Од настава во училница до настава под шатори за свадби

Многу од земјите во светот и во регионот ќе чекаат уште неколку дена за да одлучат на кој начин ќе биде организирана новата учебна година, но постојат неколку опции

0
170
Пандемијата на коронавирусот влијаеше на тоа што многу земји сè уште не одлучиле како ќе изгледа наставата во вонредни околности.Многумина ќе чекаат уште неколку дена за да видат како ќе изгледа епидемиолошката слика, за потоа да одлучат помеѓу неколку модели – од посакуваниот во училница, до настава на отворено, под шатори. 
 

Русија

Новата учебна година во Русија започнува на 1 септември и ќе се организира на вообичаен начин, со целосно работно време, со почитување на сите безбедносни мерки воведени поради пандемијата на коронана вирусот, најави тамошниот министер за образование, Сергеј Кравцов.

„Ние се подготвуваме за вообичаен начин на работа на сите училишта, но доколку епидемиолошката состојба во оваа или онаа општина не го дозволува тоа, тогаш на прво место ќе биде здравјето на децата, наставниците, родителите“, рекол Кравцов, истакнувајќи дека нема причина за загриженост.

Министерството за образование и Министерството за здравство се согласија дека медицински работник ќе биде присутен во секое училиште од 1 до 14 септември.

Германија

Летниот одмор во шеснаесет германски сојузни држави започнува во различни периоди, во периодот од јуни до септември, за да не тргнат сите во исто време на годишен одмор. Така, новата учебна година веќе започна во провинцијата Мекленбург-Предна Померанија.

Во 563 училишта, 152.700 ученици имаат „нормални“ училишни часови од понеделник до петок, најмалку четири или пет часа на ден. Повторно се дозволени и часови за музика и физичко образование.

Република Српска

Новата учебна година во Република Српска започнува на 1 септември, а покрај настава во училиште, предложени се и комбинирани часови, делумно во училишните клупи, а делумно и онлајн. За моделот ќе одлучи Владата кон средината на август, во согласност со епидемиолошката состојба.

Учењето од далечина ќе се применува само во случај на влошување на епидемиолошката состојба.

Строгите правила за хигиена во училиштата, кои се применуваат низ целата земја, треба да спречат ширење на пандемијата. Меѓу другото, училниците ќе се проветруваат по секој час, гелендрите на скалите не смеат да се допираат, важно е рацете да се мијат, а средствата за дезинфекција се користат во посебни случаи – не со прскање, туку со додавање во водата за чистење. Носењето маски не е задолжително, а наставниот персонал може да се тестира за вирусот бесплатно.

Времето на започнување на часовите нема да биде исто за сите. Секоја паралелка ќе има свој простор во училишните дворови, соблекувалните и кантините. Планот е дека, доколку се појави зараза, само една паралелка да оди во карантин, додека другите би продолжиле да одат на училиште.

Онлајн наставата би требало да биде исклучок таму кадешто нема доволно наставници кои можат да предаваат во училиштата, затоа што припаѓаат на ризични групи.

Австрија

Новата учебна година во Австрија ќе започне нормално и без маски на час. Конечниот план ќе биде објавен кон средината на месецот, но ресорниот министер веќе објави дека сака нормален почеток на учебната година во септември. Сепак, со мерки на претпазливост, сите би сакале да ги видат учениците во училишните клупи.

За разлика од последните два месеци од изминатата учебна година, кога паралелките беа поделени и се одржуваше настава во смени, од септември, сите деца треба повторно да одат на час во исто време, како во нормални услови.

Ограничувањата ќе се применуваат само доколку новиот „систем на семафори“, кој ја покажува состојбата на „заразеност“ на општината, се менува од зелено во жолто, портокалово или црвено светло, што ќе значи дека училиштата во таа општина ги затвораат вратите и продолжуваат со учење од дома.

Федерација на БИХ

Федерацијата на БиХ сè уште бара решенија, а кантоналните министри доставиле предлози за различни модалитети на одвивање на наставата во септември.

Едниот е целосно да се оживее класичниот модел на настава, постои и опција за мешан модел во кој само ученици од пониските одделенија ќе имаат часови во училиште, а сите други преку Интернет. Тука е и намалувањето на бројот на ученици во класот и работа во помали групи, за да може да се испочитуваат инфраструктурните капацитети на училиштето и заштитата на учениците. Опција е и продолжување на настава преку Интернет доколку во септември се влоши епидемиолошката состојба.

Америка

Во училиштата кои оваа есен ќе имаат настава во училниците, од учениците ќе се бара или барем „силно ќе се предлага“ да користат маски, покрај неопходното проветрување на просториите. Некои, вклучително и секретарот за образование, Бетси Девос, велат дека решението може да биде да се предава надвор, како што се правело за време на епидемиите на туберкулоза и на грип во раните 1900-ти, дури и по ладно време. Корона вирусот се шири помалку ефикасно надвор и ќе биде полесно да се организира учениците да седат на растојание од два метри.

Неколку училишта на североисток на САД купиле големи свадбени шатори и планираат да ги користат за часови на отворено до ноември.

Училиштата низ Соединетите држави имаат слични проблеми – стара климатизација и греење, вентилација што не работи добро или воопшто не работи затоа што одржувањето и замената се одложени поради малите училишни буџети.

Црна Гора

Националното координативно тело за заразни болести на Црна Гора им препорача на Министерството за образование и Институтот за јавно здравје да ги подготват и дефинираат предусловите за почетокот на учебната година во редовен термин и во полн капацитет.

„Посетувањето настава, престојот во училиште и предучилишни установи имаат незаменлива воспитна улога. Затоа, потребно е да се подготват јасни препораки навремено со цел да се овозможат редовни активности во сите училишни и предучилишни установи во земјава на безбеден начин“, соопштило ова тело кое дозволува собири до 100 лица на отворено и до 50 во затворено.

Хрватска

Како ќе изгледа новата учебна година и дали сите или само некои ученици ќе седнат на училишните клупи на есен или училниците повторно ќе бидат празни, се чека одлуката на министерот за образование, а училиштата се подготвуваат за три можни сценарија. Првото е исто така најпосакувано: настава во живо и враќање на сите ученици на училиште и настава на далечина по потреба и за одредени групи ученици.

Вториот, мешан модел, е комбинација на настава во живо и настава на далечина. Не би имале истовремено сите настава на училиште, а приоритет треба да имаат учениците од пониските одделенија и матурантите. За другите, промените се можни недела по недела. Третиот модел е учење на далечина.

Унгарија

Новата учебна година во Унгарија ќе започне на вообичаен начин, а училиштата ќе се отворат на 1 септември.

„Статусот на епидемија на коронавирус не е изговор за дигиталното образование да ги замени училниците“, се вели во соопштението и се додава дека имало значително зголемување на бројот на случаи на коронавирус во многу земји и дека бројките во Унгарија биле загрижувачки.

Исто така, се наведува дека ќе бидат воведени нови мерки доколку владата и релевантните органи сметаат дека е потребно.

На училиштата ќе им биде испратен протокол за спречување на коронавирус, а родителите не треба да испраќаат деца со симптоми на Ковид 19 на училиште.

Според указот на владата што ќе биде објавен наскоро, новата учебна година во Унгарија започнува на 1 септември и завршува на 15 јуни 2021 година.

Македонија

Кај нас сѐ уште нема одлука како ќе почне учебната 2020/2021 година поради пандемијата на Ковид-19. Комисијата за заразни болести даде препораки како да се почне, а потоа ќе треба да се донесе конечната одлука. Вчера Комисијата препорача учениците до трето одделение да одат во училиште, а за останатите да има онлајн-настава, односно да учат од дома.

Засега се во опција три модели на настава. Со физичко присуство, комбинирана и целосна онлајн-настава.

Во меѓувреме, докторот Нико Беќаровски, од Клиниката за Токсикологија, на Фејсбук го напиша својот предлог за одвивање на наставата.

„Овие денови најгорливо прашање е каква настава ќе имаат учениците. On Line, or On board, that’s the Question now??? Еве еден мој скромен придонес, кој е комбинација од двата модела, кој драстично ќе го подобри квалитет на наставата, а на минимум ќе ја редуцира можноста за дисеминација на вирусот.

Министерството веднаш ги опремува сите училишта со униформни платформи за on line настава. Сите наставници одат на работа според регуларно направен распоред.

Од својата училница држат регуларна настава во траење од 30 минути, која учениците ЗАДОЛЖИТЕЛНО ја следат и активно учествуваат во неа.

Меѓу секој час има 15 минути пауза.

За сите ученици обезбеден бесплатен неограничен интернет на нивните мобилни телефони.

Сите ученици кои немаат можност за следење на наставата преку електронски пат, присуствуваат физички на наставата.

На крајот од секое тромесечие, сите ученици од еден клас, поделени во 4 групи во 4 различни термини со физичко присуство имаат писмен тест, писмена работа или усно испрашување од соодветниот наставник.

Предметот физичко воспитување, во четири одделни групи се изведува со физичко присуство секоја втора недела.

Во сите рурални и градски средини, каде индексот на контаминираност е низок или го нема се одвива регуларна настава.

Се друго освен ваков или некој сличен модел е #JokeOfEducation кое дополнително ќе го руинира веќе руинираниот образовен процес“, вели тој.

Фото: Pexels

Анализата за другите држави ја презедовме од ТУКА.

loading...