Комбинацијата на класична и онлајн настава е најлошиот модел за ширење на заразата?

Американски експерти сметаат дека е подобро децата или да се испраќаат на училиште или целосно да се воведе учење од далечина.

0
257

Ширум светот се размислува на кој начин ќе продолжат образовните системи во претстојната учебна година и како најуспешно ќе се минимизира ширењето на пандемијата на коронавирус.

Она што ќе се кристализира како оптимално решение останува да се види до 1 септември, а, како што наведува Wired, хибриден модел на образование, што би вклучувало комбинирано учење од далечина и одење на училиште, би можело да биде најопасната опција за претстојната учебна година.

Училиштата низ Соединетите држави бараат начин да продолжат да ги едуцираат своите ученици без да ја загрозат нивната безбедност. Во некои училишта, децата ќе се вратат на училиште, додека во други, часовите ќе продолжат да се одвиваат на далечина. Како трето решение, 20 до 30 проценти од училишните окрузи во САД ќе применат хибриден модел, што би значело дека децата одат на дел од часовите во живо, а дел преку Интернет. Групите што доаѓаат на училиште и што остануваат дома ќе се менуваат, а учениците ќе поминуваат најмногу два дена неделно во училници.

Колку повеќе контакти, толку повеќе луѓе се подложни на инфекција

Според Вилијам Хенеџ, епидемиолог во здравствено-образовната институција на Харвард „T.H. Chan School of Public Health”, хибридниот модел е веројатно меѓу најлошите можни, доколку целта е да се спречи вирусот да влезе во училиштата. Тој додава дека иако враќањето на училиште е предизвик, некои земји, како Данска и Финска, покажаа дека е можно успешно отворање на образовните институции за помладите ученици. Притоа, немало показатели за поголемо ширење на заразата.

Како што нагласил Хенеџ, од епидемиолошка гледна точка, хибридниот модел ќе произведе поголем број контакти, а со тоа и повеќе луѓе ќе бидат подложни на инфекција. Ако децата одат на училиште два дена во неделата, а останатите три остануваат дома, најверојатно родителите ќе мораат да најдат начин да ги згрижат  додека се тие на работа. Децата на тој начин ќе доаѓаат во допир со други луѓе и потенцијално ќе го соберат вирусот, кој потоа ќе го пренесат во училиштето.

Мартин Кулдорф од Медицинскиот факултет на Харвард се согласува со Хенеџ: „Кога нормално одат на училиште, децата се обично само на две места – дома и на училиште. Со хибриден модел, децата треба да бидат на трето место, со други луѓе, како баби и дедовци, соседи, дадилки…“

Со зголемување на бројот на места на кои детето го поминува времето од две на три, хибридниот модел би бил најлошото можно решение.

Фото: Pexels

loading...