Нелекуваниот хипотиреоидизам може да доведе до ментални и физички пореметувања кај новороденчињата

Целта на овогодинешната кампања во рамки на одбележувањето на Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда, е да се подигне свеста кај идните и сегашни мајки за важноста на уредната функција на тироидната жлезда за нивното здравје, за нивниот фертилитет и за здравјето на новороденчето.

0
140

Од вчера до 31 мај компанијата „Варус“ од Скопје како овластен застапник на германската фармацевтска компанија „Мерк“, а во соработка со Здружението на лекари по семејна/општа медицина, ја одбележува Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда. Годинава одбележувањето се фокусира на темата „Мајка и бебе“.

Оваа година, за време на Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда во мај, „Мерк“ во соработка со Меѓународната федерација на тироидната жлезда (ТФИ) и „Thyroidchange“, се фокусира на хипотироидизмот и потенцијалното влијание врз здравјето на мајката и бебето, пред сѐ, за време и после бременоста.

Оттаму предупредуваат дека доколку не се лекува хипотироидизмот истиот претставува голем ризик, како за мајките, така и за бебињата. Самите мајки имаат ризик од компликации на срцето, бубрезите и нервниот систем, нарушена плодност и компликации од бременоста. За време на бременоста, нероденото дете зависи од мајчините тироидни хормони до 18-20 недела од бременоста, а нелекуваниот хипотиреоидизам може да доведе до ментални и физички пореметувања на растот и развојот кај децата.

„Жените се многу поподложни на заболувања на тироидната жлезда. Една од осум жени може да има проблем со функционирањето на тироидната жлезда во текот на животот. Ова е посебно важно да се земе предвид во тек на бременоста, бидејќи за адекватен раст и развој на бебето, како во текот, така и после бременоста, неопходно е оптимално ниво на тироидни хормони, кои се одговорни за правилен раст и развој. Во првите единаесет недели од бременоста, бебето во целост зависи од тироидните хормони на мајката, а дури после осумнаесетата недела од бременоста, детската тироидна жлезда е развиена и самостојно почнува да произведува тироидни хормони. Доколку мајката има заболена тироидна жлезда која не произведува доволно тироидни хормони, ова може да се одрази и на правилниот раст и на развојот на мозокот на бебето. Затоа е многу важно жените кои имаат заболување на тироидната жлезда, штом ќе дознаат дека се бремени, веднаш да се јават на својот ендокринолог, со цел да се провери дали нивото на тироидни хормони во крвта е адекватно“, истакнува доц. д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог.

За значењето од следењето на тироидната жлезда за мајките и бебињата согласни се и гинеколозите.

„Од клучно значење е тироидната жлезда да функционира правилно за време на бременоста. Тироидните хормони се од суштинско значење за нормален развој на мозокот и нервниот систем на бебето, а бебето се потпира на својата мајка која го снабдува со тироидни хормони преку плацентата во текот на првиот триместар. Тироидните хормони, исто така, играат клучна улога во развојот и одржување на здравјето на идната мајка. Мајките што очекуваат бебе, треба да бидат тестирани за оптимално ниво на тироидниот хормон во текот на бременоста за да се провери нормалниот развој и раст на нероденото дете. Нарушувањата на тироидната жлезда можат да влијаат и на бебињата. Некои новороденчиња се раѓаат без тироидна жлезда или недоволно развиена тироидна жлезда, познато како вроден хипотироидизам. Овие бебиња, со ова нарушување немаат доволно хормони на тироидната жлезда за потребите на нивното тело, меѓутоа доколку правилно се дијагностицираат, во првите неколку дена по раѓањето и со правилен третман, ова нарушување може да биде контролирано“, вели д-р. Горан Димитров од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

Целта на овогодинешната кампања е да се подигне свеста кај идните и сегашни мајки за важноста на уредната функција на тироидната жлезда за нивното здравје, за нивниот фертилитет и за здравјето на новороденчето.

Од 22 до 31 мај, преку профилот „Здравјето приоритет – аларм за свест“ на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм се одвива кампања во рамки на која се споделуваат едукативни содржини соодветни на темата на 12-та Меѓународна недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда.

„Во земјава за изминатата 2019 година вкупниот број на регистрирани пациенти со нарушена функција на тироидната жлезда надминува 20 илјади, додека во светот се смета дека 200 милиони луѓе страдаат од нарушувања на тироидната жлезда, при што бројот на жените е поголем од мажите, а околу половина се недијагностицирани“, се вели во соопштението од Агенција Рејтинг.

Извор: (МИА)

Фото: Pexels

loading...