„Концепт мама” книга и дневник

„Концепт мама” е првата македонска сѐ-во-едно книга за бременоста, раѓањето и почетокот на мајчинството.

0
29

Александра Шекутковска Докоска е авторка на книгата „Концепт мама“, која е комбиниран жанр од дневник и прирачник, обединувајќи го личното искуство со стручни сознанија и практични совети.

Низ своите размислувања и истражувања таа опфаќа сѐ што би ѝ било неопходно на една современа мајка да знае: трите тромесечја на бременоста, поглавје за вежбање јога и за дизајнирање на домот, подготвување за породувањето и раѓањето, насоки за снаоѓање во првите месеци по раѓањето преку сопственото созревање, масажа на бебето, следење на неговиот развиток и откривање на нашите идентитети како родители во градот.

Изборот на теми е според најсовремените препораки и трендови и ја следи светската традиција идните родители да се информираат преку книги. „Концепт мама” е моќна алатка за самоподдршка, конструирање на целовит и балансиран пристап и градење самодоверба во себе како родител.

Заедно со дневникот „Концепт мама“, ќе можете да ги користите како личен водич и бележник додека минувате низ различните поглавја (периоди од родителството). Адресираните теми и истражувања во книгата се поткрепени со современи професионални научни студии и одобрени од врвни македонски лекари.

Поставувањето избор од прашања има за цел да им помогне на жените да надминат дел од своите стравови, меѓутоа и да разбие одредени митови и општествени стереотипи околу мајчинството. Бременоста, породувањето, раѓањето и постпартумот се животни промени кои вклучуваат новини во идентитетот на индивидуата, но и одреден опшетствено-културен и традиционален контекст. Следствено, ракописот кој е прецизен, сеопфатен и без осуда се чини повеќе од неопходен за да поттикне креативни размислувања, пристапи, животни стилови, како и информирани, освестени одлуки во македонскиот и поширокиот контекст.

Сето ова, вели авторката е причината зошто ја отпочнала интернет кампањата за собирање прилози со чија помош ќе биде докомплетиран буџетот за издавање на книгата и дневникот, а со тоа на сите кои ќе помогнат ќе им биде дадена уникатна можност да ги добијат книгата и дневникот пред сите други.

Проектот „Концепт мама” постои веќе како етаблирана веб платформа www.konceptmama.mk и https://www.facebook.com/konceptmama/.

loading...