Како птица ќе долетам…книга во раце ќе ти донесам

По идеја на локалната библиотекарка, јавните училишта во округот Монтгомери (Вирџинија, САД), први во светот понудија услуга за испорака на книги од библиотеката до учениците со помош на дрон..

0
23

Пандемијата на Ковид-19 ги затвори училиштата и библиотеките низ САД, но една библиотекарка во Вирџинија смисли начин како децата да продолжат да читаат.

Имено, на учениците во јавните училишта во округот Монтгомери, книгите по нивен избор, сосема бесплатно, до нивната врата им ги доставува дрон.

Библиотекарката Кели Пасек, ја добила оваа идеја за достава со помош на дрон за нејзиниот град Кристијансбург. Лансиран од компанијата „Винг“, овој начин на достава функционира веќе извесно време за доставување оброци и производи во различни домаќинства. Оттука и библиотекарката Пасек ја добила идејата и како оваа технологија може да им биде од полза на децата од нејзината заедница.

„Мислам дека децата ќе бидат воодушевени кога ќе откријат дека се први во светот што добиваат книги од библиотека со помош на дрон“, вели таа.

Комерцијалното доставување со помош на дронови се користи веќе неколку години, а извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, демонстрираше прототип во 2013 година.

„Винг“, која стана прва компанија за испорака со дронови што доби сертификат од Федералната управа за воздухопловство за да може да работи како авиокомпанија во САД, доставувајќи пакети со тежина до 3 килограми во Вирџинија уште од 2019 година, работи и во Хелсински, Финска, и во два австралиски града.

Она што е возбудливо за новиот проект во Вирџинија е тоа што дроновите на овој начин ќе обезбедат пристап до образовни ресурси. Иницијаторката Кели Пасек  се надева дека овој начин на  испорака ќе придонесе децата да бидат уште повозбудени кога станува збор за книгата.

Фото: Фејсбук

loading...