Нервозата, иритираноста и тешкотиите при спиењето се сè почести проблеми кај адолесцентите

Менталните проблеми стануваат сѐ почести кај младите Европејци на возраст од 11 до 15 години, според студијата објавена од страна на Европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО).

0
162

Истражувањето се фокусирало на здравјето и социјалното однесување на училишните деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 45 земји, соопштиле од  СЗО.

Тоа покажува дека менталното здравје во многу земји се намалило помеѓу 2014 и 2018 година.

Нивото на ментално здравје се намалува со растот на децата, покажува студијата, која посебно истакнува дека во опасност се девојчињата. Еден од четири адолесценти изјавиле дека се чувствуваат нервозни, раздразливи и имаат потешкотии со спиењето барем еднаш неделно, наведуваат од СЗО.

„Зголемувањето на бројот на момчиња и девојчиња ширум Европа кои сведочат за лошо ментално здравје, чувствувајќи се лошо, нервозно и иритирано, е загрижувачко за сите нас“, коментира регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Хенри П Клуж.

Клуж рекол дека лесниот пристап до службите кои се занимаваат со менталното здравје ќе се исплати трикратно, „со здравствени, социјални и економски придобивки за денешните адолесценти, утрешните возрасни и идните генерации“.

Студијата била спроведена на Универзитетот во Глазгов во Шкотска, а опфатиле 220.000 деца од училишна возраст од Европа и Канада.

Во третина од земјите, се зголемил бројот на оние што чувствуваат притисок од училишните обврски. Повеќе од една десетина испитаници пријавиле дека биле жртви на булинг на социјалните медиуми два месеци воочи испитувањето.

Фото: Pexels

loading...