Не си играј со оган!

Во берлинска градинка, се случува сосема спротивното - деца под шест години си играат со оган и ги испитуваат својствата на пламенот. Не станува збор за некаква небрежност на воспитувачите - туку за работилница каде што децата учат како безбедно да запалат оган. И ова не е ништо ново, ама е сѐ уште интересно

0
74

Ова е реална глетка во берлинска градинка што би исплашила многу родители – деца под шест години палат кибритчиња и ги испитуваат својствата на пламенот. Не станува збор за каква било небрежност на воспитувачите – туку за работилница каде што децата учат како безбедно да запалат оган. Целта на овие работилници е да се спречат трагедиите што можат да се појават ако децата кришум си играат со оган. Како по правило, малите деца кои не можат да одолеат на огнот нема да им кажат на своите родители што прават, во страв од казна. Што е уште полошо, ако се случи да предизвикаат пожар, тие ќе посакаат да се скријат и може да настрадаат од задушување.

Заради тоа уметникот Каин Каравон, водачот на овие работилници, им покажува на децата како да ракуваат со оган на вистински начин – како се држи кибритот, како да користат запалка, како да запалат свеќи и да направат мал факел. Овозможувајќи им да си играат отворено со оган, под надзор на возрасните, се задоволува нивната љубопитност, а истовремено ги насочува кон побезбеден пат.

Караван обучил речиси 2.000 германски воспитувачи за неговиот метод, а ја има и поддршката од пожарникари, осигурителни компании и безбедносни организации. Неговиот пристап е сосема поинаков од вообичаените кампањи кои ги учат децата никогаш да не допираат запалки и кибритчиња.

По повеќе од една деценија работа со деца, Каравон може да се пофали со фактот дека ниту едно од децата што ги обучил никогаш не предизвикало пожар. Од друга страна, пристапот што на децата им забранува пристап до оган не покажува толку добри резултати. Нашата фасцинација со огнот има длабоки еволутивни корени и нашите деца веројатно се „програмирани“ да играат со оган, па затоа овој импулс е многу тешко да се контролира. Во САД, дури 43% од пожарите во куќите се предизвикани од деца на возраст под шест години секоја година.

Во Германија, пресвртот во пристапот кон овој проблем се припишува на брачна двојка од Хамбург – Гинтер и Грити Јулга. Тој бил пожарникар, а таа учителка, па тие ги комбинирале своите знаења за да дизајнираат едукативна програма за учениците што би раскрстила со старата политика на забрани. „Се што им забранувате на децата, станува уште попримамливо“, вели Фридер Кирхер од пожарникарската станица во Берлин. По основачите, благодарение на ангажманот на Каин Каравон, програмата била пренесена во германските градинки, па сега децата на возраст од 5 и 6 години, како „експерти“, подучуваат деца од само три години.

Во општества каде палењето оган е потребно за готвење и за секојдневни работи, децата навистина учат многу рано да ракуваат со оган. Даниел Феслер, еволутивен антрополог на Универзитетот во Калифорнија, проучувал 19 општества и открил дека во нив децата почнуваат да учат за огнот скоро штом ќе проодат, и стануваат мајстори за ракување со пламен на возраст од пет до осум години. Од друга страна, во западните општества, запознавањето со огнот се одложува до адолесценцијата или дури и подоцна.

Фотографијата и текстот се од ТУКА.

[better-ads type='banner' banner='999' ]