Нашето семејно законодавство доцни 3–4 децении со современите реформи

Во нашиот Закон за семејство е предвиден само концептот на поединечно вршење на родителските права по развод на брак иако бројни научни истражувања покажуваат дека заедничкото вршење на родителското право по разводот е во најдобар интерес на детето, порачува професорoт по семејно право, доц.др. Ангел Ристов.

0
222

Родителска одговорност на двајцата родители во најдобар интерес на детето, надминување на конфликтот по разводот на бракот во вршењето на родителското право, подигнување на свеста кај родителите за заедничката одговорност, воведување на брачна медијација, враќање на предбрачните, но и на постбрачните советувалишта, носење судска, наместо управна одлука за доверување на детето, се дел од предлозите за кои се залага професорот по семејно право Ангел Ристов, во насока на реформирање на семејното законодавство.

Тој го повикува законодавецот да расправа за овие суштински животни прашања и им порачува на сите засегнати со овие прашања секогаш да постапуваат и да носат одлуки во најдобар интерес на детето и секогаш да го имаат предвид неговото мислење.

За порталот „Мајка и дете“ тој ја образложи потребата за измени во законот за семејство кој нема претрпено позначајни промени повеќе од две децении. Според него, науката за семејното право веќе со години се залага за реформи во сферата на вршењето на родителското право по развод на брак.

Ангел Ристов, професор по семејно право

Од кога не е изменет Законот за семејство и што е според вас најспорно во него кога станува збор за остварувањето на правото на детето за лични и непосредни контакти со двајцата родители, има ли во постоечкиот закон основа за спроведување на заедничко родителство после развод?

Законот за семејството од 1992 година, нема претрпено позначајни промени повеќе од две децении. Во својата суштина, тој во најголема мера ги задржа старите правни решенија од поранешните правни прописи, инкорпорирајќи ги во единствен пропис со кој се уредуваат односите во семејството. Од неговото донесување, па до денес, најголем број на измени беа направени во постапката за посвојување и надзорот над вршењето на родителските права. Од друга страна, во последниве неколку децении во современите општества се случуваат драматични промени кои се изразуваат преку зголемувањето на бројот на разведени бракови, зголемување на бројот на вонбрачни заедници и вонбрачни деца, намалување на бројот на склучени бракови и зголемување на возраста за стапување во брак, намалување на бројот на новородени деца и др.

Овие современи тенденции не ја заобиколуваат ниту нашата држава. И покрај традиционалните семејни вредности во нашето општество, особено загрижува фактот на зголемување на бројот на разведени бракови кои уште пред неколку години го надмина прагот од 2000 разведени бракови на годишно ниво. И покрај тоа што во европски рамки спаѓаме во групата на држави со најниска стапка на разведени бракови, сепак во последните две децении бројот на разведени бракови кај нас бележи драматичен пораст. Имено, во 1995 година имало 710 разведени бракови, во 2005 година 1552, додека во 2013 година бројот на разведени бракови изнесувал 2045. За две децении, бројот на разведени бракови пораснал за два пати! Брзите разводи од холивудските сценарија, станаа реалност и во нашето општество! Во годините што доаѓаат во нашата држава допрва се очекува уште поголема експанзија на разведени бракови.

Како резултат на ова, се повеќе се зголемува бројот на деца од разведени бракови, со што станува актуелно и животно значајно прашањето за вршењето на родителските одговорности по разводот на бракот. Токму ова прашање е едно од најважните, од кое произлегува и правото на детето да одржува лични непосредни контакти со родителот со кој не живее заедно, но и со другите блиски роднини. По однос на ова прашање, како и многу други, имаме застарени решенија, кои создаваат бројни проблеми во практиката и се одразуваат на правилниот живот на децата од разведени бракови. Нашето семејно законодавство сѐ уште не е усогласено со Конвенцијата за правата на детето и доцни три – четири децении од современите реформи во семејните законодавства. Тоа е причината поради која во Законот за семејството е предвиден само концептот на поединечно вршење на родителските права по развод на брак. Така, во Законот не постои прецизна законска одредба според која родителите заеднички го вршат родителското право и по разводот на бракот. Ваквата празнина создава бројни проблеми во остварувањето на родителските одговорности по разводот на бракот. Во практиката најчест е случајот кога родителот кај кој децата се доверени на чување и воспитување ги носи сите значајни одлуки за нив, а другиот родител има право само да одржува лични односи со децата и обврска да плаќа издршка. Ова негативно се одразува на неговата подготвеност да се ангажира во одржувањето на лични односи со детето, и во неговата грижа за благосостојбата, образованието и воспитувањето на детето, поради тоа што овој родител е практично искучен од можноста да решава за прашањата што се од битно значење за иднината на детето. Тоа е и една од причините поради која во одреден број на случаи родителот не ја плаќа издршката за детето. Ова секако дека негативно влијае врз детето, кое има потреба од блиски и интензивни врски и контакти со двајцата свои родители.

Во современите европски законодавства, општоприфатен е ставот дека за детето е најдобро и двајцата негови родители да се грижат за негово чување и воспитување. Во таа смисла,  во современите законските решенија се предвидува дека родителите заеднички и спогодбено го вршат родителското право, независно дали се во брак, дали живеат во вонбрачна заедница или се разведени. Голем број европски законодавства предвидуваат дека родителите заеднички го вршат родителското право и по разводот на брак. Таква е состојбата во Франција, Италија, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Холандија, Чешка, во Скандинавските држави и во други европски законодавства.

Имајќи го предвид наведеното, како и во најдобар интерес на детето, потребно е во реформата на семејното законодавство во нашиот иден Граѓански закон изречно да се предвиди одредба според која, по престанокот на заедничкиот живот на родителите, како и по разводот на бракот, родителите заеднички и одговорно ќе ги вршат родителските права. Тоа е основната претпоставка за воведување на заедничкото родителство. Со тоа, освен во исклучителни случаи, по сила на законот ќе биде воведено заедничкото (правно) родителство (joint legal custody), кое подразбира дека и покрај тоа што детето физички ќе живее со едниот родител, и двајцата родители заеднички ќе одлучуваат за најважните прашања поврзани со животот и интересите на детето (за образованието, преземањето медицински итервенции, промена на местото на живеење и слични значајни прашања) за кои е потребна експлицитна согласност и од двајцата родители. Поединечното вршење на родителското право (sole legal custody), судот треба да одлучи да го довери вршењето на родителското право на едниот родител, само доколку тоа го бараат интересите на детето. Следниот исчекор во реформата на семејното право би бил воведување на можноста за заедничко поделено родителство  (joint physical custody, divided physical custody, joint physical care), според кое детето  ќе има живеалиште и кај двајцата родители и „подеднакво“ време ќе поминува и кај двајцата свои родители. За да биде дозволено од страна на судот остварување на овој модел на родителство, освен тоа да биде во најдобар интерес на детето потребно е да бидат  исполнети бројни услови, како на пример: родителите да постигнат согласност во однос на родителскиот план, да бидат во добри односи да живеат во непосредна близина и др., и таквиот договор судот да го одобри. Во споредбеното семејно право и по однос на заедничкото вршење на родителското право постојат различни решенија. Поради тоа крајниот збор треба да го има законодавецот, кој по однос на прашањата од сферата на семејното право е летаргичен и покрај заложбата дека „децата се нашето најголемо богатство“!

Како е регулирана функцијата на Центрите за социјална работа и на судовите во Законот за семејство, со оглед на тоа што има многу поплаки на нивната работа, особено на работата на центрите од страна на родителите. Што би менувале во тој дел?

Во нашето семејно право постои подвоеност во однос на надлежноста на државните органи за одлучувањето во вршењето на родителското право по развод на бракот помеѓу судот и Центарот за социјална работа. Судот е надлежен да одлучува за доверувањето на чување и воспитување на заедничките деца и за нивното издржување по разводот на бракот врз основа на мислењето на Центарот за социјална работа и откако ќе ги испита сите околности (чл. 80 ст. 2). Додека Центарот за социјална работа е надлежен во уредувањето на личните односи и непосредните контакти со децата на родителот кај кого не се децата, при што ги има истите овластувања како и кога родителите се во брак. Имајќи ја предвид ваквата поставеност на надлежните органи во одлучувањето за вршењето на родителското право по развод на бракот може да се забележи дека Центарот за социјална работа има многу широки овластувања кои се од непосредно значење за развојот на децата, за разлика од судот. Ваквото решение е во спротивност со Конвенцијата за правата на детето која по однос на уредувањето на овие прашања предвидува судска надлежност (чл. 9), за што подолго време како наука укажуваме, но повратен одговор од релевантните институции досега немаме добиено.

Едно од најзначајните прашања кое се поставува во случај кога родителите не живеат заедно и се разведени е правото на одржување на лични односи и непосредни контакти со детето. Законодавецот остава можност ова прашање родителите спогодбено по нивна волја да го уредат. Но, доколку родителите на детето во рок од најмногу два месеца не се согласат со начинот на одржување на личните односи и непосредни контакти со детето, Центарот за социјална работа донесува решение за тоа. Ваквата состојба е многу честа поради нарушените односи на родителите по разводот на брак, што негативно се одразува на развојот на децата. Во македонското законодавство не постои законски пропис кој детално го регулира прашањето за видот и обемот на личните контакти помеѓу едниот родител и детето, доколку родителите не живеат заедно. Одлуката за контактите е дискреционо право на Центарот за социјална работа, што во практиката предизвикува чести конфликтни состојби, што негативно се одразуваат врз децата. Ова е во спротивност со Конвенцијата за правата на детето која предвидува дека детето кое е одвоено од едниот или двајцата родители има право да одржува лични односи и непосредни контакти со двајцата родители врз постојана основа, освен ако е тоа во спротивност со најдобрите интереси на детето.  Поради тоа, сметаме дека при измените на семејното законодавство ова прашање треба прецизно да се уреди во Законот за семејството имајќи го предвид најдобриот интерес на детето.

Согласно Законот за семејството одржувањето на личните односи и непосредни контакти на децата со родителите може да се ограничи или привремено да се забрани само заради заштита на здравјето и на другите интереси на детето. Во случај кога не се остварува правото на малолетното дете да одржува непосредни контакти со родителите и други блиски роднини на родителот кој е умрен, на кого му е одземено родителското право или од други причини е спречен да го врши родителското право, Центарот за социјална работа, донесува решение за начинот на одржување на непосредните контакти (чл.79 ст.5).

Центарот за социјална работа има исклучително широки овластувања во надзорот на вршењето на родителските права, како и одржување на лични односи и непосредни контакти со детето. Во таа смисла Центарот за социјална работа со решение може да го одземе детето од едниот и да го довери на чување и воспитание на другиот родител, на некое друго лице или на соодветна установа, кога родителите, односно родителот кај кого детето живее, го запостави во поглед на чувањето и воспитувањето или кога постои сериозна опасност за неговиот правилен развој и одгледување (чл. 87 ст.1). Ваквото решение е во спротивност со Конвенцијата за правата на детето која предвидува судска контрола при донесување на одлуките со кои детето се одвојува од едниот или двајцата родители. Тоа е во спротивност и со Законот за вонпарнична постапка во кој е предвидено дека судот е надлежен да ги одземе или ограничи родителските права.

Спорна е и одредбата според која Центарот за социјална работа може да донесе решение, со кое на родителот кој подолго од три месеци не давал издржување на детето, ќе му го ограничи правото да одржува лични односи и непосредни контакти, сѐ додека не ги извршува обврските кон детето (чл. 87 ст. 2). Во услови на економска криза кога сѐ почеста е сиромаштијата и невработеноста нелогично е и нехумано ова законско решение кое приоритет им дава само на материјалните вредности, а не и на љубовта и грижата кон детето. Дотолку повеќе што е во интерес на детето да остварува лични односи и непосредни контакти со двајцата родители. Обврска е на државата да изнајде други посоодветни решенија за обезбедување на издршката, како што е тоа пример со бугарското право каде во ваков случај издршката паѓа на Буџетот на државата која има право да бара извршување на имотот на родителот кој не ја давал издршката по основ на јавни давачки.

Центарот за социјална работа ќе донесе решение со кое на родителот кај кого детето не е доверено на чување и воспитување, ќе му го ограничи правото на одржување на лични односи и контакти со детето, доколку неоправдано повеќе од три пати непрекинато, не го почитувал решението на Центарот за социјална работа (чл. 87 ст. 3). Што доколку постоеле оправдани причини поради кои не било испочитувано решението на Центарот за социјална работа? Кој ќе ги утврди овие причини дали се оправдани или не, а од кои зависи правото на одржување на личните односи и контакти на родителот со детето? Неминовна е потребата од судска контрола на ваквите одлуки кои имаат поголема тежина за разлика од управните.

Истата констатација се однесува и на одредбата според која Центарот за социјална работа може да донесе решение со кое ќе го даде детето на престој кај родителот на кого детето не му е доверено на чување и воспитување, одреден временски период, но не подолго од 15 дена, доколку повеќе од два пати едно по друго другиот родител неоправдано не го почитувал решението на Центарот за социјална работа (чл. 87 ст. 4). Дали е оправдано истиот орган кој го носи решението да цени дали другиот родител оправдано или неоправдано не го почитувал истото. Многу непрецизна е и одредбата која предвидува дека Центарот за социјална работа ќе донесе решение со кое на родителот ќе му го ограничи правото на одржување на лични односи и контакти со детето или истите ќе му ги забрани за одреден временски период, но не подолго од шест месеци, доколку во рокот определен со решението не го вратил детето или го задржал подолго од времето определено во решението или го однел во непознат правец. Се поставува прашањето дали сите три ситуации се подеднакво исти за да се подведат под толку тешка санкција оставајќи широко дискреционо право на Центарот за социјална работа да одлучува без попрецизни законски критериуми.

Најпосле, Центарот за социјална работа ќе донесе решение со кое времено ќе го довери детето на другиот родител, трето лице или ќе го смести во друго семејство или во соодветна установа, како последен избор, доколку има сознанија дека личните односи и непосредните контакти на детето се прекинати подолго од два месеци поради непостапување по решение на Центарот за социјална работа од страна на родителот кај кого детето е доверено или поради нарушени партнерски односи, кои штетно се одразуваат врз развојот на детето (чл. 87 ст. 6). Дали само врз основа на сознанија може да се дозволи Центарот за социјална работа до донесе вака значајна одлука, без притоа ни малку да се води сметка за мислењето на детето?

Поаѓајќи од наведеното, несомнена е потребата законодавецот да ја ревидира улогата и надлежностите на Центарот за социјална работа и неговите ингеренции кои се поврзани со вршењето на родителското право по развод на брак да ги пренесе во судска надлежност. Во спротивно, наместо Центарот за социјална работа да ги решава проблемите поврзани со вршењето на родителското право по развод на бракот, неговата надлежност и одлуките кои ги донесува и понатаму ќе продолжат да предизвикуваат проблеми во практиката на штета на интересите на децата. Аргумент повеќе е фактот што во последниве децении овој орган е „пренатрупан“ со голем број надлежности (социјала, старателство, мирење, семејно насилство, надзор над вршење на родителското право, постапка за посвојување и др), а од друга страна евидентен е недостатокот и потребата од екипираност од нови кадри, вработувања, професионализација во одредени сфери на работење, како и ресурси за ефикасно остварување на своите ингеренции.

Согласно членот 6 став 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој има право заради утврдување на неговите права и обврски од граѓанскоправен карактер, во кои според јудикатурата на Европскиот суд за човекови права спаѓаат и семејните права, на со закон востановен независен и непристрасен суд кој правично, јавно и во разумен рок ќе одлучи по неговиот случај. Поаѓајќи од ова како и од фактот дека одлуките на судот обезбедуваат поголема правна сигурност, непристрасност и еластичност во одлучувањето сметаме дека во идните измени и дополнувања на Законот за семејството за одлучувањето на прашањата поврзани со вршењето на родителското право треба да биде надлежен судот.

Дали се работи на измени во Законот за семејство и што би требало да содржи тој во себе за да биде идеален во овој дел кој е предмет на нашиот интерес, односно, во поглед на родителствувањето после развод?

Како што веќе напоменавме, нашето семејно законодавство нема претпрпено поголеми значајни промени повеќе од седум децении. Законодавецот, по осамостојувањето на нашата држава, во голема мера во новите законски прописи ги презеде старите решенија со кои се уредуваа семејните односи. Со донесувањето на Законот за семејството од 1992 година, законодавецот успеа да направи една „мини кодификација“ во оваа област. Притоа, овој закон во својата содржина ги обедини сите четири области на семејното право, бракот, родителските односи, посвојувањето и старателството, во еден законски текст. За потсетување, во минатото сите овие области беа уредени со посебни закони. Сепак и во оваа сфера, до денес, законодавецот нема направено некои позначајни измени во регулирањето на семејните односи и покрај тоа што односите во бракот, семејството и општествените прилики се битно променети.

Најголемата реформа во граѓанското право кај нас започна со донесувањето на Одлуката на Владата од 28 декември 2010 година за формирање на Комисија за изготвување на Граѓански законик. Комисијата, под водство на професорот Гале Галев, досега ги изготви Преднацртите за Книга трета облигационоправни односи и Книга четврта наследноправни односи кои веќе поминаа низ јавна расправа. Изготвена е и првична верзија на Преднацртот на Општиот дел. Како резултат на долгогодишната напорна работа на Комисијата за семејното право, предводена од проф. д-р Дејан Мицковиќ, изготвена е и теоретската рамка на Книга петта семејноправни односи. Сѐ уште се работи на законските формулации во Преднацрт на Книга петта. Ова од причина што од сите делови на граѓанското право, токму делот кој се однесува на семејното право треба да претрпи најголем број на измени.

Суштинските реформи се предвидуваат во делот за вршењето на родителските одговорности по развод на бракот како еден од најчувствителните и најзначајните делови од семејното право, во насока на обезбедување на поголема заштита на правата и интересите на децата. Исто така, се предлагаат промени во уредувањето на вонбрачната заедница, уредувањето на брачниот договор, предвидувањето на посебна заштита на семејниот дом, промени во уредувањето на законскиот имотен режим на брачните партнери, воведување на медијација во брачните и семејните спорови, правото на детето да го каже своето мислење во сите постапки кога се решава за неговите права и интереси, укинување на непотполното посвојување и голем број на други промени.  Предлозите за овие промени  произлегуваат од анализата на постојните законски решенија и проблемите кои тие ги предизвикуваат во практиката. Освен тоа, предлозите за реформата на семејното право се темелат и на анализа на семејноправната теорија, на сеопфатно истражување на законските решенија од современите европски семејни законодавства, како и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Каков е вашиот личен став во однос на иницијативата за заедничко родителство по развод?

Науката за семејното право уште многу години пред започнување на оваа иницијатива, се залага за реформи во сфератата на вршењето на родителското право по развод на брак. Ова од причина што бројни научни истражувања покажуваат дека моделот заедничкото вршење на родителското право по развод на брак е во најдобар интерес на детето. Во таа смисла, неопходно е законодавецот конечно да се сврти кон горливите и животно значајните проблеми на граѓаните поврзани со семејните односи и да се донесе нов Закон за семејството во кој, меѓу другото, најголема реформа треба да биде направена токму во сферата на вршење на родителските права по развод на брак. На тој начин, законодавецот ќе овозможи посреќно и повесело детство на голем број деца, наместо солзи и расплакани родители и блиски роднини.

Има многу случаи и на поплаки обично од страна на мајките кои се старатели на децата по разводот на бракот во однос на алиментациите…дали и какви евентуални измени во законот за семејство би го регулирале ова, на пример, во случаи кога нема интерес кај двајцата родители за заедничко родителство после развод, доколку претпоставиме дека новиот закон би содржел во себе ваква можност?

Во поглед на обезбедувањето на издршката на децата по разводот на бракот, нашето семејно законодавство, исто како и во другите негови делови, нема претрпено поголеми промени и реформи од неговото востановување, па сè до денес. Постојните решенија создаваат бројни проблеми во практиката на штета на децата, кои во голем број на случаи не ја добиваат егзистенцијалната издршка од родителот со кој не живеат заедно. Со неисполнувањето на издршката на децата се загрозува нивното правилно одгледување, воспитување и образување, а товарот на надминувањето на секојдневните проблеми паѓа само на родителот со кој детето живее. Во последниве неколку децении во сите европски земји, вклучувајќи ја и нашата држава, во брачните и семејните односи се случуваат драматични трансформации кои се манифестираат, меѓу другото и со зголемување на бројот на разведени бракови. Во 2013 година кај нас беа разведени 2045 бракови. Овој број укажува и на големиот број на деца кои се засегнати со прашањето за навремено исплаќање на издршката од страна на нивните родители. И покрај ова, законодавецот не обрнува доволно внимание на ова сериозно прашање, и не презема никакви мерки и решенија во однос на надминување на оваа зачестена негативна појава. Со тоа, овие деца се ставени во понеповолна положба од останатите деца, што е во спротивност со Уставот и со правата загарантирани во Конвенцијата за правата на детето на ООН. Овие деца во никој случај не смеат да бидат заборавени, туку напротив законодавецот треба да превземе мерки за подобрување на нивната положба.

Законодавецот во однос на прашањето на издршка, и покрај тоа што општествените прилики се значајно променети, сѐ уште го практикува моделот од поранешниот систем, наместо истиот да го реформира во согласност со решенијата од современите семејни законодавства. Во Европа постојат различни системи на обезбедување на плаќањето на издршката на децата. Во случај кога родителот кому децата не му се доверени на чување и воспитување не ја плаќа издршката за детето, нејзиното плаќање е гарантирано директно од страна на државата. Такво решение е предвидено во Австрија, Естонија, Германија, Унгарија, Италија и Шведска. Во други држави, како што се Франција, Словачка и Белгија, кога родителот нема да плаќа издршка, таа се гарантира од страна на специјализирани правни лица основани од страна на државата. Во трети, плаќањето на издршката се обезбедува од страна на локалните власти, како што е случајот со Чешка, Данска, Финска и Бугарија. Специјални фондови за обезбедување на плаќањето на издршката на децата се предвидени во Латвија, Литванија, Луксембург, Полска и Португалија. Посебни владини агенции се предвидени за обезбедување на плаќањето на издршката во Холандија и во Велика Британија. Во некои држави, како што е на пример Франција, плаќањето на издршката на децата може да биде покриено и од страна на приватни осигурителни компании. Заедничка карактеристика за сите модели за обезбедување е тоа што не се ослободува родителот од обврската за плаќање на издршката, при што во одредени држави надлежен за наплаќање на обврската е судот (Австрија, Белгија,Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Латвија, Португалија), во други извршителот (Холандија, Естонија, Словачка, Шведска), додека во трети судот и извршителот (Бугарија, Кипар, Словенија).

Имајќи ги предвид проблемите со обезбедувањето на издршката во практиката, како и посочените решенија од споредбеното право, несомнено можеме да заклучиме дека нашето право далеку заостанува зад европските законодавства и содржи застарени решенија кои не одат во прилог на најдобриот интерес на децата, на кои им е неопходна финансиска сигурност за правилен развој и безгрижно детство. Во таа насока, потребно е законодавецот во Граѓанскиот закон да ги измени постојните решенија кои создаваат проблеми и да се одлучи за еден од моделите за обезбедување на плаќањето на издршката кои се прифатени во современите европски законодавства. Ова ќе биде една од најзначајните реформи на семејното право, со која што ќе се обезбеди повисок степен на заштита на правата и на интересите на децата и ќе се овозможи создавање на оптимални услови за нивно правилно чување, воспитување и издржување.

И за крај, има ли надеж кај нас еден ден да профункционира заедничкото родителство по развод и дали решението го гледате единствено во измена на законот за семејство, односно, дали ако се направи сѐ што треба и се изнајде ново идеално законско решение, тоа ќе биде доволно и за да профункционира со оглед на тоа што, очигледно, кај нас е проблем и ниската свест на луѓето?

Се надевам дека законодавецот конечно ќе се разбуди од зимскиот сон и освен дневните политички прашања, ќе се сврти кон решавање на животните проблеми на граѓаните. Многу бргу во нашето општество се заборави пресудата за семејството Митови! Уште колку пресуди против нашата држава се потребни за законодавецот да сфати дека итно се потребни реформи во оваа сфера во најдобар интерес на децата. Освен донесувањето на комплетно нов закон усогласен со европските принципи на семејното право и современите тенденции и реформи во семејното законодавство, потребно е и да се подигне свеста кај граѓаните дека на детето му се потребни и двајцата родители! Потребно е повторно да бидат вратени предбрачните, но и постбрачните советувалишта каде стручни лица (социолози, психолози, правници и др.) би им ги објасниле на поранешните партнери последиците од нарушените односи помеѓу родителите, со цел да се избегнат колку што е тоа возможно. На крајот би завршил со една порака до сите граѓани кои се засегнати со овие прашања: – Секогаш постапувајте и носете ги одлуките во најдобар интерес на детето и секогаш имајте го предвид неговото мислење.

Драгица Христова

„Изразените гледишта во никој случај не гирефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

 

 

 

 

loading...