Куќа полна радост

Ана Јовановска е дипломиран ликовен уметник-графичар, сопруга, мајка на три машки деца и згора на сѐ – изработува играчки на кои им се радуваат еден куп деца.

0
772

За Ана и за играчките што ги изработува дознавме случајно, но кога ги видовме сфативме дека го заслужуваат сето внимание. Ни стана јасно и она што нашата соговорничка, Ана Јовановска ни го кажа уште веднаш – дека има многу работа, односно многу нарачки за своите мали ремек-дела.

По професија е дипломиран ликовен уметник -графичар со отсек графички дизајн. Сопруга е и мајка на три машки деца: Јоаким е најстар и има 8 години, Михаил има 4 години, а Стефан само 2.

„Приказната за почетокот на оваа радосна приказна е многу спонтана. Еден пролетен ден додека плетев ташни (за своја лична употреба), моето средно синче Михаил кој тогаш имаше неполни три години од мене побара да му сплетам „вафа“, како што тој ја викаше жирафата.

Неколку дена поминавме во убедување дека јас не знам да сплетам жирафа, но тој беше упорен во својата замисла. Кога видов дека не можам да го разубедам, се фатив за работа. Најдовме дома едно кадифено магаренце па почнав да плетам раководејќи се по неговата форма сѐ додека мојата плетеница не заличи на жирафа. Мислам дека порадосно дете од Михаил со неговата плетена жирафа во рацете, немам видено дотогаш. До ден денеска жирафата е и најмногу бараната играчка на РАДОСТ.

Да, токму така се вика фан страната на Ана, поточно: „Радост-рачни изработки“ (Radost racni izrabotki) и вели дека токму преку оваа страна на Фејсбук сѐ повеќе луѓе секојдневно дознаваат за нејзините играчки.

„Играчките кои ги изработувам, ги продавам, и тоа го правам на социјалната мрежа Фејсбук. Имам своја визија која цврсто верувам дека ќе се оствари. Би сакала луѓето да знаат за РАДОСТ и надвор од рамките на социјалната мрежа“, вели Ана.

Инаку, први кои ги гледаат, ги „оценуваат“ и им се радуваат на нејзините играчки, се нејзините три деца.

„Она што не се случило досега е да сакаат да ги задржат играчките за себе. На почетокот им објаснив дека играчката која мама ја плете ќе радува некое детенце во нашата земја, и имам чувство дека го имаат сфатено тоа како своја сопствена мисија – да ја изгушкаат играчката, дополнително да ја наполнат со радост и со љубов и да ја испратат кај некое непознато другарче за да може и тоа да ѝ се радува. Глетката е преубава! Детските очиња зрачат радост. Како сон…неисцрпен извор на љубов“, раскажува оваа креативна жена.

А во ова петчлено семејство никогаш не е здодевно. И не само тоа:

„Со три деца секојдневјето е исполнето. Можам да кажам и преполнето. Деновите се исполнети со игри, смеа, забава, чудни прашања, некогаш смешни заклучоци, плачки… и многу активности кои го исполнуваат денот. Тие се мали научници, истражувачи, преку игра и забава осознаваат за нештата што ги опкружуваат и за тоа како да се однесуваат кон истите. А со три  деца навистина има многу што да се раскажува. Една од поинтересните случки за мене е онаа од новогодишната ноќ, годинава. Моето најголемо синче оваа година ја загуби вербата во Дедо Мраз. Јас пак сум непораснато дете, и многу сакам колку што може повеќе да се продолжат детските фантазии. Затоа со мојата сосетка направив план – се договоривме сите пакетчиња и подароци таа да ги остави пред нашата врата додека ние сме дома. Најдовме музика од ѕвончињата на Дедо Мраз, и од неговиот познат извик „хо, хо, хо“.

Во договореното време силно заѕвони ѕвончето од нашата врата. Децата истрчаа да ја отворат. Сосетката веќе беше симната надолу по скалите и ја имаше пуштено музиката на ѕвончињата и извикот на Дедо Мраз. Јоаким, мојот „голем“ син остана вчудоневиден. Колку беше среќен, збунет, запрепастен, ама толку исполнет со среќа, не можам да ви објаснам, со денови потоа раскажуваше дека Дедо Мраз сепак постои“, раскажува Ана.

Иако можеби изгледа невозможно да се плете и тоа, не било што, туку играчки кои се понекогаш само ликови на животни, но понекогаш се и познати ликови од цртаните и од други филмови за деца, таа вели дека нема таков проблем.

„Тие се тројца, нивното расположение не е секогаш исто, но најчесто кога ќе им кажам дека имам многу важна играчка да изработам, ме оставаат да работам. И начинот на кој се менаџирам самата себе е поврзан со сите обврски кои ги имам околу домот и семејството. Со сопругот немаме поделени обврски во домот, едноставно кај нас не постои машко-женска поделба на работата.

Од готвење, бањање, хранење, пресоблекување, заспивање на децата до спружирање на алишта и пеглање, сѐ работиме взаемно (којшто може во моментот). Децата ги вклучуваме активно во нашето секојдневје и околу обврските во домот. Да го соберат сето она што го растуриле, да здиплат алишта и други работи кои можат да ги сработат соодветно на својата возраст. Благодарение на овој принцип на функционирање јас можам да го остварам својот детски сон, да создавам нешто за деца“, искрена е Ана.

Речиси секогаш кога ги добива нарачките за играчките, тоа се нарачки за изработка на некој препознатлив лик од цртаните филмови.

„Вистинска сатисфакција и предизвик е да се работи лик кој е препознатлив. Да се долови неговата форма и карактер. Исто така, она кон што се стремам е моите играчки кои ги изработувам да бидат безбедни за сите деца, од самото раѓање, па понатаму.

Секогаш бирам природни материјали за изработка. Изработени се од сто отсто памучен конец, наполнети се со анти-бактериско лио полнење. Материјалите се од наше, македонско потекло. Не употребувам, пластични, метални и порцелански додатоци. За оддржување се многу едноставни. Се перат во машина за перење на 30 степени, се сушат на надворешна температура, или во сушара, на програма за плетени парчиња. Не ја губат формата после перењето. Откако ќе се исушат спремни се за радосна детска игра“, ја завршува својата радосна приказна нашата соговорничка Ана.

loading...