Кога за прв пат да се однесе детето на стоматолог ?

Најдобро е родителите првиот пат сами да ја посетат стоматолошката ординација и со стоматологот да се договорат како би изгледал првиот преглед.

0
428

Многу често родителите си го поставуваат прашањето кога своето дете за првпат да го однесат на преглед кај стоматолог. Често се мисли дека е детето мало, дека не може да се интервенира и затоа посетата кај стоматологот се одложува и често тоа се прави при првата болка што ќе ја почувствува детето.

Првиот преглед треба да се направи околу втората година, иако постојат голем број на приврзаници на тоа дека првиот преглед треба да биде меѓу првата и втората година . Најдобро е родителите првиот пат сами да ја посетат стоматолошката ординација и со стоматологот да се договорат како би изгледал првиот преглед.

Од голема важност е  пред  децата да не се искажуваат  стравови од одењето кај стоматолог, да не се прераскажуваат лоши искуства, стравови од игли и слично. Никако не смеат да се заплашуваат со белиот мантил, зошто тоа може да има далекусежни последици врз односот на детето кон одењето кај стоматолог.

Првата посета е обично кратка. Детето се запознава со стоматолошката столица, се качува и се вози на неа, му се покажуваат стоматолошките инструменти на интересен начин.  Доколку се воспостави доверба кај детето при првата посета, можат да се прегледаат забите и да се констатира дали се здрави или има појава на кариес. Од особена важност е да се види дали правилно се одржува оралната хигиена и да се дадат совети како тоа да се постигне.

Иако негата на забите започнува со никнењето на првото запче, на првата посета родителителите мора да се информираат за кариес профилаксата, каква паста за заби да се користи, тргањето на лошите навики како што е цицањето на прстот, зголемена конзумација на шеќери и засладени сокови.

Од голема важност е првата посета да не биде поврзана со болка, па да мора да се интервенира за да му се помогне на детето. Така стравот се зголемува, детето не може да се запознае претходно со стоматологот и да стекне доверба во него, па секоја следна интервенција наидува на отпор и негодување. Со внимателен и трпелив пристап, секое дете ги прифаќа стоматолошките интервенции. Само така може да се има добро орално здравје и тоа да се одржува целиот живот.

д-р Јасмина Трајкова – Пети

loading...