Машко или женско? Сеедно, само да е неопределено, пардон, здраво и живо

Забавите за откривање на полот е тренд кој станува сè попопуларен во последните неколку години, ама дали ви се верува дека како последица веќе има неколку смртни случаи ширум светот? Што мислите за овие забави, дали родителите претеруваат? Што мислите за оние другите родители кои не го кажуваат полот на детето се додека тоа самото не одлучи дали ќе биде машко, женско, и едно и друго, неопределено или нешто петто?

0
144

Кога јас пред 27 години бев бремена, не прашував од кој пол ќе биде моето дете. Ниту пак беше вообичаена практика да ве прашаат да ли би сакале да знаете. Често се случуваа и грешки, да ви кажат дека ќе биде женско, а да излезе машко, или обратно. Секако, и тогаш имаше ехо, ама не беше 3, 4 или 5Д, а и повеќето од нас преферираа полот да биде изненадување. Така беше поинтересно. Се случуваше повозрасните да ни стават сол на глава, да гледаат со која рака ќе се почешаме, да ни го гледаат обликот на стомакот и да нагаѓаат, машко или женско, па дури знаеја и да кажат нешто во стилот: разубавена си, сигурно ќе биде машко или, извини ама не изгледаш баш добро, изгледа девојче е.

Некои од нас мислевме дека имаме страшна интуиција па самите си претпоставувавме дека бебето ќе биде машко или женско. Потоа, ако сме погодиле, важно велевме дека е тоа мајчински инстинкт, а ако утневме, никому ништо.

Јас на пример, со мојот мајински инстинкт, обоив се во розево, од креветчето, до радијаторите во собата, мислам, во собата на син ми. Излезе дека е машко де, ама нема врска, си порасна во розево креветче, во соба со розеви радијатори, а му облекував и најразлична облека, не мислам на фустанчиња, не го облекував во фустанчиња, мислам на боите, му облекував облека во секакви бои, и сини и розеви и црвени и жолти, зелени, виолетови, секакви.

Патем, во фустанчиња го облекувавме јас и сестра ми нашиот помал брат кога беше малечок и немоќен да се одбрани од нас, зашто тогаш немаше Барбики со најразлична гардероба, ама ние си имавме жива кукла. И брат ми фала богу е добар, никогаш немал дилеми во врска со својот пол, а кога зборуваме за детските денови најчесто знае да каже: цццц, како сте ме малтретирале! И син ми никогаш немал такви дилеми, иако никогаш подоцна не сакаше баш јас да му ја бирам облеката, а најголем проблем му беше по завршувањето на топлите денови да премине на потопла гардероба и обратно, по завршувањето на зимскиот период, да прејде на куси пантолони.

Разбирам дека многу луѓе не се толку среќни во врска со својот пол и дека низ животот имале многу проблеми во односите со луѓето и самите со себе. Но не мислам дека е тоа до облеката, до бојата, до тоа дали си играле со кукли или со автомобилчиња. Ама мислам дека е многу опасно за оние кои инаку не би имале никакви дилеми во врска со својот пол, она т.н. родово неутрално воспитување кое сега се форсира ширум светот. Имено, од желбата за родова рамноправност и неконформизам, во некои друштвени кругови станува популарно детето од најраното детство да се воспитува на родово неутрален начин. Полот на детето не се открива по раѓањето, детската соба и облеката на детето се во неутрални бои, играчките се родово неутрални и никој не знае дали пред себе гледа машко или женско дете се додека детето самото не одлучи што ќе биде.

Нема сомнеж дека е добро на детето да му се даде можност да го одбере она што му се допаѓа, без оглед на очекувањата на друштвото – било да станува збор за играчки, облека или интереси. Но научната стварност е дека е бескорисно да се третираат децата како табула раса без однапред предодредени особини. Биологијата е важна.

И така, додека едни одат во една крајност, па не го откриваат полот на детето до 4-5 годишна возраст, други пак, прават цели претстави, т.н.забави за откривање на полот. Не знае човек што е полошо.

Што се однесува до првите, би им порачале: Дали вашето дете ќе биде типичен припадник на својот пол повеќе зависи од пренаталните услови отколку од воспитувањето. Впрочем, се додека детето има можност да ги прави работите што го интересираат, не е важно дали се тоа нешта кои се типични за неговиот пол или не. Да се прифатат полните разлики не е штетно или сексистички; ниту еден пол не е подобар од оној другиот. А на овој начин, дури и оние кои доколку би се воспитувале на традиционалниот начин, не би имале никаков проблем со својот родов идентитет, можат да бидат наведени во друг правец кој инаку не би им паднал на памет. Ама тоа е, сега стана модерно да си неопределен или да се определиш поинаку од она што ти го одредила природата.

Ама претеруваат и другиве. Не е лошо човек да се радува и да прави забава од се, а особено кога поводот е нешто толку убаво, како што е очекувањето на нов член на човештвото, ама не чини ни многу да се забегува. Ме ужасна веста дека еден млад 28-годишен човек, извесен Кристофер Пекни од Либерти, Њујорк, кој наскоро требало да стане татко, починал откако експлодирала направа што се подготвувала за забавата за откривање на полот на неговото дете.

Полицијата во Њујорк ги потврдила деталите за инцидентот за NBC New York и открила дека полицајците реагирале на извештаите за експлозијата. Исто така, на местото на несреќата бил и помладиот брат на Пекни, Мајкл Пекни, кој се здобил со повреди на ногата.

Забавите за откривање на полот треба да бидат радосна пригода за идните родители, и ова е тренд кој станува сè попопуларен во последните неколку години. Паровите станаа прилично креативни и се чини дека сите бараат што е можно пооневообичаени начини да го откријат полот на нивното идно дете. За жал, досега се евидентирани неколку повреди поврзани со овие забави.

На почетокот на овој месец, 26-годишен маж од Мичиген смртно настрадал кога експлодирал мал топовски уред за време на една таква забава. И во 2019 година, слична експлозија на лице место убила жена од Ајова. Истата година, авион од Тексас требало да испушти 350 литри розова вода како дел од забава за откривање на полот, но се урнал и еден патник бил повреден.

Една година порано, забава за откривање на полот во Тусон, Аризона, резултирал со огромен пожар што предизвикал штета од над 8 милиони американски долари, предизвикана од маж кој пукал од пушка во која имало експлозив.

Чести се и помали повреди, па така, еден иден татко неодамна си испука топ со конфети кон своето меѓуножје.

Кај отиде светов и што се случи со она: Да е живо и здраво, не е важно дали е машко или женско?!

Што мислите вие за овие две крајности? Дали се претерува со забавите за откривање на полот? Што мислите за родителите кои изборот на полот им го препуштаат на своите деца, а во меѓувреме го нарекуваат со родово неутрални заменки?

Фото: Pexels

loading...