаќам себеси како се однесувам со неа како со дете, ја карам ако не ме слуша, ја бањам, ја облекувам, ја шетам, и знам дека тоа никогаш нема да заврши такашто таа самата ќе научи да јаде, да се облекува да се бања…И знаете, не е ни толку слатка како тие ваши мали, немирни дечиња кои многу брзо ќе пораснат, а вам ќе ви недостасува она: Мамо, тато, морам да ти го покажам ова!

Фото: Freepik

loading...