„Не може да одиш кај тато зашто ќе те зарази со корона!“

Токму ова е една од најчестите начини на манипулација со децата во овој период на пандемија со корона вирусот, од страна на примарните родители, односно родителите со кои тие живеат. Своите потресни искуства на оваа тема ги споделија со нас неколку родители, поточно, татковци, кои и претходно имале проблем да ги остварат видувањата со своте деца, а периодов им е тоа и комплетно оневозможено.

0
910

Пред 2 години во македонското Собрание претставници од здружението за заедничко и одговорно родителство после развод побара да бидат рамноправни родители на своите деца. Неодамна тие се пожалија дека дискриминацијата кон нив не само што се уште е на сила, туку по почетокот на пандемијата со корона вирусот, е дополнително засилена.

Поради полицискиот час, односно ограниченото движење на граѓаните, вклучително и децата, оневозможено е остварувањето на правото на децата од разведените бракови на непречени лични односи и контакти со родителот со кого не живеат. Во одредени случаи, според родителите, средбите не се реализирани подолг временски период (со месеци), поради несоработка на родителот кај кого се доверени децата на чување и во тие случаи, моменталната состојба на прогласена пандемија се користи како причина за наводна заштита на детето, и недозволување на другиот родител да го види детето и да остварува средби, односно, ограничување на контактите на детето со родителот со кого не живее.

Исто така, некои од родителите дури биле исклучени од секаква информација во врска со состојбата на децата, па биле приморани да бараат известувања од матичните лекари на децата, што е несомнено спротивно на најдобриот интерес на детето.

Денеска, по повод меѓународниот ден на семејството, родителите, поточно татковците од хрватското здружение за рамноправно родителство ја предупредија јавноста за истиот проблем со кои се соочуваат и т.н. секундарни родители кај нас.

„За жал, децата сè уште се жртви на нејасни законски одредби, кои се злоупотребуваат до крајност, особено со пандемијата „Ковид-19“. Секој ден примаме повици за помош од родители, претежно татковци кои не можат да ги видат своите деца дури и врз основа на конечна судска одлука. Злонамерните родители кои манипулирале со детето и неговите права пред пандемијата, со нејзиното прогласување, добија дополнителна алатка за манипулација со детето без никакви санкции. Премалку се зборува за децата кои остануваат незаштитени зад затворени врати со едниот родител и им е забранет секаков контакт со другиот родител и неговото семејство“,пишува хрватското здружение за рамноправно родителство.

Неколку македонски родители кои се соочуваат со овој проблем го споделија со нас своето потресно искуство:

Тато Бранислав од Скопје: Незнам веќе што да мислам. Знам само дека, за жал, најголеми губитници се невините дечиња. Настрана моите и солзите на другите кои се во иста ситуација како мојата, нашиот стрес и тага… Дали некој од тие што ги пишувале законите и што ги спроведуваат знаат како им е на дечињата?! Пред десетина минути се обидов да го видам помладиот син, но не успеав.. Мачно…

Тато Бранко Брковиќ од Кавадарци: Моето дете со мајка му живее во Скопје, а јас сум во Кавадарци и имам право да го гледам моето дете само 2 пати месечно по 5 часа, и тоа само во Скопје. Детето ќе полни наскоро 4 години, а не ги познава своите роднини во Кавадарци затоа што едвај успевам јас да го видам, а не пак другите. Според мене, центрите за социјални работи не само што не помагаат да се дојде до некакво решение во ваквите случаи, туку напротив, тие се генератор на проблемите. Мојата поранешна сопруга максимално ја користи сегашната состојба за да не ми го даде детето да си го видам, со изговор дека е хронично болно, дека има пневмонија и дека е во ризичната група. Секако, јас се јавив кај матичната лекарка на моето дете која ми кажа дека тоа што рекла дека детето не треба да се изложува премногу на опасноста да се зарази, не значи дека не треба да се гледа со татко му, особено затоа што тоа нема никакви хронични проблеми. И така јас сега цели два ипол месеци немам никаков контакт со син ми, но тоа не ги спречува сите други роднини од нејзина страна да го гледаат и да бидат со него, сите освен татко му. Знам дека нејзиниот план е да го оттуѓи детето од мене и тоа да ме заборави и затоа постојано се обраќам до центрите за социјална работа барајќи решение.

Според член 83 и 84 од Законот за семејство, ЦСР е институцијата која врши надзор над вршењето на родителското право и како таква е ДОЛЖНА да превземе потребни мерки за заштита на личноста, правата и интересите на детето. Тоа укажува дека ЦСР не се амнестирани од одговорноста за непревземање на мерки према родителите за непостапување по решението за видување издадено токму од ЦСР
Голем дел од секундарните родители, со нивните поранешни брачни партнери во огромен број случаи не можат да постигнат спогодба во услови на пандемијата ни да си ги видат децата на вибер или да се слушнат со нив преку мобилен, а камоли да се спогоделе, како што велат од ЦСР и да ги реализираат средбите  во време кога е дозволено движењето! Исто така голем дел од овие пострадани родители ја немаат среќата, кај поранешните им брачни партнери да преовладува разумот и да имаат макар малку емпатија кон заедничките деца. Да беше така, ниту МТСП, ниту ЦСР ќе им беа потребни. Сами ќе си се договореа со поранешните брачни другари и проблемот ќе беше решен без потреба од нивно посредување.
Јас припаѓам во онаа категорија „секундарни“ родители на кои „примарните“ веднаш на почетокот на пандемијата им ги ускратија сите можни контакти и видувања со нивните деца. Јас моето дете не го имам видено веќе два ипол месеци а неговата мајка, мојата поранешна сопурга не се обѕрнува на констатацијата дека Решенијата на ЦСР се во сила. Едноставно глуми „презагриженост“ и „преосетливост“ кон потребите на детето и мерките на владата си ги толкува онака како што нејзе ѝ одговара. А такви како мене, верувајте, ги има дури и премногу.

Тато Александар од Скопје: Откако почна корона кризата бев известен од поранешната сопруга дека нема да се остваруваат моите видувања со децата. Во прво време немав контакт со нив, подоцна имав многу кратки средби кај нив пред зграда, при што морав да бидам на растојание и да слушам повремени провокации од поранешната сопруга. Последнава недела состојбата малку се подобри, ми се дозволува да имам контакт секој ден по еден час и тоа без нејзино присуство. Сепак, се уште сум далеку од пропишаното. За целиот период забрани било каков контакт со мои роднини. Децата не смеат да се слушнат со баба им, дедо им, тетка им, со братучедите. Покрај тоа се бара од мене да исполнувам одредени нарачки, иако уредно плаќам алиментација. Пред кризата средбите со децата не се реализираа поради нивна болест (грип). Револтиран сум од пасивноста на центарот за социјални работи. Никој не ме контактирал иако од почеток на февруари писмено побарав помош!

Татко Миле од Скопје: Јас немам контакт со моите деца една година, блокиран сум од сите страни, и на телефон и на социјалните мрежи. А одобрено ми е да се гледам со моите две деца двапати месечно по два часа во Центарот за социјални работи. Поради ситуацијата, не можам да се вратам во државава, па не сум во можност да се гледам лично со нив, а бившата сопруга им забранува секаков друг контакт со мене.

И претходно го оневозможуваше контактот, а сега, оваа ситација со пандемијата изгледа како да ѝ дојде како нарачана. Ги немам видено, ниту слушнато 1 година, незнам како се, ниту дали им треба нешто, јас сум едноставно отстранет од животот на моите деца.

Тато Роберт од Скопје: Мометално мојот син ми е со родителите на мојата поранешна сопруга. Да, не би имал ништо против ова, доколку истото ми беше овозможено и мене. Ама јас не можам да го видам син ми заради полицискиот час???

Тато Петар од Битола: Мојата поранешна сопруга од 15 март не му дозволила на нашето дете да доаѓа кај мене со изговор, поради корона вирусот. Инаку, живееме на 8 км еден од друг и нема причина детето да не престојува подеднакво кај двајцата родители. И за да биде уште полошо, таа го исплашила детето дека кај мене ќе се зарази со корона вирус па и самото тоа почна да одбива да дојде кај мене. За жал, многу е исцрпувачки да се изборите за љубовта на своето дете кога е тоа постојано подложно на манипулација од страна на мајката.

Фото: Pexels

loading...