Ковид-19 не е одговорен за пореметување на мензисот, но забележано е намалено производство на сперматозоиди кај мажите

За пореметувањето на менструалниот циклус кај пациентките кои се заболени од ковид-19, д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ специјалист, вели дека најверојатно се должи на терапијата што ја примаат за третман на овој вирус, како и на психофизичкиот стрес што го доживуваат. Со докторката зборувавме и за некои нови сознанија во врска со вирусот, кои се однесуваат на репродуктивното здравје, но и за некои други интересни ‘женски’ теми

0
1448

Откако пациентки кои прележале или во моментот се борат со ковид-19, на ФБ група на која се споделуваат искуства и совети во врска со овој вирус, споделија  искуства на пореметување во менструалниот циклус, побаравме мислење од д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ специјалист во Њуборн Клиник за оваа и уште некои ‘женски’ теми во време на пандемијата со ковид-19.

„Досега не се докажа присуство на вирусот во фоликуларната течност, вагиналниот секрет, утериниот секрет, за да има некаков негативен ефект врз менструалниот циклус, или за да се пренесе по сексуален пат, ниту пак во семениот материјал (кај машки пациенти) или преку крвта на претходно докажано инфицирани пациенти. Доколку пациентките кои се заболени од ковид-19 искусуваат пореметување во менструалниот циклус, најверојатно тоа е од терапијата што ја примаат при третман на истата болест како и поради психофизичкиот стрес што го доживуваат во текот на болеста, на пример хипооксијата и сеопштата тешка инфламаторна реакција што ја предизвикува вирусот во целиот организам.

Она што е интересно, иако не е најдено присуство на ковид-19 вирусот во самата семена течност, е тоа дека е најдено (со биопсија од тестикуларно ткиво) намалено производство на сперматозоиди кај мажи инфицирани со ковид-19, посебно оние со тешка клиничка слика на респираторен дистрес синдром, веројатно кога има висок пик на репликации на вируси во организмот тие  преку крвта стигнуваат и до тестикуларното ткиво, посебно ги напаѓаат клетките кои се одговорни за нормална сперматогенеза. Ова е сепак претпоставка бидејќи јасно не е најдено присуство на конкретен вирус во тестикуларното ткиво. Можеби намалената сперматогенеза настанува и поради високата температура која се развива кај пациенти со потешка клиничка слика се појавува и имунолошки одговор на тестистите, што исто влијае за моментално намалено производство на сперматозоиди во семената течност, најден е многу мал број на пациенти со автоимун орхитис (хронично воспаление на тестисите), после тешка клиничка слика на ковид-19. Дали ефектот на сперматогенезата е долготраен и со тоа предизвикува траен машки стерилитет, сѐ уште не се знае“, вели д-р Гуржанова.

Со оглед на нејзината специјалност, а тоа е асистираната репродукција, ја прашавме и дали е безбедно да се прави ин витро во време на пандемија и дали во овие услови е намален бројот на овие постапки во нивната клиника.

„Пред да одговорам на прашањето сакам да разјаснам некои факти. Оваа пандемија предизвикана од модифицираниот корона вирус од фамилијата болести САРС е голема непознаница не само за обичниот, туку и за високо специјализираниот медицински свет. Многу работи се учат тековно. Можеби ќе се направат и грешки, но секако е подобро да се биде построг отколку релаксиран во однос на прогласената пандемија, а во интерес на спасување на поголем број на животи. Со сите информации што ќе се добијат, за жал, по цена на многу  животи, но и судбини, светот ќе почне поинаку да гледа на досегашните воспоставени вредносни системи и цврсто сум убедена дека истиот ќе стане похуман и понесебичен и егоцентричен, и секако, здравствените власти ќе бидат повеќе спремни за наредните пандемии кои извесно ќе се случат, можеби и со пострашни последици.

Инаку, според досегашните податоци добиени од Центарот за контрола на болести и превенција во САД, СЗО и Кохреин дата базата, нема јасни индикации дека вирусот  SARS CoV-2  има негативни импликации врз бременоста.

Секако, треба да имаме на ум дека вирусните инфекции генерално можат да бидат попроблематични за бремените жени затоа што кај нив имунитетот е физиолошки намален поради самата бременост, а истовремено, некои од антивирусните третмани не можат безбедно да се применат врз бремени жени.

Потоа, бремените жени кои имаат БМИ поголем од 30, т.е се обезни, и имаат хипертензија или гестациски диабетес се повеке ризични доколку се заразат со ковид-19 да развијат тешка клиничка слика, а во исто време некои од третманите не можат да бидат дадени, а да не ја засегнат безбедноста на плодот.

Досегашните информации за породувања укажуваат на породувања со здрави новородени без знаци и докази за присуство на вирусот дури и кај заразени родилки, што значи вирусот нема вертикална трансмисија, т.е. не се пренесува преку постелката во самата матка, или преку вагинален секрет при спонтано породување.

Мора да се нагласи дека вирусот го ‘сака’ белодробното ткиво и е респираторен вирус. Досега нема докажано присуство на вирус во крвта, телесните течности, освен во носниот секрет, фарингеалниот секрет и во белодробното ткиво. Во крвта досега се најдени само антитела за вирусот, од групата на ИгМ и ИгГ.  Малиот број на инфицирани новородени, што не мора да претставува правило е можеби по капличен пат на пренесување на инфекцијата после породувањето, од страна на претходно заразената мајка.

Досега се потврдени многу мал број на предвремено породени пациентки, дури 3 на светско ниво, кај мајки претходно докажани за присуство на вирусот  SARS CoV-2,  но  самата бројка нема никаква релевантна импликација за да се сомневаме дека присуството на вирусот во назофарингеалниот секрет е причина за предвремени породувања или предвремено прскање на околуплодовите обвивки.

Исто така, досега нема доказ дека вирусот има тератоген ефект врз раната бременост, т.е., е причина за поголем процент на спонтани абортуси во првите три месеци од бременоста.

Овие податоци се извлечени од COHRANE  дата базата од досегашните медицински рапорти за бременост, репродуктивно здравје и ковид-19.

Што се однесува до ин витро постапките, дефинитивно е намален бројот затоа што и пациентите се исплашени, прегледите и интервенциите се строго регулирани со посебни протоколи и на закажување и на третман, а исто и тоа доведува до намален број на циклуси на ин витро постапки, најмногу за да не се продуцираат хоспитални пациентки после ин витро, како ризични бремености, абортуси, хиперстимулациски синдроми итн, кои бараат третман во веќе преполнетите болници. Но досега, како кај нас така и на светско ниво, нема пријавено ризик за инфекција на гамети или ембриони со корона вирусот од страна на ин витро лабораториите или од самиот персонал. Самиот процент на успех од ин витро постапките не е намален во текот на пандемијата.

Посакувам сите да излеземе што побрзо од оваа ситуација, здрави како физички, така и психички, и да продолжиме понатаму во еден свет, променет на подобро“, објаснува докторката и кратко и јасно советува:

„Физичка дистанца, носење маски и редовно миење на раце. Да издржиме уште малку, бидејќи сепак има светлина на крајот од тунелот со новооткриените вакцини“!

 

loading...