Не ги споредувајте со другите за ништо, освен за растот

Психолозите велат дека децата не треба да се споредуваат со другите деца бидејќи тоа влијае врз нивната самодоверба. Меѓутоа, кога станува збор за споредување на висината со онаа на врсниците, ова е препорачливо. Поточно, намалениот раст може да биде показател за посериозни болести.

0
584

Кога станува збор за растот, кај луѓето се дефинира како зголемување на висината. На пример, во првата година се случува најголемиот раст, околу 25 цм; за втората година, просечниот раст од 13 цм е нормален, од третата до шестата година се расте од 6 до 9 цм на годишно ниво, а од шестата година до пубертетот детето расте околу 5 см годишно.

Во пубертетот растот кај девојчињата се забрзува околу десетгодишна возраст, а на 12 години растот е приближно девет сантиметри. Кај момчињата во пубертет, растот се забрзува околу 12-годишна возраст, додека на возраст од 14 години растат околу 10 сантиметри. На растот и развојот на детето можат да влијаат голем број фактори, а некои од нив се и овие:

Хормони

Хормоните припаѓаат на ендокриниот систем и влијаат на различните функции на организмот. Тие се произведуваат од различни жлезди лоцирани во одредени делови од телото, чија задача е да контролираат различни телесни функции. Навремената функција на хормоните е клучна за нормалниот физички раст и развој на децата, а нерамнотежата во жлездите што лачат хормони може да резултира во растројства на растот, дебелината, проблемите во однесувањето и други болести.

Наследност

Наследноста е трансфер на физички карактеристики од родителите на децата преку нивните гени. Влијае врз сите аспекти на физичкиот изглед како што се висината, тежината, телесната градба бојата на очите, текстурата на косата, па дури и интелигенцијата. Здравствените состојби како што се срцеви заболувања, дијабетес, дебелина и слично, исто така, можат да се пренесат на гените и со тоа негативно да влијаат на растот и развојот на детето.

Исхрана

Исхраната е исто така еден од најголемите фактори кои влијаат на растот и развојот на детето. На пример, неисхранетоста може да го забави развојот и растот на детето, па затоа е неопходно детето дневно да прима доволно хранливи материи кои содржат витамини, протеини и јаглени хидрати за да може непречено да се развива. Од друга страна, ниту прејадувањето не е добро бидејќи може да доведе до дебелина и здравствени проблеми како што се дијабетес и срцеви заболувања.

Пол на детето

Полот на детето е уште еден фактор што влијае на физичкиот раст и развој на детето. Момчињата и девојчињата растат поинаку, особено кога ќе достигнат пубертет. Момчињата имаат тенденција да бидат повисоки и физички посилни од девојчињата, сепак девојчињата созреваат побрзо за време на адолесценцијата, додека момчињата созреваат во текот на подолг период.

Вежбање

Играње, спорт и правилно вежбање му помагаат на телото на детето да добие мускулна маса, но тие исто така влијаат на растот и развојот на детето. Покрај тоа, престојот на отворено и вежбањето ги прави поздрави затоа што го зајакнуваат имунитетниот систем – со играње на отворено, детето е повеќе изложено на бактерии кои помагаат во градењето на отпорност на имунитетот и спречуваат алергии.

Однесувањето на родителите

Покрај горенаведените фактори, растот и развојот на детето е во голема мерка под влијание на однесувањето на мајката за време на бременоста. На пример, пушењето и пиењето на алкохол во голема мерка влијаат на развојот на фетусот, но и подоцнежниот раст и развој на детето, како и на неговиот когнитивен развој. Исто така, недостатокот на грижа во текот на првите години од животот има значително негативно влијание врз здравјето на детето во целина.

Намалениот раст може да биде показател за многу посериозни и неоткриени основни заболувања, како што се тумори на хипофизата, разни метаболички или генетски заболувања, а овие честопати се откриваат и третираат благодарение на реакцијата на родителите и лекарите на намалениот раст. Проблемите со растот можат да влијаат и на кардиоваскуларното здравје, слухот, ендокриниот систем, развојот на мозокот, белите дробови, имунолошкиот систем, видот, коските и дигестивниот систем. Ако забележите какви било абнормалности во развојот на вашето дете, не заборавајте да се консултирате со вашиот лекар за да откриете дали станува збор за нешто посериозно.

Фото: Pixabey

loading...