Кај родителите, кнедла во грло, кај децата – насмевки и радост

Наставници хуманитарци, воспитуваат деца хуманитарци. Потврда за ова е наставникот Иле Михајловски од Свети Николе, чии хуманитарни акции за помош на децата од социјално загрозените семејства, ги следат и неговите ученици, но и колегите. Тој и неговата колешка, наставничката Стефани Цветковска-Илиевски од Крива Паланка, организираат хуманитарни акции за обезбедување училишен прибор и функционална ИТ опрема за учениците во нивните градови и во околните села.

0
760

Иле Михајловски работи како одделенски наставник веќе 25 години. Неговата сегашна генерација ученици се четврто одделение во ООУ „Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Со своите ученици, вели, секогаш има близок и искрен однос, со доволна доза на потребен авторитет.

„Во мојот секојдневен однос со нив, постојано се проткаени воспитни и морални елементи, силно акцентирани, оти живееме во време кога токму тие вредности сѐ послабо се ценат. Строг сум по потреба, но таа строгост не ја надминува границата преку која кај моите ученици би поттикнал страв и одбивност, напротив, да се согледа сопствената грешка и како да се поправи односот или учењето.

Инвентивноста и креативноста е индивидуална карактеристика на секој поединец, а нашата професија е токму таква, индивидуалистичка. Често во работата им давам улога да се чувствуваат возрасни, а тие често настапуваат многу сериозно и одговорно. Ги користам сите извори со кои наставата може да излезе од класичните рамки и да им го разбуди интересот што повеќе. Тие ми се најголемите сојузници во работата и често со секоја генерација ученици уриваме бариери и се трудиме секогаш да пратиме позитивен пример во заедницата. Постојат многу интересни ситуации во секоја генерација ученици: им беше доста интересно по обработка на лектира да гледаме екранизирани лектирни дела како филмови, па се развиваа различни дебати, сѐ со цел да се поттикне желбата за читање што повеќе. Тоа беше форма на наше лично кино, знаевме да гледаме проекции на сончевиот систем во мрачна училница каде проекторот беше насочен на таванот. Одлично искуство за нив, кај некои го надминавме и стравот од темнина. Заеднички прослави на родендени, организирање на  родендени на другарче од социјално загрозени семејства каде главниот збор во акцијата го имаа тие, а јас бев само оној кој помагав идејата да стане реалност“, раскажува овој наставник кој ги инспирира на хуманост не само своите ученици, туку и колегите.

Стефани Цветковска-Илиевски е наставник по германски јазик во ООУ „Јоаким Крчовски“  во Крива Паланка. Нејзиниот предмет е изборен и се изучува од шесто одделение, па таа досега работела со повеќе од 500-тини ученици во централното училиште, како и во подрачните училишта во руралните средини.

Таа смета дека пријателскиот однос со учениците е важен за изградба на децата како личности, но и дека е корисен за наставата. Соработката, вели, функционира правилно сѐ додека учениците можат да видат пријател во наставникот, но и да знаат дека тој го има последниот збор.

„Можеби сум почетник и допрва ќе учам, но овој  пристап досега вроди плод и сум задоволна од тоа. Сметам дека сум доста инвентивна кога е во прашање мојот час. Преку игри, собирање поени и награди успевам да ги мотивирам моите ученици редовно да ги извршуваат домашните задачи и да бидат активни на часот, а за мене тоа е најважно“, вели таа. Но она што најмногу ја радува е она што го прави следејќи го примерот на својот колега Иле.

„Радоста во детските очи кога ќе добијат нешто што долго го посакувале…не можам да ви опишам, едноставно, тоа ме прави среќна. Следејќи го примерот на колегата Иле, случајно видов објава во една група и напишав порака, доколку е можно да добиеме нешто училишен материјал и ИТ уреди. Благодарение на Македонците во Германија и Петар Наумовски кој ми помогна најмногу, за експресни две седмици го добивме материјалот. Имаше прекрасни парчиња, од интересни гумички за бришење, прибор за математика, ранци, моливи, острилки, боички од секаков вид , посебно ни се допадна што имаше многу интересни книги и помошен материјал за изучување германски. Мислам дека, посебно не направи среќни што приборот беше германски, нов и интересен. Децата беа пресреќни, не можам да ви ја опишам таа среќа, детската насмевка, велат, е најискрена.

Инаку, ова е моја прва ваква акција, но верувам во доброто во луѓето и знам дека кога сме обединети можеме многу, а особено кога се работи за нашата иднина, за нашите деца. Секое дете заслужува нормален образовен процес. Очекувам многу, очекувам и верувам дека секое детенце ќе биде среќно и задоволно секој ден кога ќе почне да ја пишува домашната, кога ќе се спрема за тестот, или едноставно, кога како и останатите ученици ќе успее без проблем да ја следи онлајн наставата. За тоа сме им потребни ние, возрасните, затоа апелирам до сите мои колеги, пријатели и добронамерници да ме поддржат во оваа иницијатива и да обезбедиме нормални услови за настава за секое дете“, порачува Стефани.

Наставникот Иле кој вели дека во неговата работа хуманите акции се редовни, со секоја генерација ученици, се обидува преку нив да го развие хуманото кај учениците, зголемување на желбата да им се помогне на другарчињата, па затоа често се вклучени во нив.

„Во местото кадешто живеам и работам, учениците, колегите и граѓаните знаат за овие акции, па колку можам добивам поддршка. Со почетокот на оваа учебна година, состојбата со вирусот ме мотивираше да почнам ваква акција првенствено затоа што имав одредена количина на училишен прибор обезбеден од свои извори. Но ми се виде дека не е доволно, па објавив пост на мојот ФБ профил каде веднаш почнаа да се јавуваат мои блиски пријатели, соработници, луѓе кои ме познаваат од претходни акции. Се вклучија и одреден број на родители на ученици на кои не им предавам, фирми, една поголема компанија, неколку книжарници, пријатели од странство. Неколку медиуми пишуваа за акцијата и така приказната се рашири ширум државата, па искрено, позитивно бев изненаден што се јавуваа и луѓе од други градови. Убавото е тоа што акциите сѐ уште имаат свој континуитет. Ме контактираше администраторот на ФБ групата „Македонци во Германија, Петар Наумовски, кој сакаше на нивната страна да сподели за мојата акција со цел да добиеме поддршка и од наши луѓе иселеници кои живеат и работат во Германија. За кратко време тој обезбеди еден пакет со училишен прибор, дел ИТ уреди, како веб камери и еден таблет, кои со обезбеден превоз од нивна страна стаса во Македонија. Добиениот материјал беше распределен на ученици со посебни потреби кои за разлика од другите ученици повеќе го трошат училишниот прибор. На добиениот таблет инсталирав повеќе апликации наменети за работа со ученици со посебни потреби кои помагаат во правилен развој на говорот, графомотирички активности, активности за полесно совладување на буквите и бројките, со оглед на тоа што овие ученици најлесно учат визуелно. Па така еден таблет се користи од сите ученици со посебни потреби во училиштето.

Од собраниот материјал беа донирани речиси 160 пакети со училишен прибор. Со нив успеав да покријам две основни училишта во мојот град, едно основно училиште во с.Ерџелија кое потпаѓа под нашата општина и одреден број на училишен прибор за забавишните групи во детска градинка во градот. Во една кеса за ученик од прво до петто одделение имаше 10 тетратки, неколку блокови за цртање, скицирање, петолиние, несесер за прибор, фломастери, водени бои, темперни бои, четки, палети, флејти, острилки, моливи, гуми, глинамол, пластелин, пластифицирани таблици за множење и делење, ранци, линијари со форми, додека во пакетите за поголемите ученици, дел од приборот е ист, но со дополнување на тетратки во А4 формат, шестари, папки, пенкала, комплети линијари, различни видови четки, ранци. Секако, во пакетите се обидов да вклучам и по некое слатко задоволство.

Откако ги подготвив сите пакети спакувани во кеси и поделени во категории и истите ги дистрибуирав до таргетираните училишта, директорите на училиштата заедно со стручните служби детектираа број на ученици од ранливи категории на кои тие им беа доделени. Сериозно и одговорно ги откриваа учениците на кои им е потребна помош преку социјалната структура на секоја паралелка, што за мене беше најважно, сѐ да стаса онаму кадешто е потребно. Донираните пакети најчесто ги преземаа родителите, не сакав донациите на било кој начин да го нарушат нивното достоинство, ниту пак децата да бидат фотографирани и ставени јавно на тапет. Сѐ се заврши без непотребна помпезност, но од можноста што ја имав да видам одредена реакција на родителите, не можеш да останеш рамнодушен. Тивка благодарност, кнедла во грло, скриена солза, а верувам многу насмевки и радост кај децата.

 

Втората акција која напоредно ја започнав е обезбедување на функционални ИТ уреди (десктоп, лаптоп компјутери, таблети), бидејќи нема град во кој нема број на ученици кои немаат уред за следење на онлајн настава. Досега во моето училиште се обезбедени над 10 уреди кои се донирани од поединци, 4 компјутери добивме од компанијата „Лион“ од Свети Николе. Истите веднаш беа поделени на учениците кои по добивањето веќе следниот ден беа активни учесници во наставата. Знам дека не е доволно, во мојата општина се потребни уште 50-на уреди за деца од другите училишта. Деновиве веќе обезбедив 6 компјутери на моја радост, бидејќи уште еднаш споделив пост на мојот профил, најмногу со цел да го искористам импактот кој социјалните мрежи го имаат овој период, но во хумани цели. Се надевам дека до Нова година бројот на обезбедени уреди ќе се зголеми , во себе искрено посакувам да  ги обезбедам потребните 50 уреди, но колку и да обезбедиме, секако стасуваат таму кадешто треба па од ден на ден полека се зголемува бројот на активни ученици кои досега не посетувале онлајн настава поради немање уред“, вели нашиот соговорник.

Што се однесува до онлајн наставата, и двајцата сметаат дека ништо не може да ја замени директната интеракција наставник – ученик во училница, но дека едноставно, мораат да се прилагодат на ситуацијата која не е предизвик само за учениците, туку и за наставниците.

Наставничката Стефани Цветковска-Илиевски вели дека сега нејзиниот дом во кој одгледува две мали деца, станал и училница за нејзините ученици, па не ја чудат ситуациите кои се откриваат за време на онлајн наставата.

„Има доста ситуации, но свесни сме дека сите живееме на ист начин, не може секој да оди во посебна соба, има семејства кадешто во исто време следат настава два, три ученика. Се случува да суфлираат родители, да заплаче детенце или слично…секојдневни ситуации“, се смее таа.

Според нејзиниот колега, овој вид на настава има и свои добри и лоши страни. „Моето сегашно одделение за среќа на сите, комплетно се вклучени во онлајн наставата, немаме ученик кој нема уред за работа. Не би сакал да наоѓам забелешка на просторните услови кои секое дете ги има, неблагодарно е, затоа што секој родител обезбедил максимум што може за своето дете. Апликацијата преку која работиме има доволно опции за споделување на секаков вид материјали што е голема предност, па како наставник ги користам сите можни дигитални ресурси, но редовно изработувам и мои. Непријатните ситуации се случуваа на почетокот, бидејќи на оваа возраст учениците не се информатички доволно писмени, што за нив е дополнителен стрес. За мене како наставник е навистина доста стресно додека да ги оспособам сите ученици квалитетно да ги владеат сите техники за самостојност во работата, но се обидувам колку што можам кај нив да го намалам овој стрес. Сепак, тие се најмалку виновни за сѐ што се случува околу нив. Им требаше некое време додека да го совладаат кодексот на правилно однесување за време на онлајн настава, не дозволував да се служат со мутирани зборови од типот „мјутна“, „ливна“, иако ги имавме на почетокот. Од ден во ден сѐ подобро се вклопуваат со постојана мотивација од моја страна да го извлечат максимумот од овој вид настава.

Инаку, на децата им недостасува одењето во училиште, си недостигаат, им недостасува играта, дружењето, сите училишни згоди и незгоди кои дома не можат да им се случат. Внимавам на кој начин разговарам секогаш на оваа тема, затоа што секое дете овој лош период го доживува различно. Потребен им е убав и искрен збор, моменти на поттик и секојдневно покажување дека некој верува во нив и особено дека за нив сум постојано тука. И тие со нетрпиение очекуваат да заврши пандемијата, затоа што исконското во секое дете е да трча, да биде активно, да се дружи, да игра, да биде дел од својата генерација, да се натпреварува и докажува. Седењето дома тоа никако не може да го понуди, за жал.

Горд сум на моите ученици што во акциите кои ги правам ја препознаваат мојата желба да се помага и на други деца. Често и сами знаат да се вклучат. Дел од нив знаеја да ми заѕвонат на врата и да ми донесат кеса со прибор купен од нивни заштедени пари. Минатата година за Нова година заедно со учениците и родителите доделивме 30-на новогодишни пакетчиња и 10 пакети облека за деца. Додека носеа и ги средуваа и пакуваа пакетчињата и облеката, доволно беше да им се погледне сјајот во очите! Нема потреба што друго да кажам, освен дека најмногу од наставникот зависи какви генерации ученици ќе изнедри со својата работа. Ме радува што уште од мали моите ученици се хумани и посветени во секоја од акциите што ги правам. Во оваа борба не сум сам, освен сите хумани луѓе, најголема радост ми е токму поддршката од моите ученици“, вели овој посветен и инспиративен наставник.

Тој и неговата колешка Стефани продолжуваат со хуманите акции со надеж дека ќе усреќат уште многу деца, но и дека кон овие акции ќе се придружат уште многу хумани луѓе.

loading...