Ние сме комплетно различни – Ама ако…

Ана и Горан Трифуновски, попознати како Ана и Горан од Пеперминт, или пак, Ана од Лајф радио и Горан - дилерот од „Исцелител“, Зоки од „Мајки“, мајсторот од „Преспав“, итн, се жив доказ за онаа теза според која - спротивностите се привлекуваат и се пресудни за една убава и стабилна врска. Иако, тие и не се до толку различни како што велат - и двајцата ги сакаат и ги почитуваат христијанските вредности и семејниот живот, а секако, ги поврзуваат и музиката и нивните две ќеркички

0
804

Со години се водат дебати за тоа дали сличностите или спротивностите на партнерите се пресудни за убава и стабилна врска.

Некои сметаат дека луѓето со сличен карактер брзо ја губат меѓусебната привлечност и дека некомпатибилноста придонесува за динамична, моќна, развојна и возбудувачка врска. Други пак сметаат дека оваа теорија дека спротивностите се привлекуваат е само мит и дека многу истражувања покажуваат дека повеќе се привлекуваат луѓето со слични карактери.

Моите соговорници, Ана и Горан Трифуновски, попознати како Ана и Горан од Пеперминт, или пак, Ана од Лајф радио и Горан, дилерот од „Исцелител“, Зоки од „Мајки“, мајсторот од „Преспав“, итн, одат во прилог на првата теза – дека спротивностите се привлекуваат и се пресудни за една убава и стабилна врска.

Впрочем, токму така тие се објаснуваат себеси. Имено, во еден момент кога тоа за време на нашиот разговор стана премногу очигледно, Горан го пресече муабетот и рече: Ете гледате, ние сме многу различни, ама токму затоа и функционираме толку добро.

И тоа беше единствената работа во која се согласија.

Но, колку и да се одлучни во оваа своја констатација, сепак, тие имаат и сличности, а дефинитивно, најмногу ги врзува музиката.

Заедно се од 2002.година и имаат две ќерки, едната има 9, а другата наскоро ќе полни 11 години. Велат дека приказната за нивното запознавање е речиси филмска.

Првпат се виделе кога имале десетина години. Горан често одел кај својот дедо кој живеел во исто маало со Ана, која во тоа време, како што вели Горан, им била главна на девојчињата кои живееле таму и му нудела да посвои маче кое можел да го храни и да го чува, ама не и да си го однесе дома. Секако, оваа средба ја имале заборавено, а на неа се потсетиле многу подоцна. Втората средба се случила кога биле адолесценти.

„Се сеќавам дека тоа беше на бендовска проба во една гаража, кај Даре од „Суперхикс“, кадешто тогаш свиреше и Горан, а јас случајно се најдов таму  и тоа беше доволно двајцата да си се запаметиме во меморијата. Помина некој период за повторно јас да му пријдам, се сеќавам тоа беше на Факултетот за драмски уметности кадешто не спои една соработка – кратко филмче. Кога се сретнавме, тогаш по третпат, си раскажувавме што сме правеле кога сме биле мали. Набргу потоа сфативме дека веднаш нешто од внатре ни проработи и на двајцата, односно почувствувавме  дека жарот од минатото стои во нас уште од тогаш“, раскажува Ана.

По оваа средба, освен љубов, се родила и нивната соработка.

Ана претходно пеела пратечки вокали за многу музичари и во хор кај Запров, а Горан имал многу бендови пред Пеперминт.

„Музиката ми е живот, таа е мојот криптонит“, вели тој и признава: „сѐ друго што правам, правам зашто е многу тешко да се живее само од музика, освен ако не се исполитизира сето тоа некако, а бидејќи немам таква намера, се помирив со тоа дека морам да правам и други работи а да ја живеам музиката ако треба и за добротворни цели, и за да направам некој да се чувствува убаво со неа“.

Горан бил дел од повеќе бендови, „Крв“, „Принцот пајак и империја“, од кадешто му останал и прекарот Пајак, потоа „Танџан“, кадешто свирел на тапани, кои се всушност и негова прва љубов, а во 1998.година го формирал бендот „Пеперминт“. Инаку, Горан има завршено на ФДУ, неколку години бил во Драмски театар, досега снимил 20-тина играни филмови во државава и многу тв-серии, а сега, вели: „посветен сум секаде кадешто може да се заработи леб.

„Времето е такво какво што е, па мора да биде така, инаку би сакал да откачам сѐ и да одберам тоа што најмногу го сакам – музиката. Се запишав на глума од немајкаде, бидејќи немав средно музичко, а моите ме кочеа во изборот па завршив средно училиште кое воопшто не го сакав, единствено нешто кајшто можев да бидам колку толку свој беше ФДУ“, раскажува Горан.

Токму поради ова искуство од неговото минато и нереализираните желби во детството, денеска тој е татко кој ветува дека нема да им стои на патот на своите ќерки.

„Ако сакаат и стриптизети нека бидат, јас нема да ги спречам како што ме спречуваа мене моите родители да бидам тоа што го сакав“, се смее тој.

Ана пак, веќе 12 години е водител во Лајф радио, а претходно, како што вели, работела како водителка во сите можни телевизии.

„Со Горан размислувајќи како да заработуваме од музиката, решивме да направиме бенд со кој ќе свириме преработки и кавер верзии, но бидејќи тој не се чувствува толку сигурен како вокал, како што се чувствува сигурен со гитарата, решивме јас да бидам вокал и направивме лајф варијанта на боса нова, свинг кавери на познати песни и се роди Боса андеркавер. Значи, станува збор за истиот состав кој е во „Пеперминт“ со тоа што таму е вокал Горан, а јас пејам пратечки вокали, а тука сум јас водечки вокал“, објаснува Ана.

Засега еднаш неделно настапуваат во „Барбакан“, а понекогаш излегуваат спонтано настапи на други места, како што беше случај за време на нашиот разговор, во „Колектив“. Нивниот бенд е познат и како бендот што свири во шоуто „Еден на Еден“ на Жарко Димитриоски.

Горан компонирал песни и за повеќе тв емисии, театарски претстави, реклами, краткометражни филмови, но нивни најголеми хитови, дефинитивно, се: „Девојката со точакот“ и „Ама ако“. Овие две песни ги знаат дури и оние кои немаат поим кој ги пее.

Нивните две ќерки Теона и Нина се петто и трето одделение и се вистински уметнички души.

„Малата сега се запишува на тапани, проба сѐ, но кога седна на тапани, се пронајде во тоа. Не ги тераме на ништо, тие сами си одбираат. Мене ме терале со сила да учам нешто што не сакам, што сѐ уште ме боли. Ако си уметник, греота е да те запишат во АСУЦ на пример, ќе те упропастат. Јас цртав многу, сакав музика, ама ме спречуваа да си ги реализирам соништата и сега не им правам ништо слично на моите ќерки“, повторува Горан, а Ана се надоврзува: „Поголемата ќерка не ја интересира музика, но е страшно креативна, прави фигури, накит, креира облеки, сѐ што има во себе креативност, а и двете цртаат убаво, сѐ што можеле од таленти, земале, а особено од татко им“.

Според Ана, Горан е фантастично попустлив татко и никогаш не ги кара, па обично таа, бидејќи некој мора, е „лошиот полицаец“ дома.

Во меѓувреме, Горан кој е голем противник на мобилните телефони и компјутерите, се уфрла и вели дека најмногу му пречи тоа што и Ана и девојчињата се наводно, зависни од нив.

„Јас веднаш би им ги фрлил телефоните, пуштаат цело време некои јутјубери, а не им пречи ниту ако во исто време работат и компјутерите и телефоните и телевизор и радио и сѐ наеднаш. Јас срцев удар ќе добијам веќе“, се смее Горан.

Но Ана објаснува дека е Горан строг само на зборови и дека само кога се во прашање телефоните и компјутерите е прилично радикален.

„До скоро уште имаше од оние стари модели на мобилен на кој нема ниту интернет, а девојчињата добија телефони пред 6 месеци и сега ги откриваат, но воопшто не се зависни. Тие се толку блиски со возраста, што постојано си играат заедно, одат надвор, не е точно дека се постојано на телефоните. Точно е дека слушаат некои јутјубери од кои навистина нема што да се научи, па ги упатив барем на оние англиските за да го научат јазикот, и го научија, па барем од тоа има и некоја корист“, вели Ана.

Кога станува збор за домашните обврски, Горан духовито објаснува: „99 отсто од обврските се на Ана, а 1 отсто се мои“.

Ана вели дека секој ден готви бидејќи децата се научени на готвени јадења и ако немаат манџа и салата, не признаваат за ручек ништо друго.

„Ова им е обично чудно на новите мајки, но тие навистина многу јадат леќа, грав, боранија, грашок, полнети пиперки, ориз, кај нас дома никогаш ништо не се пржи, така се научени од мали“, вели таа.

Ги воспитуваат христијански и велат дека сите заедно живеат христијански, одат на литургии, читаат таква литература, ги почитуваат верските празници.

„Знаат дека е тато музичар, но освен што заедно со Ана се првиот филтер и првите критичари на моите песни, не ја слушаат нашата музика дома, а не ја слушаме ни ние. Ама знаат да ми кажат: Оваа песна може, оваа не чини“, вели Горан.

А бидејќи најголема публика на „Пеперминт“ се токму децата, нивните песни се пуштаат на многу детски родендени и нивните другари знаат кој им е татко, но тие не ги пуштаат на своите родендени и не се потресуваат многу околу ова.

„Имаме соработувано со продукција „Пет плус“, моја е песната „Автобус“, а ние се појавуваме во спотот за неа, а имаше и уште еден детски проект – „Бушави глави“, и таму имаше 2-3 наши песнички кои децата ги знаат напамет. Мислам дека ми останало ова од детството, да копам кајшто ми се десило, па сакам да ги разберам сите деца. И јас се чувствувам како дете и дај Боже никогаш да не пораснам“, раскажува Горан кој неодамна направи музика и за претставата „Том Соер“ која се игра во Театарот за деца и младинци.

Со „Пеперминт“ досега имале три концерти и велат, доста е.

„Во последно време, да не бидам песимист ама луѓето не се заинтересирани за македонска музика. Слушнав дека се распаднале еден куп бендови, но се надевам дека ќе го пребродиме овој момент“, вели Горан кој како врв на својата мултиталентираност, магистрирал и филмска режија.

И тука некаде нашиот разговор заврши, бидејќи тие мораа да продолжат на следната свирка. Но им ја разубавија вечерта на оние кои вечерта случајно се најдоа во „Колектив“.

Веројатно потоа побрзале дома, кај двете свои најубави дела – Теона и Нина.

Фото: PS visualart, Приватна архива

 

loading...