Кога и како да почнете да му читате книги на вашето дете?

Говорните стимулирања се многу важни за детето, но не треба да се форсираат фазите на развој, пред сѐ, зашто секое дете има своја генетска „програма“. За време на бременоста, детето го слуша гласот на мајката и го препознава ритамот и интонацијата. Штом се роди, тоа останува „маѓепсано“ од гласот на мајката, и уште оттогаш, треба да се започне со слатки приспивни песни. Но, на која возраст треба да почнеме да му читаме книги?

0
290

Во текот на првите шест месеци од животот на бебето, се консолидираат структурите во мозокот кои му овозможуваат на бебето да произведе согласки, се појавува гугањето, подоцна и првите кратки зборови на мајчиниот јазик.

Тоа се неопходните чекори во развојот и тие не можат да бидат заменети со надворешни стимули.

Но, не може со форсирање разговор, односно читање, на едно четиримесечно дете да му се забрза развојот, сепак, родителот, може да го придружува спонтаниот процес на развивање на јазични вештини и комуникација кај детето и да го оптимизира тој процес.

Повеќе студии докажале дека префорсираното читање на глас во најраната возраст на детето, се покажало неефикасно, и не произвело било какво значително забрзување на когнитивниот и јазичниот развој кај детето. А, некогаш го предизвикало спротивниот ефект – стимулацијата станува хиперстимулација, која внесува само збунетост кај три-четиримесечното бебе.

На која месечна возраст, каква книга?

Во текот на првиот месец од раѓањето, детето сака приспивни песни. Се препорачува, една иста приспивна песна, или две, да се повторуваат во повеќе наврати во текот на денот, особено во моментите кога детето е поспано, пред спиење, кога е најадено или кога му е „здодевно“.

На двомесечна возраст, може да му се покажат големи сликовници со крупни цртежи од човечки ликови. Тие цртежи треба да бидат најмалку со големина од 24 x 17 см., поставени на растојание не повеќе од 30 сантиметри од лицето на детето. Не треба да имаат текст.

На пет, шест месеци, детето е привлечено од цртежите од книгата која се обидува да ја земе од рацете на родителот и да ја стави во устата. Затоа, треба да се одберат книги кои се пластифицирани или гумени, нетоксични и со дебели страници. Илустрациите треба да бидат во светли бои и со познати предмети на цртежите, или со детски фигури.

По шестмесечна возраст, детето веќе може да го држите во рацете додека заедно ја разгледувате книгата. Бидејќи визуелноста на новороденчето сѐ уште се развива, изберете книги со малку текст и со големи слики со висок контраст на бои. Поинтересно би било ако книгата има огледалца или копчиња кои испуштаат звуци. На колку повеќе стимулативни начини се ужива во една книга, толку подобро.

Од седмиот до дванаесетиот месец, бебето може да почне да ги разбира некои од зборовите што му ги читате. Најзначајни зборови се оние од неговиот секојдневен живот, како „куче“, „мама“, „тато“, „млеко“… Одберете книга со илустрации на познати предмети или со звуци на животни, така ќе го зајакнете речникот на вашето бебе. Задржете се на сликите за кои детето покажува посебен интерес. А кусиот текст кој го читате, поддржете го со соодветни гестови на лицето, со рацете и со гласот. На пример, ако читате за животните, имитирајте животински звуци, вашето бебе ќе мисли дека е навистина смешно и добро ќе се забавува. Со ваквото читање ќе му помогнете на детето да научи да се фокусира.

После првата година до осумнаесетиот месец, детето е способно да ви одговори на некои од вашите прашања, затоа интерактивно вклучете го во читањето на книгата. Поставете му прашања за интересните слики, од типот „што вели кучето?“ или „каде е мачката, што прави таа?“. Ако тоа одговори, може да го зајакнете неговиот вокабулар со проширување на реченицата, „да, мачката седи, таа е голема, сива и мрзлива“.

Од 19-месечна возраст до втората година, рутината на заедничкото читање ќе му носи смирување и задоволство. Детето ќе побара одново и одново да му ја читате истата книга и нема да ви дозволи да ја промените вашата читателска изведба на одредени звуци или гримаси кои претходно ги регистрирало како многу интересни. Сепак, ова дословно повторување има и придобивки за учењето – му помага на детето да ја сфати смислата на зборот, а потоа и да се сети на нови зборови.

Прво читање на глас

Првото читање на книга на глас може да започне од неговата шестмесечна возраст. Не треба да се присилува детето да ја слушне целата приказна, туку само мал дел од неа, односно читањето не треба да биде подолго од неколку минути на ден. Треба да му се чита трпеливо и смирено, со јасен изговор на сите зборови. Оние родители кои сметаат дека имаат добра имагинација, од оваа возраст на детето, може да почнат да му раскажуваат приказни. Но, не сите родители имаат бујна фантазија и богат речник, па затоа се препорачува да се купат две-три книги за деца од најрана возраст. Ова читање на глас, ќе биде и прекрасен начин за зближување и зацврстување на врската родител-дете.

Погрешни се мислењата дека бајките треба да почнат да се читаат кога детето ќе биде способно да ја разбере нивната содржина. Дури и ако не го разбира значењето на зборовите што ги слуша, читањето му помага да воспостави близок контакт со мајката. Содржината, тука, има второ значење, додека читањето на глас, е примарно. Секако, бајките треба да бидат слатки, приказните – волшебни, а детските рими ритмични и лесни. Ваквото читање е важна активност за интелектуалниот и емоционалниот развој на детето. А тоа се и моменти кога детето се чувствува сакано и вклучено во животот. Заедничкото читање е вистинска храна за мозокот на детето, меѓу психолозите позната како „витамин Л“.

При читањето, треба да се внимава особено на интонацијата, а гласот треба да биде во склад со ликовите на приказната, со промена на тонот при интерпретација на еден карактер во друг. Важна е и атмосферата во која се изведува чинот на читањето. Затоа, исклучете го телевизорот, легнете го детето во кревет и пред да му посакате „добра ноќ“, погалете го со една чудесна приказна.

Детето на петгодишна возраст веќе може да биде автономно и да чита приказни дури и самото. Дозволете му самото да ја покаже таа иницијатива. Доколку претходно сте му читале на глас, порано или малку подоцна, секако ќе ви ја побара омилената книга за без вас, уште повеќе пати, да ја прочита.

 

loading...