Кога ќе заврши оваа коронава?

Ова е прашањето кое ѝ го поставуваат близнаците Макариј и Доротеј на својата мајка Ребека кога ќе им здодее од излетите на балкон, правењето крофни и шненокли, вежбањето, скокањето и цртаните. Сепак, периодот на самоизолација најтешко му паѓа на нивниот брат Маркијан

0
1306

Во овој период на самоизолација, ѕиркаме во домовите на нашите сограѓани, познати, непознати и помалку познати и ги прашуваме како им минуваат деновите ним и на нивните деца.

Семејството на нашата музичка ѕвезда Ребека Јанковска – Ристески, 13-годишниот Маркијан и седумгодишните близнаци Макариј и Доротеј и нејзиниот сопруг Мики Ристески, инаку доктор на Клиниката за онкологија и радиологија,  целосно ги почитуваат препораките за самоизолација.

Всушност, Ребека, Маркијан, Макариј и Доротеј, се дома и не излегуваат, а тато Мики, со оглед на професијата, е секојдневно на своето работно место. Токму поради ова, тој е и вистински херој за своите деца.

Затоа и неговата роденденска торта со која денеска го изненадија неговите најмили, беше во знакот на нивниот омилен суперхерој, а на неа пишуваше: „Ти си нашиот херој“.

„Ние сме добро сега засега, но најтешко е со Маркијан. Секој ден прашува кога ќе одиме на лулашките. Секој ден плаче и самиот себеси се теши дека утре ќе дојде Мја, неговата асистентка, и дека ќе одат во школо.

Другите двајца батковци играат, гледаат цртани филмови, вежбаат заедно со мене аеробик, се натпреваруваат во домашни игри со препреки (homemade Wipe out) и од време на време прашуваат за другарчињата и за училиштето. Сепак, најчестото прашање кое ми го поставуваат е: КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ОВАА КОРОНАВА?!

Во меѓувреме, јадеме, средуваме, учиме, правиме крофни, шненокли и палачинки и гледаме вести.

Мики оди на работа и многу стресно го доживувам секое негово доаѓање зашто сѐ треба убаво да се дезифинцира. Пред врата ставив леген со вода во која растворив ‘Доместос’ па пред да влезе дома, ги натопува чевлите, потоа веднаш ги прска рацете со алкохол, ги прскаме и клучевите и очилата или ги миеме со сапун, а палтото веднаш го изнесуваме на тераса. Потоа го переме или го проветруваме до следниот ден (отприлика 12 часа) останатиот дел од облеката. Нормално дека сме вознемирени како и сите други. Речиси секој ден палам темјан и пиеме чај и витамин Ц“, раскажува Ребека.

Пред спиење во нивното семејство најчесто читаат некоја книга и се молат за здравјето на сите.

Денешниот ден сепак беше посебен – го прославија роденденот на Мики во најтесниот круг на семејството, само тие двајца и нивните деца кои заедно со мама му ја испеаја роденденската песна на својот суперхерој.

 

„И кај сестра ми Хелена која со семејството е во Нов Зеланд, се сите добро. И таму се во карантин од пред некој ден, па Хелена и Игор се дома и не работат во овој вонреден период, а Тиан не оди во градинка. Само Кјара сѐ уште работи“, вели Ребека и на крајот од разговорот ни посакува на сите да здрави и живи.

loading...