Не си го видел детето 5 месеци затоа што мајката се плаши од корона

Петмина родители кои не живеат со своите деца по разводот завчера поднесоа кривични пријави против тимовите од Центарот за социјални работи кои ги водат нивните случаи, а не преземаат ништо додека нивните деца полека се оттуѓуваат од нив. Еден од нив, нашиот соговорник Бранко Брковиќ, вели дека периодов е ова особено изразено, а како причина неговата поранешна сопруга ја користи состојбата со корона вирусот.

0
634

Нашиот соговорник господин Бранко Брковиќ и уште четворица членови на Иницијативата за заедничко родителство после развод, како што вели господин Наум Рибароски, еден од оснивачите на Иницијативата, оние најкритичните ‘случаи’ кои воопшто или многу малку ги гледаат своите деца, завчера поднеле кривични пријави против стручните тимови при Меѓуопштинските центри за социјални работи затоа што не преземале ништо, иако другиот родител не ги почитувал решенијата за уредување на видувањата со нивните деца.

Овие родители кои не живеат со своите деца по разводот со партнерот, донеле одлука да ги размрдаат работите и да реагираат до институциите, надевајќи се дека на овој начин ќе направат нешто за да го спречат оттуѓувањето на своите деца.

Господин Брковиќ вели дека како причина да не го види своето дете, неговата поранешна сопруга ја користи состојбата со корона вирусот. Тој очекува ова конечно да ги раздвижи институциите, а тој и останатите кои ја делат неговата судбина да можат непречено да контактираат со своите деца пред овие сосема да се оттуѓат од нив…

Брковиќ вели дека со Решение од 22.01.2020 година на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје нему му се уредени личните односи и непосредни контакти со неговото малолетно дете, како и начинот и динамиката на остварување на контактите. Меѓутоа, подолг период, мајката на малолетното дете и поранешна сопруга на Брковиќ, не го почитувала ова Решение по ниту една точка, па од таа причина тој за истото го известувал во многу наврати Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Скопје-поточно, стручниот тим кој бил должен да постапува по предметот.

Тој напоменува дека мајката на малолетното дете во континуитет не го почитувала Решението без никакви последици иако тие постапки предизвикувале штета како кај него, така и кај неговото дете.

Згора на тоа, вели нашиот соговорник, наместо да преземат нешто, тие го советувале тој да поднесе кривична против својата поранешна сопруга затоа што не се придржува кон решението, иако е тоа нивна работа.

„Иако и претходно имав проблем да ги реализирам видувањата со син ми, а тоа според решението е двапати месечно по пет часа на територијата на Скопје (јас живеам во Кавадарци), последниве пет месеци не сум го видел воопшто, а како причина за ова мојата поранешна сопруга ја искористи состојбата со корона вирусот. Несфатливо е како сум јас опасен и претставувам ризик за здравјето на син ми, а не се опасни сите други роднини и пријатели со кои тој се гледа. Претходно ми го одбија и поднесеното барање детето да го поминува со мене секој втор викенд иако деновиве веќе наполни 4 години.

Поранешната сопруга извадила документ кај матичната лекарка дека нашиот син мора да биде во изолација врз основа на тоа што во 2018.детето лежело во болницата во Козле, поради ринитис. Затоа јас бев кај матичната и побарав да ме информира кога детето последен пат било болно, дали има некоја хронична болест и дали прима некаква терапија. Таа кажа дека нема никакво хронично заболување, а последен пат тука била неговата мајка на која ѝ го дала овој документ дека детето пред две години лежело во болница, но дека тоа не значи дека не смее и не треба да контактира со таткото. Јас од 5 март досега ѝ поднесувам две кривични пријави за секои три невидувања, сега треба и трета, но решив да поднесам кривична и до ЦСР зашто тие по закон се должни да преземат мерки против тој што не се придржува до решението, а не јас“, вели Бранко Брковиќ кој очекува дека ова ќе ги размрда институциите, а ако Основното обвинителство и го одбие, тој нема да застане, туку ќе оди и до повисока инстанца, а во крајна линија планира да ги извести и амбасадите и да поднесе тужба против државата до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

„Во последно време, поточно од 05.03.2020 годна поради непочитување на Вашето Решение од страна на мајката немам остварено ни една средба и видување, истата не сака да комуницира со мене и не ми дозволува ни по телефон да остварам контакт со детето. Со ваквото нејзино однесување се врши отуѓување на детето од таткото, што претставува емоционално злоставување на детето и се нанесува непоправлива штета во неговиот психички и емоционален развој.

Додека редовно се остваруваа средбите, мојот малолетен син оствари силна емоционална врска со мене, на секоја средба беше радосен и весел и одвај ја чекаше наредната средба. Кога ќе дојдеше време да се разделиме, стануваше тажен и прашуваше кога пак ќе се видиме.

Сфатив дека досегашните временски рамки во кои ги остварувавме нашите средби се недоволни за подобро поврзување на детето со мене. Истото може да се почувствува и во разговорите со него. Оваа моја констатација ми ја потврдија и воспитувачките во градинката и ми укажаа дека детето чувствува силна желба да ме види, постојано зборува за мене и искажува голема радост на денот на средбите, а и кога телефонски ќе се слушнеме.

Со сегашното Решение ми се овозможени само две средби месечно со по пет часа што е премалку и недоволно да ги задоволи како потребите на детето, така и моите потреби да му пружам татковска љубов. Исто така, со сегашното Решение враеметраењето на средбите не ми овозможува да ги извршувам во целост моите родителски права и должности, пред се на планот на воспитувањето на детето и градењето на неговата личност и карактер. Видувањата од по неколку часа месечно се повеќе фрустрација поради ограниченото време отколку уживање. Таквите видувања не ми овозможуваат ниту да учествувам посериозно во воспитниот процес на детето, ниту да поразговарам подетално со него за тоа што му се случува во животот. Поради тоа, замолувам проширувањето да биде насочено кон опфаќање на цели викенди при што би имале две заеднички деноноќија, односно 48 непрекинати часа. Овие видувања да се остваруваат наизменично, преку еден викенд“, пишува во барањето за измена на Решението овој татко, кое не само што му било одбиено, туку тој од почетокот на Корона кризата не успеал да ги оствари ниту оние предвидени со старото решение.

Затоа решил да го крене гласот, да ги помрдне работите од мртва точка и да се бори за она што би требало да е нормално, да добие шанса да му биде татко на своето дете.

„Ако мојот интерес за моето дете за некого значи вознемирување, тогаш нешто не е во ред со другиот родител и со институциите“, вели нашиот соговорник.

Побаравме изјава од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Скопје по електронска пошта, но оттаму ни одговорија дека барањето треба да биде доставено во ‘писмена форма’.

Од Министерството за труд и социјална политика пак за МРТ велат дека во случај на стручна проценка дека непосреден физички контакт на детето со родителот со кој не живее би можело да го загрози неговото здравје, се предлага примена на други алтернативни, посредни начини на комуникација во договор на родителите, како што се телефонски контакт или користење на некоја од социјалните мрежи.

Од Детската амбасада Меѓаши пак велат дека на нивните СОС телефони има 55 пријави за проблеми поврзани со нефункционалноста на меѓуопштинските центри за социјална работа и дека голем број родители ја злоупотребиле пандемијата искористувајќи го моментот за да го оттуѓат детето од другиот родител.

Фото: Freepik

loading...