Новосаѓанка води борба против булингот подучувајќи ги децата на јазикот на жирафите

Таа е новинарка и директорка на здружението ДОР ЦЕНТАР за креативна едукација и уметност од Нови Сад. Со своето здружение им помага на семејствата и на локалната заедница, преку неформална едукација, издавање публикации, предавања и мултимедијални проекти да му застанат на пат на врсничкото насилство помеѓу децата, но и генерално, на насилството во општеството, такашто ќе ги научат на „јазикот на жирафите“.

0
230

Марија Белиќ Бибин е новинарка и директорка на здружението ДОР ЦЕНТАР за креативна едукација и уметност од Нови Сад. Се видовме на „Сајета“, меѓународен фестивал во долината на реката Соча, во Толмин, Словенија, со кој таа соработува веќе со години такашто одржува работилници за деца кои ги учи на ненасилна комуникација.

Тоа е нешто што Марија Белиќ Бибин веќе две-три години го работи и во Нови Сад, со децата во градинките и во основните училишта, но и со родителите. Причина за да се впушти во оваа мисија и да се обиде да ги научи луѓето, а особено децата на ненасилна комуникација, е сѐ поголемиот број на случаи на врсничко насилство во училиштата.

„Веќе со години ‘Сајета’ упорно соработува со нас, а ние се обидуваме да најдеме начин како ненасилната комуникација да ја имплементираме и тука, и иако имаме мал технички проблем, а тоа е јазикот, ние секогаш наоѓаме некој креативен начин за да допреме до децата и да зборуваме за тоа. Еднаш е тоа игра со камчиња, еднаш сликање, а овојпат донесов и кукли.

Ние заедно со ‘Сајета’ го гледаме тоа како соработка помеѓу земји кајшто се случил конфликт и тоа е наш обид да ги споиме децата од тие држави и да им кажеме дека тие можат да живеат заедно“, го почнува разговорот Марија.

Инаку, таа и самата е мајка на три деца, од кои двете се близнаци кои се на предучилишна возраст, а нејзиниот првенец, синот кој на ‘Сајета’ беше нејзин и придружник на нејзиниот сопруг кој секоја година е одговорен сѐ таму да биде технички беспрекорно, тукушто завршил четврто одделение.

Иако она што е нејзина преокупација е нејзината, како што вели, донкихотовска битка да го смени светот и да го направи место на кое конфликтите нема да се решаваат на насилен начин, токму на нејзиниот син на деветгодишна возраст му се случило врсничко насилство од висок степен.

Нејзиното дете било однесено од свој врсник во училишниот тоалет, главата му била ставена во ВЦ шолја, даската спуштена, а потоа била пуштена вода.

Сепак, Марија вели дека успеале да го решат конфликтот на ненасилен начин токму заради реакцијата на родителите на тоа дете кои ја исконтактирале и побарале заеднички да го решат проблемот.

„Знам дека зад таа постапка на детето само се криела желбата да се дружи со моето дете кое во тој момент не било заинтересирано за ова. Затоа на децата во раниот развој е толку важно да им се зборува за ненасилство. Тоа што родителите ме исконтактираа е добро зашто родителите во денешно време обично  негираат проблем и не сакаат да го решаваат. Всушност, децата никогаш не се виновни, родителите се тие што сносат одговорност со својот пример. Кога моето дете нешто ќе направи јас знам дека зад тоа стои некое однесување на заедницата околу него. Не го решил тој тоа самиот, туку го видел и мисли дека е тоа решение.

Јас имам дома три деца, па морам да признаам дека и кај мене дома е како кај чевларот кој оди бос. Децата постојано се караат, но не е поентата во тоа да не постои конфликт туку во начинот на кој тој ќе се реши. Исто така, не треба да мислиме дека нашите деца се роботи, поентата е во тоа како ги решаваат конфликтите. А тоа е долготраен процес, родителите мислат ако го испратат детето на неколку работилници, завршиле работа. Но не се свесни дека тие мора да работат со нив 24 часа. На нас е да им дадеме техника, а на родителите е да ја спроведуваат таа техника 24 часа.

Кај мене доаѓаат возрасни кои ми велат дека иако тие ги воспитуваат така децата и натаму имаат проблем поради околината. Јас го знам тоа, но секој родител треба да донесе одлука дали ќе биде ваков или таков, сеедно колку е тоа тешко. Родителите велат, сите се сурови и безобразни, мораш и ти да бидеш таков, но јас не мислам дека е тоа решение. Ако сите почнеме така, ќе имаме сериозен проблем“, вели Марија.

А во меѓувреме, имаме заеднички проблем, бидејќи реално, секојдневно се соочуваме со сѐ поголем број на врсничко насилство во училиштата, па иако секоја држава ќе каже дека решавањето на оваа ситуација е нејзин приоритет, кога ќе ги видиме статистиките гледаме дека тоа не е точно.

„Јас сум свесна дека мојата работа е донкихотовска борба на модерното време, но упорна сум зашто верувам во децата. На родителите им простувам и не им забележувам затоа што и самата сум родител и знам колку е тешко во денешно време да бидеш родител, но некои приоритети мора да си ги поставиме. Ако ги оставиме работите такви какви што се, ако сме така опуштени, не треба да не чуди што ни се децата вакви или онакви или зошто завршиле во затвор“, вели Марија.

Затоа таа со своето здружение им помага на семејствата и на локалната заедница, преку неформална едукација, издавање публикации, предавања и мултимедијални проекти да му застанат на пат на насилството такашто ќе го научат „јазикот на жирафите“.

„Во Америка завршив обука за т.н. social changes (социјални промени), станав тренер за тоа и пред три години решив да сменам нешто, дадов отказ и почнав да се занимавам со оваа тема – превенција на насилство и ненасилна комуникација. Имено, постои теорија која се вика „јазик на жирафа“, поим кој во психологијата го вовел американскиот психолог Маршал Розенберг.

Метафорички, јазикот на жирафата значи да се гледа на работите одозгора и на тој начин мирно и трезвено да се дојде до тоа што сакате. За разлика од овој, јазикот на змијата која ползи по земјата, ги означува оние кои не го гледаат контекстот на работите, ниту пак другите луѓе, туку веднаш бесно напаѓаат и имаат потреба да се бранат преку кавга.

Жирафата има најголемо срце од сите копнени цицачи, го чувствува и може да ги чуе неговите отукувања. Затоа за оние кои добро ги согледуваат работите, кои го слушаат своето срце и знаат што им е важно, велиме дека зборуваат со јазикот на жирафата. А кога зборуваме на овој јазик, се бориме за себе, но такашто не ги напаѓаме другите. Зборувае за тоа како се чувствуваме, што ни треба и што сакаме. Отвараме простор за комуникација такашто преговараме со другите за разрешување на недоразбирањата или за тоа како сакаме да изгледа нашиот однос. Од друга страна, говорот на бес и кавги се претставува како јазик на змијата која ползејќи по земјата не гледа многу нешта, па од незнаење често гризе и напаѓа.

„Теоријата на Розенберг за јазикот на ненасилна комуникација има 4 правила за кои јас им зборувам на децата и на родителите. Овие 4 елементи се како волшебно стапче, создаваш магија и можност конфликтот да се реши. Секој човек има желба сите да комуницираат со него добро, но животот е полн со стрес, и ние често комуницираме на еден таков стресен начин, односно, се караме и ги критикуваме другите. Забораваме дека постои нешто многу битно што треба да се каже.

Првата работа што треба да ја направиме кога ќе се случи некоја ситуација, е да кажеме што гледаме и што слушаме дека се случило, да кажеме како ние се чувствуваме поради тоа, која била нашата потреба во целата таа ситуација, и четврто, да најдеме некој заеднички компромис, да кажеме некоја молба или желба како да го решиме проблемот.

На пример, мајката доаѓа дома уморна од работа и дома гледа неред, расфрлани играчки. Има две опции – веднаш да почне да вика и да „блуе оган“, а втората е – јазикот на жирафите.

На пример, гледам дека сте направиле неред, слушам дека се карате.

Како се чувствувам поради тоа? Лошо ми е, само размислувам за тоа дека сега јас иако сум уморна морам да средам сѐ.

Трето – сакам да е сѐ средено, да не мора веднаш кога ќе дојдам дома од работа да расчистувам. Им велите на децата дека следниот пат може да си играат, ама да си ги средат играчките, па ако се караат на пример, заради игрици, да им предложите решение самите да најдат модел каде двете страни ќе бидат задоволни, да пробаат сами да најдат некој договор, на пример, 15 минути да игра едниот, 15 минути другиот. Но мора да ги доведете во ситуација да сфатат дека има решение и дека тие можат да се договорат.

А токму работата со деца е важна затоа што семето на ненасилство треба да се посее во раниот развој ако сакаме да создадеме луѓе кои не гледаат на оружјето и меѓудржавните кавги како на решение на конфликтите, туку ова го гледаат преку разговор, компромис и неоружје. Тоа е мисионерска работа и е многу тешко, но е многу потребно затоа што се гледа дека има многу врсничко насилство и постои реална потреба да се работи на таа тема. Ако на 7 години некое дете се тепа, за очекување е дека веќе на 10 ќе има нож, а на 17 – пиштол како решение за конфликтите. Мора да го спречиме тоа“, заклучува Марија.

loading...