Може ли нашите училишта на децата наместо домашни, да им даваат вакви задачи?

Како би било сите училишта во светот да се угледаат на ова ирско училиште, и тоа не само за време на празниците?

0
628

Наспроти контроверзните, но убедливи докази дека домашните задачи одземаат време од семејствата и не им нудат на учениците многу за возврат, децата сепак поминуваат часови и часови правејќи работи за училиште надвор од времето што всушност го поминуваат во училниците. Исто така, наспроти доказите дека малите гестови на добрина може да се прошират низ заедницата како позитивен вирус, премногу деца се вклучени во врсничко насилство, било како насилници или како жртви.

Можеби тоа е причината зошто едно основно училиште во Ирска одлучи да направи нешто радикално – цел декември, децата наместо домашни задачи, ќе прават добри дела.

Во седмиците што им претходат на празниците, децата од училиштето Gaelscoil Mhíchíl Uí Choileáin  во Клонакилти ќе имаат по една задача секој ден. Во понеделниците, треба да комуницираат со постара личност која е можеби осамена. Тие можат да ги посетат, да им се јават или да им испратат новогодишна картичка. Во вторниците ќе му го олеснат животот на некој член од своето семејство со преземање на некоја негова домашна обврска, без тој да го побара тоа од нив. Средите се резервирани за случајни гестови на љубезност од секаков вид, а во четвртоците прават нешто удобно за себе и за својата ментална и емоционална благосостојба.

Учениците ќе ги бележат своите активности во Дневникот за добрина. Училиштето, исто така, направила и кутија за добрина во која учениците можат да напишат и вметнат нешто позитивно што забележале или нешто со што ќе ги инспирираат своите соученици. Во петоците наутро, тие случајно извлекуваат неколку ливчиња и ги читаат пред сите.

Но, тоа не е сè! Покрај сѐ погоре, секое одделение ќе соработува на заеднички потфат на добрина врз основа на идејата на ученик од тоа одделение.

Ова е трета година по ред како што учениците во ова училиште прават вакво нешто во декември. Минатата година тие се занимавале со темата на благодарност, па ги бележеле малите работи во животот за кои се благодарни.

Од училиштето порачуваат:

„Ги охрабруваме учениците да размислуваат за вистинскиот празничен дух, духот на љубезноста и дарувањето. Ставајќи акцент на материјалната и трговската страна на Божиќ, често забораваме која е вистинската поента – добрината!

За жал, не секој може да ужива во празниците – некои се осамени, некои се тажни, некои можеби копнеат по нешто што го немаат, а некои можеби едноставно не го сакаат тоа. Но, нема човек во светот на кого не би му дошол добро некој гест на љубезност.

Во овој свет кој е толку фокусиран на социјалните мрежи, каде нашите млади постојано се наоѓаат под притисок, нема подобар начин да им го покажеме вистинскиот пат во животот отколку преку добрината. Сите знаеме дека помагањето на другите ни помага и нам. Тоа прекрасно чувство кога правиме нешто убаво за некого не може да се спореди со ништо друго. Нашата порака до децата е многу едноставна: можете да бидете причината зошто некој денес се насмевнал и сигурно може да помогнете и да го направите светот подобро место за другите и за себе.

Оваа празнична сезона, се надеваме дека луѓето нема да чувствуваат потреба да купуваат скапи подароци, туку да ги осветлат животите на луѓето околу нив со тоа што ќе им дадат дел од себе.

„Ние сме им многу благодарни на родителите во училиштето кои ги прифатија нашите минати иницијативи за ментално здравје, благодарност, фитнес и вежбање. Само со нивна континуирана поддршка можеме да се надеваме дека нашите ученици ќе бидат добри, горди, среќни и сестрани граѓани кои ќе ги задржат овие животни вештини долго откако ќе го напуштат ова училиште.

Се надеваме дека оваа нова иницијатива на Добрина ќе ги направат подготовките за празниците позначајни и посебни “.

Како би било сите училишта во светот да се угледаат на ова ирско училиште, и тоа не само за празниците? Како би било сите ние да се фокусираме на изградбата на позитивни личности, колку и на подготовките за тест? Како би било секое училиште да каже: „Да се ​​биде добар е поважно од тоа да се биде паметен“, не само еден месец, туку секогаш?

Најголемите проблеми со кои се соочува човештвото не се толку предизвикани од недостаток на интелигенција или знаење, колку од недостаток на заеднички вредности кои не наведуваат да се грижиме еден за друг. Без основа во основната човечка пристојност и добрина, знаењето и градењето вештини само ќе доведат до повеќе проблеми, додека фокусирањето на добрината може да изгради подобар свет за сите нас.

Фото: Pixabey

loading...