Од кафулињата и рестораните ќе се бара да го поддржат јавното доење

Мајките во Македонија традиционално сакаат да дојат, меѓутоа за тоа да трае подолго, потребна им е поддршка од семејството, здравствениот систем, заедницата и општеството, велат од здружението на граѓани „Матрона“, по повод Светската недела на доењето.

0
231

По повод Светската недела на доењето, здружението на граѓани „Матрона“ го најавува проектот „Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето“ чија цел е градење на заедница на субјекти/поддржувачи (ресторани, кафулиња, компании, институции)  кои ќе помогнат во подигнување на свеста за доењето.

„Преку најразлични активности ќе се обидеме да придонесеме сите субјекти/поддржувачи заедно со нас да помогнат и да го олеснат процесот на доење за сите мајки. Како дел од активностите во овој проект, НВО Матрона ќе направи истражување преку анкетирање на целните групи. Целта на анкетата е да ја истражиме спремноста на општеството во поддршката на мајките за јавно доење и да дадеме поттик за сите идни мајки да ги дојат своите бебиња.

Ги покануваме сите релевантни субјекти/поддржувачи од јавниот и приватниот сектор да се вклучат во овој проект и да бидат дел од  “Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето” заедницата“, велат од здружението.

Составот на мајчиното млеко е единствен, неповторлив и не може да се добие со ниту една технологија. Доењето е процес во кој учат и мајката и бебето. Тоа воопшто не е лесно и за да добие млеко и да го одржува доењето, мајката ќе треба да има голема поддршка и помош.

„НВО  МАТРОНА ИНТЛ, имајќи го предвид значењето на мајчиното млеко, како и клучната улога на доењето во развојот на новороденчето, континуирано работи на подигнување на свесноста за поддршка и информирање на јавноста преку неколку проекти. Во тек е проектот “Eдукативни работилници за доење, улогата на мајчиното млеко и грижа за новороденчето ”.

Поради голем интерес за едукативните работилници , во планот за оваа година решивме да ги прошириме работилниците низ цела Македонија со цел да се разберe важноста на мајчиното млеко за новороденчето и понатомошниот негов развој од доењето“ – вели Марија Зафировска, координатор во здружението.

Сите субјекти кои ќе го поддржат доењето ќе бидат означени како „Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето“, ќе добијат благодарница и ќе бидат промовирани на социјалните мрежи со цел мајките да бидат информирани за поддршката од страна на истите.

„Мајките во Македонија традиционално сакаат да дојат, меѓутоа за тоа да трае подолго, потребна им е поддршка од семејството, здравствениот систем, заедницата и општеството.

Доењето има огромно значење за унапредување на здравјето на новороденчето и носи значаен социјален и економски бенефит за семејствата и општеството, велат од здружението.

loading...