Кои се најмалите преживеани предвреме родени деца помали од мобилен телефон

Овие малечки бебиња, родени предвреме, со неверојатна тежина од 250 грама, долги само 20-тина цм или малку повеќе, се доказ за неверојатните достигнувања во неонаталната интензивна нега што овозможува да преживеат дури и најмалите и најрано родените бебиња.

0
510
Christina House-Pool/Getty Images

За предвремено родени бебиња се сметаат сите бебиња родени пред 37-та недела од бременоста чија стапка на смртност опадна и е во постојан пад, но бебињата родени значително предвремено веројатно имаат сериозни и бројни долгорочни проблеми.
Тешко е за некој што никогаш не видел предвремено родено бебе да опише колку мали можат да бидат овие мали чуда. Просечното бебе родено помеѓу 22-та и 24-тата недела од бременоста, кое се смета за најрана возраст со можност за преживување за предвремено родени бебиња, тежи околу 500 грама при раѓањето. Најмалото преживеано предвремено родено бебе при раѓањето тежело само околу половина од тоа, или околу 250 грама.
Приближно 15 милиони бебиња се раѓаат предвреме, според анализата објавена во Лансет од 2012. година. Но, разликата во процентот на децата кои преживуваат и покрај фактот дека се родени предвреме, е се поголема меѓу богатите и сиромашните земји. На пример, во Соединетите држави се направени неверојатни достигнувања во неонаталната интензивна нега што овозможија да преживеат и најмалите и најрано родените бебиња.
Во 2007. година, истражување објавено во „Journal of Medical Ethics“ открило дека бебињата родени помеѓу 24-тата и 25-тата недела од бременоста имаат шанси да преживеат од 26 до 44%. За да преживеат овие бебиња, им треба пристап до многу медицински извори. Овие деца исто така се соочуваат со висок ризик од подоцнежни развојни тешкотии. Тие исто така имаат зголемен ризик од церебрална парализа, оштетување на видот и слухот.

Кои се најмалите бебиња кои успеале да преживеат?

Румаиса Рахман

Родени на 19 септември 2004. година, Румаиса Рахман и нејзината сестра близначка Хиба се родени во 25-тата недела од бременоста, приближно 15 недели пред терминот. При раѓањето, Румаиса тежела само 244 грама, тежина колку на еден мал мобилен телефон. Била долга 21 цм. Нејзината сестра близначка Хиба била повеќе од двапати поголема од нејзината тежина – тежела 566 грама и била долга 30 цм.
Румаиса и нејзината сестра се родени порано затоа што нивната мајка страдала од тешка прееклампсија, што може да доведе до тоа бебињата да се помали од просечните за нивната гестациска возраст. Румаиса имала ласерска операција на очите поради ретинопатија од недоносеност (РОП) и носи очила. Иако е помала од другите деца на нејзина возраст, таа не покажува други долгорочни последици од предвременото породување, пишува Very Well Family.

Мелинда Стар Гвидо

За време на нејзиното раѓање, на 30.08.2011. година, Мелинда Стар Гвидо била второто најмало бебе во САД и третото најмало бебе во светот што преживеало доволно долго за да ја напушти болницата. Мелинда е родена во 24-тата недела од бременоста затоа што нејзината мајка развила висок крвен притисок за време на бременоста. При раѓањето тежела 270 грама.
Дома, таа примала кислород за третман на бронхопулмонарна дисплазија (БПБ) и морала да се подложи на операција за да ѝ биде саниран отворениот ductus arteriosus и била подложена на ласерска операција на окото за ROP. Не е забележано крварење на мозокот, што било одличен знак за нејзината иднина. По повеќе од 16 недели во болницата, Мелинда конечно заминала дома со тежина од 2 килограми.

„Том Палчето“

Можеби најмалото преживеано момче во светот е германско бебе познато како Tom Thumb затоа што неговите родители одбрале да го чуваат неговиот идентитет во тајност. Тој е роден во јуни 2009. година во 25-тата недела од бременоста. Тежел 275 грама.

Медлин Ман

Медлин Ман родена 1989. година во 26-тата недела од бременоста. Денес, таа е четврто најмало преживеано предвремено родено бебе во светот. Иако имала само 280 грама при раѓањето, што во тоа време било светски рекорд, Медлин станала здрава млада жена која завршила колеџ. Медлин е кратка, носи очила и има астма, но нема други долгорочни последици од предвременото породување.

Кена Мур

Кена Мур била помала од конзерва газиран пијалок кога се родила на 9 јануари 2012. година со 270 грама. Родена е во 24-тата недела од бременоста во Шарлот, Северна Каролина, откако нејзината мајка страдала од висок крвен притисок и прееклампсија. По 183 дена поминати во болница, Кена си заминала дома и сега е здраво девојче.

Бебиња родени во најраните недели од бременоста

Сите овие бебиња споменати претходно имаа извонредни резултати и не покажале големи доцнења во развојот. Но, важно е да се напомене дека овие бебиња, иако биле многу мали, се родиле во 24-тата недела од бременоста или подоцна. На толку рана возраст, секој ден поминат во матката бил многу вреден и им помагал на овие бебиња да преживеат.
Имено, медицинската наука постојано се подобрува, но децата родени на 24 недели или порано се изложени на ризик од низа долгорочни последици. Иако овие деца имаат помалку шанси да преживеат, чудата се секогаш можни. Ова е докажано и од деца кои преживеале и покрај фактот дека се родени во 21-та недела од бременоста или порано, исто како овие два случаи:

Џејмс Елгин Гил

Џејмс Елгин Гил е роден во Отава, Онтарио, на 20 мај 1987. година, приближно 128 дена порано, во 21-та недела од бременоста. Тој поставил рекорд и иако бил роден толку рано што се очекувало да умре при раѓање или – ако преживее – да има повеќе и тешки попречености, Џејмс ги победил сите предвидувања и пораснал во здраво возрасно лице.

Амилија Тејлор

Амилија Тејлор е родена во Мајами, родена непосредно пред целосните 22 недели од бременоста, во октомври 2006. година. Бидејќи Амилија е зачнато со ин витро оплодување (ИВФ), нејзината гестациска возраст всушност може точно да се одреди. Иако при отпуштањето од болница примала кислород, таа денес е целосно здрава.

Секоја година, на 17.ноември се одбележува Меѓународниот ден на предвремено родени бебиња.

Текстот и фотографијата се од ТУКА.

loading...