Невена Смилевска: Еко-активистка со јасни животни и професионални цели

Живејте одржливо, движете се одржливо, грејте се одржливо, купувајте одржливо, фрлајте одржливо, порачува нашата соговорничка чии животни вредности се исти со вредностите за кои се залага и професионално, заедно со своите колеги од центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, а на нив ги учи и своите деца

0
80

Каков превоз користиме, на што се грееме, што правиме со отпадот, дали користиме обновливи извори на енергија, каква индустрија не опкружува, дали учествуваме во носење на одлуки важни за заедницата во која живееме, се главните прашања со кои веќе 19 години се занимава здружението Еко-свест.

Нашата соговорничка Невена Смилевска е програмски координатор во Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, по професија е социолог и работи на темата енергетика и климатски промени од 2012. година.

Таа беше и нашата домаќинка на работниот викенд во Битола, во организација на Еко-свест, во рамки на проектот за забрзување на процесите за транзиција на термоелектраните на јаглен кон обновливи извори на енергија, но и трансформирање на економијата во регионите со јаглен така што никој не би останал без работа и егзистенција.

Имено, мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина, но и да поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и да промовира практични решенија. Нивната визија е праведно, одговорно и совесно општество каде што здрави граѓани одржливо живеат во благосостојба и во хармонија со животната средина. Овие вредности се истите оние кои се длабоко вкоренети и во Невена и кои таа ги смета за свои животни вредности, а со нив ги задојува и своите деца.

„Ако почнете да обрнувате внимание на тоа што се случува околу вас не може да не забележите дека животната средина не е во добра состојба. Во зима е доволно само да излезете надвор“, вели Невена и ни објаснува дека нејзините животни вредности и начинот на кој живеат и функционираат таа и нејзиното семејство, се исти како и вредностите за кои се залага Еко-свест.

„Секој поединец треба да е одговорен за своите избори, прво за тоа како ќе одите на работа, дали пеш, со велосипед или со јавен превоз, а тоа не е неважно и во голема мерка влијае на животната средина. Тоа е еден од изборите, другиот се однесува на тоа што правите со својот отпад, а отпадот пак зависи од потрошувачките избори. На пример, кога купувате можете да изберете производи што немаат амбалажа, а ако веќе мора да имаат амбалажа, тогаш можете соодветно да ја фрлите. Ако не купувате пластична амбалажа, нема да имате пластика. Сите имаме избор и во однос на отпадот, и во однос на транспортот, и во однос на тоа како ја трошиме енергијата. Исто така, добро е да се гледа енергетската ефикасност на уредите во домаќинствата која е јасно означена на производите. Колку е таа повисока, толку помалку енергија ќе трошиме, а ќе ја намалиме и својата сметка за струја.

На пример, кога ние реновиравме дома, внимававме на тоа сите уреди да бидат енергетски ефикасни. Истовремено, кога само во една соба ги сменивме светилките од 300 вати со лед светилки од 6 пати по 3 вати, се намали сметката за струја за 300 денари. Иако оваа информација е со претходната цена на струјата, сепак ориентациски е така, а сега и лед светилките се значително поевтини, така што тоа е наједноставното нешто што секое домаќинство може да го направи. Во почетокот вложувањето е поголемо, ама се враќа екстремно брзо. Според калкулациите што ги правев, вложувањето за лед светилки за просечно домаќинство се враќа за околу 6 месеци.

Тука се и одржливите навики како што е гаснење светло. И децата ги учам на тоа, па иако моите ќеркички имаат само 2 и 6 години, веќе внимаваат на ова. Знаат и кој отпад во која канта се фрла, а поголемата дури и не опоменува ако некој од нас згреши. Се надевам дека тоа што ги учам јас дома, тие потоа ќе ги научат своите другарчиња во училиштата.

Мислам дека ако му го всадите на детето тоа од најрана возраст, ако го задоите со овие вредности, околината нема да може да влијае врз нив, бидејќи тие сепак најмногу време поминуваат дома. Имено, ако тие работи им се поставени на децата како вредности на многу рана возраст, ако им ја поставите грижата за животната средина како основна вредност, тешко е подоцна средината да влијае така за да се смени ова“, вели Невена.

Во тој контекст е битен секој сегмент од животот, вклучувајќи ја и исхраната, па таа и сопругот, кој е инаку, професионален шахист, се вегетаријанци. Сепак, вели дека за време на двете бремености, јадела месо, но планира по фазата на одвикнување од доењето на помалата ќеркичка, да му се врати на вегетаријанството.

Таа и нејзиното семејство се и дел од групата Green Republic, кои се производители на органски зеленчук и веќе една година оттаму го земаат својот неделен зелен пакет со органска храна, претежно лиснат зеленчук, спанаќ, блитва кељ, зелена салата, но и компири, пиперки, домати.

„Веќе една година земаме од нив продукти и тоа придонесе за озеленување на нашата трпеза, па сега почесто јадеме зелена салата во споредба со претходно. Исто така, многу инсистираме на овошје, па ако децата побараат благо, прво им нудиме да земат банана, јаболко, цреши, урма. За новогодишните пакетчиња имаме семејна политика да не се носат чоколади, туку житни плочки, суво овошје, и децата се задоволни со тоа“, објаснува Невена.

Таа е цврста во своите ставови, но и убедена дека секој од нас, може да придонесе за заштита на животната средина и за подобра иднина на нашата планета.

И, наместо да бидеме резигнирани и безволни, наместо да се чувствуваме немоќни како поединци кои не можат да направат ништо за заштита на животната средина, Невена порачува: „Живејте одржливо, движете се одржливо, грејте се одржливо, купувајте одржливо, фрлајте одржливо. Сето тоа има огромно влијание врз животната средина“.

Што се однесува до енергетската транзиција, таа, вели Невена, е единствена алтернатива за сигурна иднина, но треба да биде спроведена праведно, а тоа значи дека земјата ќе осигура економска стабилност за вработените и заедниците кои се зависни од термоелектраните на јаглен, во транзицијата кон обновливи извори на енергија.

Ова, раскажува нашата соговорничка Невена, е само една од целите на Еко-свест, заради кои тие, колку и да изгледа дека нивните цели се недостижни и тешки за реализација, сепак не се чувствуваат како да прават Сизифова работа.

Напротив, вели Невена, ние имаме стратешки план и луѓе што го исполнуваат. Како индивидуи и како Еко-свест имаме стратегија по која се движиме и таа вродува со плод. Досега, стратешките планови се исполнуваат, а ако се исполнуваат тогаш нема зошто да се чувствувате како Сизиф. Има некои работи за кои постојано се зборува, на пример, за отпад зборуваме 20 години и веројатно тие што работат на таа тема се чувствуваат како да прават сизифова работа. Ние работевме напорно на тоа прво да не слушнат, потоа да не слушнат што кажуваме, па да седнеме на иста маса и да се договориме, да не прифатат како релевантен чинител. Потоа, тоа што го кажуваме влезе во документите, а сега сме дотаму што не викаат на консултации и нашето мислење стана важно за оние што ги носат одлуките и стратегиите. Придонесовме во голема мерка новата енергетска стратегија која се донесе на крај на 2019. година да биде во огромна мерка „позелена“ во однос на претходната.

Јас работам на прашања поврзани со енергија и конкретно, на кампањи поврзани со термо енергија, но тоа неминовно влегува во допир со климатските промени и со многу други теми. Се залагаме пред сè, да се слушнат граѓаните, а ние сме само посредник кој ќе ги пренесе нивните ставови и потреби до донесувачите на одлуки кои можат да им ги задоволат тие потреби“, вели Невена.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]