Од деца до ѕвезди

Калиопи, Ѓоко Таневски, Каролина Гочева, Катерина Танева, Адријан Гаџа, Маја Вукичевиќ, Наташа Малинкова, ... се само дел од музичките ѕвезди кои настапиле на традиционалниот фестивал „Гроздоберче“, чиј оснивач е несудениот ветеринар, кавадаречката легенда – Зоран Станоев, познат под прекарот Дејзи.

0
369
Наскоро во Кавадарци почнува традиционалниот интернационален музички фестивал за деца „Гроздоберче“, а во студиото на неговиот основач, Зоран Станоев Дејзи се работи со полна пареа – се снимаат вокалите на годинешните учесници, некои нови „клинци“ кои можеби некогаш ќе бидат нови македонски  музички ѕвезди.

Во октомври ќе се одржи 23.по ред фестивал за детски песни, настан на кој со големо задоволство присуствуваат и децата и возрасните.

Основачот на фестивалот кој во неговиот роден град Кавадарци, но и пошироко, во музичките кругови во државава и во регионот, е познат под прекарот Дејзи.

Освен што е оснивач и директор на „Гроздоберче“, Зоран Станоев е познат и како фронтмен на рок-групата „Дејзи“ чии најголеми хитови се компонирани и испеани во 90-тите години.

„Групата ја формирав во тинејџерските денови и ја крстив според ликот во книгата на Чарлс Дикенс, која ја читав во тој период. Инаку, студирав ветерина, ама ете, цел живот се занимавам со музика“, го почнува разговорот Дејзи.

Тој е особено горд на фестивалот на детски песни кој го оснивал пред 23 години и кој е сѐ уште подеднакво популарен кај децата чиј сон е да станат пејачи, но и кај оние кои се само дел од публиката.

„На почеток фестивалот имаше само домашни учесници, а последните десет години прерасна во интернационален. Инаку, трае три дена, но активностите околу организацијата се одвиваат преку цела година. Во просек на фестивалот има од 120 до 150 учесници на возраст од 5 до 14 години. Целта е децата да се едуцирани во област на музиката, на пеењето, играњето, балетот и танцот.

Има аудиција за децата од Тиквешијата и од цела Македонија, а се пријавуваат на интернет. Бројот на солисти е ограничен на 18 песни, а со нив треба да се работи, да им се направат песни, тој што треба да учествува учествува, ама ниедно дете кое се пријавило не е оставено да не учествува, ако не како солист, тогаш барем на некој начин“, раскажува нашиот соговорник.

„Гроздоберче“ соработува и со фестивалот на детски песни во Ковин, близу Белград, кој се одржува 24 години, а имаат соработка веќе една деценија.

„На овој фестивал кој се вика „Клинци певају хитове“ годинава учествуваа двајца наши учесници, еден од Кавадарци и еден од Црна Гора кои имаат заедничка песна што се вика „Пријателство“. Имаме соработка и со фестивалот на детски песни „Златна Пахуља“ во Црна Гора, како и со фестивали од целиот регион, кои испраќаат свои учесници и на Гроздоберче“, вели Зоран Станоев.

Многу од нашите музички ѕвезди како, Калиопи, Ѓоко Таневски, Каролина Гочева, Катерина Танева, Адријан Гаџа, Маја Вукичевиќ, Наташа Малинкова, … се само дел од музичките ѕвезди кои настапиле на традиционалниот фестивал „Гроздоберче“, а дел од нив изминативе години настапувале на истиот со своите деца.

„Гроздоберче има и своја химна која секогаш ја пеат еминентни луѓе од естрадата. Се вика „Нема да се повтори“, ама се повторува секоја година“, се смее Дејзи.

Годинава желбата на Дејзи е химната со која почнува фестивалот да ја отпее Аки Рахимовски.

„Сакам децата да видат дека секој од нив може да стане ѕвезда. А нивното искуство кога настапуваат пред публика од над две илјади луѓе, е непроценливо, особено ако сакаат да продолжат да се занимаваат со музика. А ние имаме навистина многу потенцијални музички ѕвезди. Дојдете да ги слушнете, па ќе видите“, порачува Зоран Станоев и додава: „Сите овие деца се како мои родени деца и верувам во нив“.

loading...