Најчесто прекршувано право на децата во моето место на живеење е правото на дишење чист воздух

Ова е само еден од проблемите за кои станува збор во Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија, токму од перспектива на децата.

0
41

Денес (20 ноември), кога секаде во светот се прославува Меѓународниот ден на детето, Првата детска амбасада „Меѓаши“ го презентираше Детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Македонија.

На прес-конференцијата, на која говореа учениците-автори на извештајот, беа презентирани повеќе аспекти од животот на децата во државата и проблемите со кои тие се соочуваат, поделени во седум тематски целини: Запознаеност со детските права и нивно почитување; Насилство врз децата; Дискриминација; Слободно време, игра, спортски и културни активности; Децата на улица; Образование и Животна средина.

Извештајот е изработен од вкупно 13 ученици на возраст од 12 до 17 години од повеќе градови, рефлектирајќи се на наодите од истражувањето за состојбата на правата на децата во кое учествуваа повеќе од 1000 деца ширум земјата, но и врз основа на своето лично и искуството на своите врсници.

Извештајот е поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, во рамките на процесот на периодично известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во Македонија. Истиот содржи детални и длабински увиди на децата во состојбите со детските права во државата и прецизни препораки за надминување на проблемите со кои тие се соочуваат и недостатоците на системот.

Децата истакнуваат повеќе проблеми, вклучително и нискиот квалитет на образование, недоволната хигиена во училиштата, немањето на соодветни услови за вклучување на децата со попреченост во образовниот процес, органиченоста на слободното време поради преголениот обем на училишни обврски, недостатокот на можности за вклучување во спортски и културни активности особено во помалите градови и руралните средини, високата загаденост на воздухот и други еколошки проблеми кои негативно се одразуваат врз добросостојбата на децата, превалентноста на насилството, а особено врсничкото насилство и дискриминацијата на децата по повеќе основни, вклучително по возраст, пол, јазик и етничка припадност, потребата од поголема грижа за менталното здравје на децата, недоволната грижа за децата на улица од страна на институциите и потребата за поголема запозненост со детските права и на децата и на возрасните.

Од „Меѓаши“ велат дека менторирањето на оваа група ученици е од непроценливо значење не само за нивната работа како застапници на правата на детето, туку, уште повеќе, за нивното залагање и практикување на принципот на учество на децата во процесите на носење одлуки за работи важни за нив. Тие потенцираат дека овој извештај е задолжително четиво за секој кој се грижи за добросостојбата на децата и унапредувањето на нивните права.

loading...