Научниците бараат итно да се испита колку се безбедни шишињата за бебиња

Бебињата кои се хранат со шише секојдневно голтаат милиони честици микропластика, покажало истражувањето кое е опишано како пресвртница во разбирањето на влијанието на ситните делови пластика врз луѓето.

0
147

Научниците утврдиле дека препорачаната температура за стерилизација на пластични шишиња и подготовка на млеко предизвикува ослободување на милиони честички микропластика и милијарди честички нанопластика.
Студијата опфатила шишиња изработени од полипропилен кои сочинуваат 82% од светскиот пазар. Главна алтернатива им се стаклените шишиња, пишува британски Гардијан.

Полипропиленот е најчесто користен вид пластика, а тестирањата покажале дека и другите садови за течност направени од овој материјал испуштале милиони честички микропластика на литар течност.

Студијата ги потврдила претходните наводи дека микропластиката значително ги контаминира намирниците. Сè уште не е утврдено точно како микропластиката влијае на здравјето на луѓето, па затоа научниците бараат итно да се испита.

Истражувачите дале упатства за стерилизација со цел да се намали изложеноста на микропластични честички.

Професорот од колеџот Тринити, Џон Боланд истакнал дека тие биле „целосно вчудоневидени од количината на микропластика која настанува во шишињата за бебиња“. Тој посочил дека е потребно да се испита колку микропластика достигнува во крвотокот, а со тоа и во други делови од телото.

За Филип Швабл од Медицинскиот универзитет во Виена, ова истражување е пресвртна точка, бидејќи покажало дека алармантна количина на микропластика се внесува во организмот за време на консумирањето на некоја намирница. Тој исто така потенцирал дека е потребно да се испита како оваа материја влијае врз здравјето на децата.

Оливер Џонс, професор на универзитетот РМИТ во Мелбурн, изјавил дека родителите кои ги користат овие шишиња не треба да се чувствуваат виновни, туку дека треба да се справат со овој проблем.

Претходно, научниците предупредуваа дека се загрижени за количината на микропластика што може да влезе во организмот, на пример со консумирање вода од пластично шише.

Студијата е објавена во списанието Nature Food и со неа биле опфатени три четвртини од светската популација.

Истражувачите процениле дека бебињата во првата година од хранењето со овие шишиња биле изложени во просек на голема количина на микропластични честички на ден, околу 1,6 милиони. Во Соединетите Држави, Австралија и европските земји, тој број изнесувал повеќе од два милиони.

Фото: Pixabay

loading...