Нов закон за доброто на децата

Измени на актуелниот Закон за семејство се итни и неопходни, сметаат од Иницијативата за заедничко родителство после развод кои заедно со првата детска амбасада Меѓаши, по речиси едногодишен ангажман, ги поднесоа потребните предлог-измени на Законот во МТСП. На Иницијативата секојдневно ѝ се приклучуваат нови членови, а секојдневно се зголемува и бројот на деца кои се засегнати од сегашното застарено законодавство.

0
1676

Пред неколку дена, поточно, на 1.април, Иницијативата за заедничко родителство после развод заедно со првата детска амбасада Меѓаши, по речиси едногодишен ангажман ги поднесоа сите потребни измени на Законот за семејство во МТСП, како иницијален чекор кон предлагање на законските измени во Собранието.  Ова доаѓа како резултат на јавната расправа од мај минатата година во Комисијата за труд и социјална политика во Собранието, кога беше донесен едногласен заклучок иако членовите се од различни политички партии, дека треба да се смени Законот за семејство во насока на воведување на заедничко родителство по развод.

„Подготвивме не само предлог-законски измени, туку и два други подзаконски акти: правилник за изработка на родителски планови -правилник за определување на видувањата и правилник за определување на издршката. Истите ги доставивме до Министерството за труд и социјална политика и очекуваме наскоро да бидеме повикани на средба со министерката Мила Царовска. Овие два документи би требало да бидат апсолутен новитет за семејното законодавство во Македонија. Тие документи, заедно со предлог-измените на законот ги изработивме во соработка со стручни лица – адвокати, психолози, педагози со кои соработуваме изминативе години. Сите решенија кои ги понудивме како предлог-измени ги направивме врз основа на праксата во земјите кадешто се практикува заедничкото родителство, се разбира, прилагодени на македонските услови“, велат Наум Рибароски и Наташа Стојчевска, кои се и најистурените членови на Иницијативата за заедничко родителство после развод.

Тие велат дека ланската расправа во собраниската Комисија за труд и социјална политика им дала голема надеж дека постои расположение во Парламентот да се изгласаат овие промени, па решиле да ја забрзаат процедурата такашто ќе ги сработат сите потребни промени во законот за семејство и подзаконските акти и ќе ги понудат како готови документи. Практично, како што велат, им ги „сервирале“ предлог-измените на законот за семејство на надлежните во Министерството кои сега само треба да ги разгледаат и да го дадат своето мислење и евентуалните забелешки.

Со овие законски измени она што беа наши заложби ги ставивме на хартија, но разработено до детали.

Прво се дефинира што е заедничко родителство, а што самостојно родителство во правна и во физичка смисла. Второ, се определува дека заедничкото родителство важи за сите освен за исклучителните ситуации кои се опфатени во еден член од законот.

Предлагаме да се воведе и нов второстепен орган на одлучување, наместо како досега тој второстепен орган да биде Министерството за труд и социјална политика. Министерството  не врши никаква стручно-методолошка работа со родителите и децата, па оттука не може да биде корективен фактор на Центрите за социјална работа.

Нашиот предлог е да се направи ново тело од стручни лица – педагози, психолози, семејни терапевти итн. надвор од центрите за социјални работи, кое во случај на жалба би работело и со детето и со родителите за да утврди дали центарот постапил правилно или не. Потоа, да се направи листа на советувалишта кадешто  ќе се упатуваат родителите, и по разводот, но и додека се разведуваат за да можат стручните лица да им помогнат да постигнат родителски договор за тоа како ќе се гледа детето со секој од родителите.

Следна работа која предлагаме да се смени е воведувањето на семејна извршителска служба која би постапувала во случаи кога не се почитуваат родителските планови, на пример, детето не е со родителот со кој треба да биде бидејќи другиот родител пријавил дека е болно. Во тие случаи, оваа служба на терен би утврдила дали е детето навистина болно или пак другиот родител злонамерно измислува болест.  Понатаму, доколку се утврди дека едниот родител не го почитува решението, оваа служба би можела да изрекува и наплаќа и казни за непочитување на решенијата или спогодбите.

Исто така, со измените ги опфаќаме и случаите на деца отселени во странство со примарниот родител, кој за тоа добива дозвола од Центрите за социјална работа, со што детето трајно се одвојува од секундарниот родител.

Затоа предлагаме дете до 14 години да не може да излезе надвор од државата подолго од 30 дена без дозвола од двата родитела. Со тоа се исклучува можноста Центрите за социјална работа да издаваат несфатливи решенија за отселување на деца без согласност од другиот родител. Единствен случај кога Центрите можат да дадат дозвола наместо другиот родител е  ако има медицинска потреба детето да престојува надвор од државата на период подолг од 30 дена, а другот родител не дозволува или не се изјаснува дали детето може да оди. Во тие случаи, Центарот може да издаде дозвола наместо другиот родител, но само за периодот додека траат медицинските причини.

Уште една работа која предлагаме да се смени е управувањето со имотот на детето. Со сегашниот закон, со имотот на детето управува примарниот родител. На пример, си штедел на име на детето за детето да има кога ќе порасне. Ако се разведеш, тие пари автоматски ги употребува другиот родител  и може да ги потроши за било што, нема обврска да останат за детето. Затоа, ако може да се договорат, добро, ако не, предлагаме судот да го замрзне имотот на детето додека не наполни 18 години, и да може да се одмрзне само во исклучителни ситуации, како што е на пример, ако едниот родител почине или ако парите му требаат за медицински и образовни потреби“, објаснуваат тие.

Во однос на правилникот за определување на видувањата, Рибароски вели дека е потребен зашто во актуелната ситуација, видувањето не е никако регулирано.

„Правилникот е тој што ги става законските одредби за заедничко родителство во пракса. Го направивме врз основа на американските примери, секако, прилагодени за наши услови. Тоа подразбира дека доколку родителите сакаат, можат и се подобни, односно, нема пречки за да спроведуваат заедничко родителство, тоа да се направи и зависно од возраста на децата, има различни распореди на денови како тоа да се спроведува.

На пример, кај помали деца би било регулирано на тој начин што би требало почесто да се гледаат со двајцата родители, а како што растат, видувањата остануваат рамноправни со тоа што се зголемуваат интервалите – деца што се во школска возраст можат да поминуваат и по една недела кај секој родител, а тинејџерите, доколку сакаат и е корисно за нив, можат да поминуваат и по две недели кај секој родител.

Во правилникот се разработени буквално сите форми на заедничко родителство, со тоа што има и форми кои не се 50/50, доколку живеат во различни градови, па едниот родител го гледа секој втор викенд како што е и сега, но во тој случај поминува повеќе време со детето за време на распусти и празници за да го достигне тој минимум од 120 дена годишно, кој е законски минимум за заедничко родителство.

Освен тоа во правилниците разработивме и други работи, на пример, што кога детето живее во странство со едниот родител, што кога детето живее тука, а другиот родител во странство. Всушност, ги разработивме сите проблеми со кои се соочуваме во пракса, правилникот е направен на околу 20 страници со цел да бидат разработени сите детали.

Кога станува пак збор за вториот Правилник, оној за определување на издршката, мора да кажеме дека никој не е задоволен од сегашниот систем за алиментација. Таквиот систем кој зависи од заработката на едниот, поточно, на секундарниот родител, а не од потребите на детето, се покажа како неуспешен затоа што речиси никогаш не одговара на потребите на детето. Во најголем број случаи издршката е прениска и не ги покрива ни основните потреби на детето, а има и мал број случаи кадешто е пак, превисока, и доколку едниот родител добро заработува, од алиментацијата не се издржуваат само децата, туку и  другиот родител, што не е намената на алиментацијата. Прва и основна работа во новиот систем за пресметување на алиментација е што не се поаѓа од тоа колку заработува едниот родител, туку од потребите на детето. Направивме таблица со трошоци на детето, во зависност од возраста на детето и вкупната заработка на двајцата родители.

Таа таблица е базирана врз база на таблицата за алиментација во Хрватска, како земја со најблиско ценовно ниво до нас, но ја прилагодивме  зависно од индексот на цени. Како втор чекор, овие трошоци понатаму се делат пропорционално на заработката на родителите, а како трет чекор се определува издршката врз база на времето што го поминуваат двајцата родители со детето. Значи, постојат три ставки врз основа на кои се определува алиментација: трошоците на детето, колку заработува секој од родителите и колку време поминува детето со секој од нив.

Ова изгледа сложено па затоа ние направивме ексел модел и сега само треба да се уфрлат бројот на деновите што ги минува детето со секој од родителите, заработката на двајцата родители и вкупните трошоци на детето за да се определи кој родител треба да плати издршка и колкава би била таа.

Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод размислува да изработи уште два прирачници – еден за семејните извршители, и уште еден прирачник за постапување кога се пријавува семејно насилство врз деца.

Дека измените се итни и неопходни, се гледа по тоа што на Иницијативата секојдневно ѝ се приклучуваат постојано нови членови – секундарни родители и други роднини кои не можат да остварат нормален контакт со своите деца и внуци. Со зголемувањето на бројот на разводи, се зголемува и бројот на деца кои се засегнати од сегашното застарено законодавство и затоа помина времето кога овој проблем државата можеше да го става под тепих, велат од Иницијативата.

Фото: Unsplash

loading...