На дебелите деца им недостасува самодоверба, како да им помогнеме?

Имајте на ум дека детето со вишок килограми веројатно не сака колективен спорт од страв дека таму ќе биде дополнително исмејувано. Децата знаат да бидат сурови и не одбираат зборови, па тоа само дополнително ќе му ја влоши и така разнишаната самодоверба. Помогнете му да пронајде активности кои му одговараат.

0
254

Дебелината кај децата е нешто што зема замав. Денес, има многу повеќе дебели основци отколку некогаш. Во минатото, децата го поминуваа поголемиот дел од времето играјќи, постојано беа во движење и речиси немаа време за оброци бидејќи не сакаа да ја прекинат играта. Денес е многу поразлично. Децата се движат сè помалку и поминуваат сè повеќе време во седечка положба пред екраните. Уште ако на тоа се додадат грицките кои обично ги јадат несвесно, тогаш е сосема јасно зошто доаѓа до дебелеење.

Под поимот дебелина се смета вишокот телесни масти. Неколку килограми плус не значат дека детето е дебело, но секако укажува на склоност кон дебелеење. Важно е родителите благовремено да реагираат. Дебелината најчесто се јавува околу петтата или шестата година или во текот на пубертетот. Истражувањата работени на таа тема покажале дека децата што се дебели во периодот од 10 до 13 години имаат дури 80 отсто поголеми шанси да бидат дебели и подоцна во животот.

Што доведува до дебелина кај децата?

Тоа се случува поради внесување повеќе калории отколку што се троши, иако не се занемарливи и генските предиспозиции. Кај децата дебелината најчесто се врзува за недостигот на физички активности и консумирање нездрава храна, како и стресни случки, на пример, развод на родителите, проблеми во семејството и врснички проблеми. Со текот на растењето килограмите се зголемуваат и тоа е во ред, но кога ќе се надмине потребата од раст и развој, се доаѓа до дебелина. Степенот на ухранетост се проценува со помош на индекс на телесна маса која се пресметува врз основа на тежината и висината.

Кои се ризиците и компликациите од дебелината кај децата?

Негативните ефекти се многубројни ако не се реагира навреме. Многу често дебелеењето кај децата се поврзува и со појава на емотивни проблеми. Децата со вишок килограми најчесто имаат недостиг на самодоверба, помалку се омилени во друштво и неретко се изложени на потсмев. Во тинејџерските години се особено чувствителни, па сликата за себе најчесто ја формираат врз основа на мислењето на врсниците.

Исклучително е важно да му бидете поддршка на детето

Колку и да им е важно мислењето на врсничките групи, ниту мислењето на родителите не е занемарливо, само што тоа најчесто не го даваат до знаење. Не нарекувајте го детето со погрдни имиња и не инсистирајте на проблемот со килограмите. Помогнете му, бодрете го и истакнувајте ги неговите позитивни карактеристики за да го охрабрите и да му помогнете да ја зајакне самодовербата. Бидете секогаш тука за него, а основното мото да ви биде дека не постои нерешлив проблем. Факт е дека дебелите деца се незадоволни од својот изглед, а истовремено се борат и со психолошки проблеми кои настанале како последица на неприфаќање од страна на врсниците. Не двоумете се да побарате и стручна помош, доколку е потребно. Дебелината е медицински проблем кој најлесно се препознава, но многу тешко се лекува. Ако не го решите проблемот во детството, може да стане и доживотен проблем.

Бидете иницијатор за промени на исхраната

Важно е да бидете иницијаторот за промена на режимот на исхрана и физичките активности. Секогаш имајте го на ум фактот дека незадоволното дете бара утеха во храната. Многу кратко има чувство на среќа и задоволство (само додека јаде), а потоа настапува незадоволство, каење и бес насочен кон себе. За да го смири тоа, повторно посега по храна и тоа е еден маѓепсан круг од кој тешко се наоѓа излез, но не е невозможен. Бидете одлучни да го пресечете тој круг и бидете му најголема поддршка на детето во процесот на слабеење. Променете го начинот на живеење така што ќе вежбате заедно и ќе воведете здрави навики. Инсистирајте на заеднички активности, а не на изгладнување, бидејќи на децата во развој им е потребна квалитетна исхрана.

Наместо грицки, понудете сечкан зеленчук, инсистирајте и да внесуваат многу течности. Поставувајте краткорочни цели – еден ден без нездрава храна, па кажете му на детето дека сте горди на него, дека верувате во него и мотивирајте го да продолжи и во следните денови. Ако веднаш не прифати нова храна, не очајувајте и не откажувајте се. Бидете доследни, но не и строги. Секогаш имајте на ум дека на детето му е далеку потешко отколку вам.

Помогнете му физички да се активира

Освен што физичката активност ја зголемува потрошувачката на калории, истовремено доведува и до намален апетит. Тоа најдобро направете го преку личен пример. Активирајте се физички и покажете воодушевување, а детето набрзо ќе го прифати таквиот образец на однесување. Доколку инсистирате на занимавање со групен спорт, со присуство на врсници може да се случи да создадете непремостив јаз помеѓу вас. Имајте на ум дека детето веројатно не сака колективен спорт од страв дека и таму ќе биде дополнително исмејувано. Децата знаат да бидат сурови и не одбираат зборови, па тоа само дополнително ќе му ја влоши и така разнишаната самодоверба. Помогнете му да пронајде активности кои му одговараат. Тоа може да биде танцување на музика дома, заедничко возење велосипеди, како и секојдневна прошетка и престој на воздух.

И не заборавајте дека детското тело не е подготвено за истите напори како и телото на возрасните. За почеток, нека се активира 15 минути дневно, па ден за ден зголемувајте го времето, на 30 минути, па на 60. Не користете заповеден тон, туку постепено преку разговор наведете го детето самото да посака физички да се активира. И што е најважно, секојдневно повторувајте му дека е сакано, посебно и единствено. Бодрете го и охрабрувајте го постојано бидејќи не само што ќе му помогнете да ја регулира телесната тежина, туку ќе му помогнете да ја зајакне и самодовербата. Ваша примарна задача е да го зајакнете, зацврстите и да му дадете крилја за да се крене од земјата.

Запомнете, без вашата огромна желба, трудот и максималната поддршка, тешко ќе успее во тие години да се избори со вишокот килограми.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]