Како мајка ми ме научи да поставувам граници и да се почитувам себеси

Актерката Ерин Брук своевремено привлекла големо внимание на Твитер заедницата кога на својот профил на оваа социјална мрежа напишала како нејзината мајка ја научила да поставува граници и да се почитува себеси.

0
237

Приказната е навистина одличен пример за тоа како ние многу често, несвесно, со цел да се вклопиме во општествените норми и очекувања на другите луѓе, ги принудуваме децата да ги игнорираат своите чувства.

„Сакам да ви раскажам приказна за тоа како мајка ми ме научи дека секогаш имам право да излезам од ситуација што не ми се допаѓа.

Имав можеби седум години, мислам дека првпат отидов да спијам кај другарка. Не се ни сеќавам на нејзиното име. Но, пред да одиме, мајка ми ми рече дека ако се чувствувам лошо, непријатно, во кое било време, од која било причина, дури и среде ноќ, може да ѝ се јавам.

Таа беше целосно јасна. Таа рече дека дури и ако родителите на мојата пријателка легнале, јас треба да одам и да им тропнам на вратата и да побарам телефон. Не е важно што е доцна. И, ако нејзините родители не одговорат на моето тропање, да одам да го најдам телефонот и да ја викнам да дојде.

Мислам дека една од моите другарки (бевме повеќе) ме задеваше. Дефинитивно не беше работата во тоа дека не можев да спијам, дека се плашам од нешто, нешто друго се случуваше, нешто меѓу нас. И ја послушав мајка ми.

Мајката на мојата другарка се обиде да ме обесхрабри. Таа рече дека е доцна, јас реков дека на мајка ми не ѝ пречи. Таа рече дека можам да спијам на каучот ако сакам, јас реков дека сакам да одам дома. Таа рече дека нејзината ќерка е вознемирена поради мене сега, а јас реков дека ме повреди.

Се сеќавам дека ѝ се јавив на мајка ми и таа одговори веднаш. Реков „Мамо“, таа веднаш праша: „Дали сакаш да дојдам?“. Реков „да, те молам…“, ми рече да ѝ кажам на мајката на мојата пријателка да ми помогне да се спакувам и да се подготвам и дека ќе дојде веднаш.

И таа дојде. Во пижами и јакна. Мајката на мојата другарка постојано се извинуваше што ѝ се јавив, а мајка ми само крена рака и рече: „Не извинувај се за моето дете. Само сакам да знае дека има право и дека секогаш може да си оди кога не ѝ е пријатно и дека ќе бидам тука за неа “.

Се сеќавам на групата девојчиња во пижами пред вратата од собата кадешто требаше да спијам, гледаа зачудени сè што се случуваше. И се сеќавам на мајкатаа на таа другарка која постојано се извинуваше. Изгледаше како да не знае што да каже кога мајка ми ѝ објасни зошто не треба да се извинува.

Вакви ситуации има уште доста додека раснев. Мајка ми секогаш ме учеше да поставувам граници. Се сеќавам дека ме однесе преку улицата кај една пријателка од соседството за пред нејзините родители да ѝ побарам извинување за нешто што ми го стори.

Се сеќавам дека таа исто така ме научи како да излезам од работното опкружување во кое се чувствувам лошо.

Не можам навистина да кажам дека секогаш ги следев своите чувства и ги почитував своите граници. Не можам да кажам дека никогаш не сум проголтала кнедла за некој друг да не се чувствува непријатно. Но, можам да кажам дека она што таа ме научи беше важно. Тоа беше и е радикално различно од она што ги учат децата.

Радикално е да се има граници. И да се работи на нив. Во она што го стори, мислам дека три работи беа важни: Таа секогаш беше решителна и јасна дека можам да оставам некоја ситуација во која се чувствувам лошо; таа никогаш не праша зошто и дека можеби претерувам; таа секогаш ќе се појавуваше кога ќе ми требаше.

Но, многу размислував за тоа дека мајкта на мојата другарка која се извинуваше поради мене и како тоа е она што се смета за правилно и нормално. Она што мајка ми ме научи беше различно и радикално, а она што нејзината мајка нè научи се сметаше за нормално: „Само соочете се со фактот дека се лоши кон вас, не малтретирајте никого, одете на спиење, сè ќе заврши брзо, не им пречете на сите “.

Сега, кога сум возрасна, гледам колку е важно сè што ме научи. За некои луѓе, за некои ситуации, нема излез. Но, многу често не оставаме некои ситуации затоа што сметаме дека не е дозволено.

Значи, во случај никој никогаш да не ви рекол – МОЖЕТЕ ДА СИ ОДИТЕ.

Можете да го напуштите состанокот со вашето момче, забавата, работата. Ако сте загрижени дека некој ќе мисли дека не сте доследни, запомнете дека и вашите граници и вашиот интегритет се нешто со што треба да бидете доследни.

Сакав да ја раскажам оваа приказна затоа што пораката што им ја испраќаме на децата секој ден дека треба да издржат нешто за да не вознемируваат некој друг, е премногу силна.

Значи, ако сте личност како мене, која е научена да ги чува своите граници, обрнете внимание на оние кои не се. Веројатно им треба потсетник – треба да слушнат дека е во ред да заминат “.

Фото: Unsplash

loading...