Кај си трнала ти мајко да доиш, а немаш завршено курс?!

Како мислиш да го правиш тоа без часови и сертификати?! Разберете, вие не знаете да дишете, не знаете ни да се породите, ни да доите, не пак да успеете, вие всушност не знаете да живеете!

0
404

Неодамна дознав дека во Торонто, а веројатно и во други места во светот, постојат учители кои ги тренираат бебињата да ја преспијат ноќта. Замислете!

Очигледно, нешто чудно се случува со актуелната „еволутивна фаза“ во која се наоѓа поголемиот дел од светот. За сите вродени, односно, инстинктивни активности и функции кои вие всушност „не ги знаете“, сега можете да побарате помош од експерти.

Па ако досега не сте успеале да „научите“ да дишете, ете ви едно три илјади различни техники на дишење во понудата од страна на експерти за истото.

Бидејќи агонијата на подучувањето е од неодамна раширена во масовни размери, трае околу една деценија, се тргна во хајка на самиот почеток од животот. Од училишта за трудници до подучување на жените на доење. Во меѓувреме, кутрото дете кое ќе дојде на свет не е ни свесно колку работи треба да научи веднаш. Таа област на неедуцирани новороденчиња е сé уште празна. Наскоро чекаме завиден прогрес.

Жената која не поминала низ училиште за трудници, дури и ако и успее така неедуцирана да се породи, ја чека следната несовладлива задача – доење!

Кај си трнала ти мајко да доиш, а немаш завршено курс?! Како мислиш да го правиш тоа без часови и сертификати?!

Така кога темелно ќе не научат како да ги храниме своите деца, тогаш некој сроден табор ќе се избори за нешто уште поважно. Ќе можете така обучени и спремни да го доите детето и среде Собрание.

Благодарност до феминистките за таа револуционерна победа. Колку повеќе доилки во Собранието, толку нивната борба има повеќе смисол.

Но тоа не е крај. Бебињата морате и правилно да ги масирате за да не им го збркате ДНК синџирот. Не дај Боже денеска да не го масирате новороденчето како што треба, утре тоа ќе добие двојка по математика. И што сте постигнале тогаш?! Брзо кај експерт или експертка ако сакате да избегнете такво животно фијаско.

Замислете, во Торонто постојат учители кои го учат детето да ја преспие ноќта. Замислете! Најмуваат човек кој ќе го научи нивното дете повеќе да не се буди во текот на ноќта.

Нема непроспиени ноќи, нишање и подочници до колена, тренер му е мајката, учител, веднаш ќе му најдете тренер на вашето бебе, да го научи да спие.

Освен сите овие веќе надминати работи, постојат и периферни. Денеска како родител сте должни темелно да простудирате едно 2 илјади страници имунологија и да решите сами, бидејќи е тоа ваше право, дали ќе го вакцинирате своето дете или не. И за тоа постојат експерти во двата табори. Задолжително ви треба став!

За родилките кои имаат вишок килограми, не треба ни да расправаме. Доколку фитнес тренерот не ви одржал тренинг и во родилната сала, тоа е исклучиво ваш пропуст.

Понатаму, како мислите да бидете родилка која не паднала во депресија?!

Ако ви се случил тој ужас да сте цело време среќни затоа што сте станале мајки, задолжително јавете се кај некој експерт да види дали е сé во ред. Не смеете да ги изневерите сите оние групи кои се борат против постнатална депресија а вие кобајаги сте среќни! Па ве молам, вклопете се!

Е кога детето ќе ја „истурка“ првата година, задолжително да почне да учи некој странски јазик и ведска математика. Без тоа животот на детето ќе му биде запечатен во просечност. Тенисот е сега само губење време, но децата можат да почнат да скокаат во далечина штом застанат на нозе. Скокот во далечина и атлетиката се одлични за новороденчињата.

Кога ќе ги совладате сите курсеви за родителство, се преминува на супер мега успешен живот. Затоа што само таков има смисол. Полето за курсеви замеа успешни жение непрегледно. Кој не знае да визуелизира нема да стаса никаде. А кој знае, не мора ништо да работи. Само да размислува позитивно и ќе се случи. Космосот одговара на вашата позитивна вибрација, плаќа сметки и носи успех. Ова е моментално најпопуларната верзија која ја нусат гуруата и експертите ширум светот.

Кога ќе остварите планетарен успех благодарение на визуелизацијата а кој задолжително доаѓа преку ноќ, ве чека уште една клучна работа.

По ниту една цена и за ништо на светот, не остарувајте.

Кога би постоел некој посилен глаголски облик од императив, би се однесувал исклучиво на „антиејџ“ – како што се вели модерно или движење против грозоморното стареење.

Затоа штоако си дозволиме себеси да остариме, ја отвораме и шансата дека би можеле и да умреме. А тоа е, се разбира, недозволиво. Пораз над поразите. Од овој свет си одат само оние кои не се доволно мотивирани и едуцирани.

И да, секогаш размислете пред да вдишете, можеби не го правите тоа правилно!

Фото: Unsplash

loading...