Како комуницирате со децата, така и тие ќе комуницираат со другите

Така како што ние ќе комуницираме со нашите деца, така и тие ќе комуницираат со своето опкружување и ќе се претставуваат себеси.

0
113

Семејството е сржта и основата на сè, па и на комуникацијата. Како што ние како родители ќе комуницираме со своите деца така и тие ќе комуницираат со нивното опкружување. Што е тоа опкружување на нашите деца? Тоа се другарите, училиштето, разните часови и курсеви што ги посетуваат… и сето тоа е всушност публика. Едноставно, во современиот свет во кој живееме имаме современи деца и сите имаме некоја своја публика на која секојдневно ѝ се обраќаме. Така како што ние ќе комуницираме со нашите деца, така и тие ќе комуницираат со својата публика и ќе се претставуваат себеси.

Убавиот збор железни врати отвора

Што е најважно во нашата комуникација со децата? Тоа е начинот или тонот со кој им се обраќаме во различни ситуации. Тоа, на пример, може да биде договарање или преговарање околу исполнување на некои нивни желби. Треба да имаме на ум дека секогаш сè се сведува на тоа – како децата комуницирале со нас, така ќе комуницираат и со своето опкружување. Многу е важно на децата да им се појасни дека постои разлика помеѓу формалната и неформалната комуникација. Родителите главно се трудат да ги учат децата на формална комуникација и тоа повеќето го сметаат за неизоставен дел од воспитувањето. Многумина, меѓутоа, го забораваат значењето на неформалната комуникација. Кога детето ќе научи во неформалните пригоди убаво да разговара и кога ќе научи со аргументи и почит кон другата страна да може да задоволи одредена цел и потреба поради која комуникацијата е започната, тоа е голема работа и на таквото дете формалната комуникација нема да му претставува проблем. Јас многу работев на тоа со моите деца.

Еве пример: мојата ќерка, која има 11 години, неодамна ми изложи проблем дека часовите по тенис ѝ се поклопуваат со други обврски. Јас како родител го повикав тренерот и го известив за тоа и го замолив да ни понуди нови термини и мојата ќерка го слушаше нашиот разговор. По разговорот ѝ реков на ќерка ми дека таа ќе ја продолжи понатамошната комуникација со тренерот околу изборот на термини што ѝ одговараат. Таа не беше задоволна со мојата одлука. Се нижеа изговори: „Како ќе го правам јас тоа“, „Јас сум уште мала“, „Јас не можам“… И покрај сето тоа, ја оставив сама да преговара и врз основа на своите обврски да договара термини кои ѝ одговараат, па да научи самата да го организира своето време. Бев многу задоволна од резултатот од тоа преговарање бидејќи постигнаа договор, а особено бев среќна што го видов моето дете многу гордо што самото успеало со правилна комуникација да го реши проблемот.

Комуникацијата и социјалните мрежи

Кога зборуваме за социјалните мрежи и за апликациите, како што се „Вибер“, „Вацап“…, повеќето родители веднаш реагираат такашто не му дозволуваат на детето да ги користи овие апликации и сето тоа најчесто поради страв од различни видови злоупотреби што може да се појават. Ајде да му објасниме на детето кои се тие злоупотреби и за што се користат овие апликации. Тоа се едноставно средства за брз проток на информации, пораки, известувања. Сведоци сме на сè почеста употреба на „Вибер“ во последно време, откако училиштата практикуваат онлајн-настава поради пандемијата на коронавирусот. Затоа треба да ги научиме децата како правилно да ги користат овие апликации, како правилно да напишат порака, известување, како гласи порака упатена на друго лице, а како гласи порака упатена на наставник, професор. Тука ни е важна онаа поделба од почетокот на текстот – разбирање на формалната и неформалната комуникација и двата вида комуникација, ако правилно се користат, може да нè претстават во нашето опкружување или публиката на вистински начин.

Од сето ова сфаќаме колкаво е значењето на комуникацијата, па затоа ајде да научиме да комуницираме со своите деца и да им покажеме како да се претстават себеси во најдобро светло.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Pexels

loading...