Како се развива способноста за пишување кај децата?

Најчесто за графомоториката слушаме непосредно пред поаѓање на детето во училиште, но нејзиниот развој започнува многу порано, во првите месеци од животот на детето.

0
375

Графомоториката претставува способност за пишување која може да се вежба. Најчесто за неа ќе слушнеме непосредно пред поаѓање на детето во училиште, но нејзиниот развој започнува многу порано, во првите месеци од животот на детето. Освен активностите кои се директно насочени кон користење на молив и пишување, сѐ останато што детето прави со своите раце придонесува за развој на графомоториката. Тоа е: дофаќање на играчките, собирање на ситни предмети, фрлање и фаќање, преместување на предмет од едната рака во другата, редење коцки, тропање со тропалка, самостојно хранење, држење на чаша, отворање и затворање на капак од различни садови, листање на книга (прво подебели страници, а подоцна и потенки), облекување и соблекување на облеката, откопчување и закопчување на копчиња и на патент, сечење со ножици, итн.

Постои развој на фат или држење на моливот кај децата:

Фат со цела рака, се јавува на возраст од 1-1,5 години и детето го држи моливот со цела рака, прстите се стиснати во шаката, рачниот зглоб е свиткан и раката се поместува како целина. Во овој период детето чкрта со моливот.

Прониран фат, се јавува на возраст од 2-3 години, каде рачниот зглоб е во пронација, моливот се држи со прсти, нема отворен лак помеѓу палецот и показалецот, раката се поместува како целина. Во овој период детето чкрта хоризонтални, вертикални и кружни линии.

Статичен тропрстен фат, се јавува на возраст од 3,5-4 години каде моливот се држи со три прста, лакот помеѓу палецот и показалецот е лесно отворен, во текот на пишувањето се движи целата шака. Во овој период детето самостојно прецртува хоризонтални и вертикални линии и круг.

Зрел динамичен тропрстен фат, се јавува на возраст од 4,5-6 години каде рачниот зглоб е испружен, моливот се држи со врвот на прстите (помеѓу палецот, показалецот и средниот прст), има отворен лак меѓу палецот и показалецот, во текот на пишувањето се движат прстите. Во овој период детето самостојно прецртува плус, дијагонални линии, квадрат, некои букви и бројки.

Пишува: Елена Трајческа Дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор

loading...