Меѓаши: Најчесто прекршувано детско право е правото на видување со двајцата родители

Повторувањето на прекршувањето на правото на видување на двајцата родители во континуитет во последните неколку години и опстојувањето на врвот од проблемите заради кои се јавуваат на СОС телефонот е една од причините заради кои „Меѓаши“ ѝ дава поддршка на Иницијативата за заедничко и споделено родителство

0
147

Според полугодишниот извештај за работата на СОС телефонот за деца и млади за 2021 година, на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, на СОС линијата за деца и млади  решавани се вкупно 151 случаи (дојави). Со дојавите се опфатени вкупно 223 деца и млади за кои постои можно прекршување на едно или повеќе детски права.

Најчестите прекршувања се однесуваат на категоријата семејни односи (прекршување на правото на детето за видување со едниот родител при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа).

„Повторувањето на прекршувањето на правото на видување на двајцата родители во континуитет во последните неколку години и опстојувањето на врвот од проблемите заради кои се јавуваат на СОС телефонот е една од причините заради кои Детската амбасада Меѓаши заедно со Народниот правобранител ѝ дава поддршка на Иницијативата за заедничко и споделено родителство и нивните активности. Особено сме загрижени за синдромот на оттуѓено дете што се јавува кај децата на разведени родители, зашто има сериозни последици врз развојот на овие деца и нивната личност. Тесно поврзано со овој проблем и е проблемот на грабнување на детето од страна на еден од родителите кои се разведени, проблем кој прв пат по подолго време беше неколку пати пријавен на СОС телефонот во првата половина од 2021 година. Детската амбасада Меѓаши долго време лобираше и се залагаше за примена на Хашката Конвенција за граѓанско правни аспекти на меѓународно грабнување на деца, којашто Македонија ја потпиша во 1991 година. Оттаму во случаите на грабнување деца од еден родител, надлежните се обврзани да постапуваат согласно Конвенцијата и на тој начин да придонесат во насока на почитување на најдобриот интерес на детето“, велат од Меѓаши.

Веднаш по ова, се пријавите за прекршувањата на правата на детето при насилство (меѓуврсничко насилство – булинг), физичко насилство, ментално/емоционално насилство, занемарување (негрижа), сексуално насилство).

На трето место по зачестеност е прекршување на правото на пристапност до институции, социјални, здравствени и други услуги, потоа проблеми поврзани со ментално здравје, училиште и физичко здравје. Кај голем дел од дојавите пријавениот проблем е комплексен и може да се регистрира во повеќе категории, со што бројот на засегнати деца по категорија на проблем е поголем од бројот на деца кои се опфатени и на кои се однесуваат дојавите бидејќи едно дете се брои повеќе од еднаш, односно од бројот на категории во кое е регистриран проблемот.

Бројот на јавувачите од руралните средини, како и во претходните години, останува многу мал во однос на бројот на јавувачите од урбаните средини. Меѓу можните причини за ова може да е неинформираноста на луѓето кои живеат во руралните средини во врска со правата на децата, начинот и постапката за нивна заштита, како и недоволното промовирање на СОС-линијата во овие средини. Секако, меѓу причините е и фактот дека најголем дел од населението живее во урбана средина.

Во однос на наоѓање решение на проблемите искажани во дојавите, во најголем број се дадени: препораки, упатувања до надлежни за спроведување на законот, упатувања до други институции во земјата или надвор од неа, упатувања до советници во училиштата и со директни интервенции.

„Во текот на преземањето активности за решавање на проблемите беа остварени контакти и соработка со други организации, служби и институции и во најголем број соработката беше успешна и беше најдено решение. Во текот на постапувањето и давањето поддршка, тимот на СОС-телефонот често соработуваше со центрите за социјална работа , посебно со Интервентиот тим при скопскиот Центар, како и центрите од другите градови, Секторот за внатрешни работи, училишта, Здружението на млади правници, Коалицијата за правично судење, Прв семеен центар како и други чинители и организации заради давање подобра и поефикасна поддршка на јавувачите“, се вели во соопштението од Меѓаши.

СОС тимот на Меѓаши е составен од различни профили на луѓе: психолози, правник, криминолог, педагог, социјален работник и од неодамна волонтер – дефектолог. Оваа тимска разноликост, велат тие, им дава можност секој случај поединечно да биде разгледан од повеќе аспекти и да се изнајде најдобро решение за негово решавање.

„Со нашето долгогодишно искуство во соработката со центрите за социјална работа  имавме можност да увидиме дека огромниот број случаи  и недоволниот број на човечки ресурси кои треба да бидат вклучени во активно водење и следење на еден случај е клучниот проблем за ненавремено постапување и заштита на децата. Дополнителен проблем претставува и немањето соодветни обуки  на вработените во постапувањето со деца како и кои се мерките што ги има центарот  во негова надлежност. Ние сме секогаш отворени за соработка, за насоки и поддршка, со што би можеле  да помогнеме и да ја подобриме ситуацијата“, велат оттаму.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]