Одгледајте дете кое ќе зборува со вас кога ќе биде тинејџер

Родителството носи многу предизвици а еден од поголемите е тинејџерската возраст. Меѓутоа, од она што го правите додека се децата помали, може да зависи какви ќе бидат во пубертетот.

0
683

Додека се децата мали се гради основата на тоа во какви луѓе ќе пораснат. Но пред тоа, треба да ги поминете тинејџерските години. Можно е да одгледате деца кои како тинејџери ќе разговараат со вас, кои се искрени, отворени и прекрасни млади луѓе со кои е убаво да го минувате времето.

Секако, добра работа во животот е што секогаш можеме да ги менуваме работите, дури и ако децата се приближуваат до оваа возраст, за односот со нив да тргне во подобар правец. Значи, сеедно дали се вашите деца мали или речиси тинејџери, следете ги овие совети.

Научете да слушате

Додека се мали, децата ќе ви ја повторуваат истата приказна милион пати. Родителите немаат секогаш трпение да слушаат, па понекогаш се исклучуваат или ги побрзуваат да ја завршат приказната. Важно е да научите да одвоите време за слушање на вашето дете.

Не се грижете за ситници и не претерувајте со казните

Има родители кои ги казнуваат децата и за најмалата ситница, го контролираат секој момент во нивниот живот и се натегаат околу сѐ. Ова може да доведе до тоа детето да се плаши да направи било што затоа што ќе очекува да биде казнето. Ако детето знае дека сигурно ќе го казните или ќе го карате, дури и за ситници, кога ќе порасне и ќе стане тинејџер, голема е веројатноста дека ќе ги крие работите од вас, ќе ве лаже, и слично.

Наградувајте ја искреноста

Ако вашето дете нешто згрешило или имало некоја непријатност или пак нешто ги мачи, тоа мора да знае дека секој момент може да застане пред вас без страв и сѐ да ви каже. На ниту еден родител не му е лесно да се најде пред детето кога тоа ќе прекрши некое правило. Некој вид на казна мора да се примени, но некогаш е подобро да се награди искреноста отколку да се казни. Дајте предност на создавањето на семејство во кое детето ќе може секогаш да биде целосно искрено и да разговара со вас за сѐ.

Бидете му добар пример

Кога се зборува за особини и за карактер, можете да се обидете да го научите детето на сѐ, но ако тоа не гледа дека и вие живеете по вредностите кои настојувате да му ги пренесете., нема да успеете во тоа. Децата учат од примери и ако сакате да бидат трпеливи, нежни и полни со љубов, подобро е и вие да бидете такви.

Бидете искрени со нив

Ако згрешите, извинете се. Ако вашето дете нешто не може да добие затоа што немате доволно пари, бидете искрени и кажете му го тоа наместо да измислувате други причини. Дозволете му на детето да ве види како вистинска личност и тоа ќе се поврзе со вас. Искреноста во врска со семејните прашања, односи, пари, ќе му дозволи и тоа да ви возврати со иста мерка. Отворената и искрена комуникација е клуч за воспитување на дете кое ќе сака да зборува со вас и кога ќе порасне.

Поставувајте прашања

Детето ќе знае дека го слушате и по тоа колку сте активно вклучени во разговорите. Бидете искрено љубопитни и поставувајте прашања врзани за училиштето, за учителите, другарите и слично.

Така кога ќе пораснат ќе знаат дека не поставувате прашања само за да ги контролирате, туку затоа што тоа вообичаено го правите и затоа што навистина ве интересира сѐ за него.

Дозволете сами да носат одлуки

Дозволете му на детето само да одлучи за должината на својата коса, за фризурата, за тоа што ќе облече, што ќе јаде што ќе спортува. Овие мали одлуки ќе им овозможат да бидат извежбани кога ќе дојде момент  да донесат некоја поважна и поголема одлука. Носењето одлуки е како мускул кој треба да се развива и да јакне.

 

loading...