Од пелени и балони до бизнис за живот, но и за среќа

Додека нејзината прва ќерка Ангелина имала околу половина година таа, не знаејќи што да прави со неотпакуваните прераснати пелени и други бебешки работи кои ги добивале од роднините и пријателите кои им доаѓале на повојница, направила нешто многу креативно – ‘торта’ од пелени! Потоа ги открила балоните, а потоа...сѐ потоа е една убава и успешна приказна

0
2584

Скопјанката Тања Цветковска е политиколог по образование, но креативец по вокација. Откако завршила факултет се запишала на постдипломски студии, но не ги довршила кога сфатила дека од нив нема да има никаква корист во животот. Имено, таа веќе се нашла себеси во нешто сосема друго, многу покреативно од политикологијата. Како? Случајно!

Додека нејзината прва ќерка Ангелина имала околу половина година таа, не знаејќи што да прави со неотпакуваните прераснати пелени и други бебешки работи кои ги добивале од роднините и пријателите кои им доаѓале на повојница, направила нешто многу креативно – ‘торта’ од пелени!

Требаше да одиме на мекици кај наши пријатели, па јас седејќи така дома добив некој набој на креативност и земав дел од работите кои ни ги носеа за мекици и повојница пријателите и роднините, а се повторуваа или пак беа неотпакувани пакетчиња со пелени кои Ангелина веќе ги имаше надраснато, па седнав и направив нешто што денеска гледам дека го прават и други, но во тој период мислам дека бев прва, а тоа е т.н. ‘торта’ од пелени.

Ете токму тоа е ‘првото бебе’, она што подоцна прерасна во бизнис, а се состоеше од сет од пелени, козметика, некоја декорација, кадифено мече, корпа,…

Овој сет што го направив многу ми се бендиса, го фотографирав и го ставив на Фејсбук, па  почнаа да ми пишуваат многу луѓе и да ме прашуваат од каде сум го купила. Потоа, почнаа моите другари и пријатели да ми носат материјали, а јас им правев вакви сетови и се разбира, не ги наплаќав. Но во меѓувреме, почнаа да ми се јавуваат и пријатели на пријателите и јас веќе имав доста работа па почнав и да наплаќам.

Тоа за мене беше ново и непознато, ниту сум видела дотогаш некој да го работи тоа, ниту знаев како се наплаќа, но потоа веќе влегов во штос. Сега правам посериозни сетови, двоспратни, па и троспратни ‘торти’, во зависност од буџетот, а моментално најпродавани ни се сетовите во форма на велосипедче со три тркала (трицикли).

Ако сакаат да е поголем и побогат, позади ставаме и корпа и во неа дополнителни подароци, но она што како конструкција мора да го има за да се изведе се: пелените, шишенце, памучно чаршафче, лигавчиња кои играат улога на браници, а чорапчињата пак, се во улога на рачки и секогаш има и возач, односно кадифено мече, мајмунче или некоја друга кадифена играчка. Во некои понови варијанти, и побогати, го облекуваме ‘возачот’ во персонализирано боди (со името на бебето на пример, датумот или нешто друго што има врска со бебето за кое е наменето), а останатите работи одат во корпата. Сѐ е по желба на клиентот, и секако, во зависност од буџетот“, ни раскажува Тања.

Оваа млада жена е една од оние за кои можете само да се прашувате – од каде ли им навираат сите тие идеи кои ги реализираат со задоволство и ги прават среќни, а патем се и исплатлив бизнис.

Можеби затоа таа со право и може да каже: „Не сакам да влијаам деструктивно врз сите идни студенти и деца, но според мене, а јас сум жив доказ за тоа, ако знаеш што сакаш, макар и на 18 години и ако не постои факултет за тоа, не е страшно, почни да го работиш тоа! Јас од цел факултет пет збора не запамтив, а научив занает на јутјуб и од тоа живеам. Затоа што секогаш можете да работите нешто од што ќе егзистирате, но не може сѐ да ве направи среќни“.

Кога зборува за учењето занает од Јутјуб, Тања мисли пред сѐ, на она што го работела претходно, а и сега одвреме навреме, а тоа е правењето нокти, но и на декорациите со балони, особено, балон твистингот.

„Додека ја чував Ангелина, бев вработена во козметичкиот салон на свекрвата и работев нокти. Салонот е долу, во куќата во која живееме, па не ми беше проблем да се симнувам. Ама тоа не ми беше доволно. Јас од дете имам пасија да работам нешто креативно, или барем да е нешто со изнајдување креативни решенија, постојано имам идеи кои едноставно мора веднаш да ги реализирам па така беше и кога добив идеја да работам со балони.

Отворив фирма и ја нареков Балон твистер. Во Македонија нема стручен ‘балон твистер’, односно, човек кој прави фигури од балони, ама не оние едноставните, туку нешто поспецифично, покомплицирано. Почнав да учам пребарувајќи на интернет, гледајќи на јутјуб, но кога почнав да навлегувам во учењето сфатив дека кај нас нема балони со тој квалитет на балони кои ќе можеш да ги ‘твисташ’.  За да направам нарачка за поквалитетни балони со кои ќе можам да го работам тоа, требаше поголема инвестиција, а јас не бев подготвена, па го оставив ова настрана и почнав да добивам и да правам нарачки за класична изведба на балони, обични, на хелиум, герланди со балони, класична декорација за отварање на продавници, за настани, за родендени, итн. Потоа се здруживме со мојата кума Ирена Голомеиќ, која пак имаше ателје за декорации на настани – Платинум Лајф ивент и сега работиме заедно. Јас сум генерално тука, повеќе во делот на изработување на декорациите и понудите за клиентите, а таа е во делот на комуникација со клиенти. Имаме малку проблем со вработени со оглед на тоа што во оваа дејност не може да очекувате да дојде некој со искуство, па имам впечаток како постојано да обучувам некого. А додека се обучуваат новите вработени секогаш се вадат од памет – од пукањето на балоните“, се смее Тања.

Најчесто, на терен и кога треба декорацијата да се изведе на лице место, оди лично таа со некој од вработените или со нејзиниот сопруг Станислав со кој вели дека се најдобар тандем.

„Кога работиме заедно толку сме добро извежбани што точно се знае кој дува (балони), кој врзува, кој реди, па со него најбрзо успевам да сработам и затоа, кога не е тука, или е некаде на пат, приватно, со домашните обврски и со децата некако и се снаоѓам, ама кога станува збор за работа на терен, без него сум пола човек“, признава таа.

Нивните деца, осумгодишната Ангелина и шестгодишната Лена, сѐ повеќе сакаат да учествуваат во работата, па иако се уште мали, се обидуваат да помогнат.

А тие имаат работа преку глава, свадби на плажа во Охрид, свадби на ливада, ресторански свадби, родендени, крштевки, бизнис-прослави, и сите сакаат да биде најубаво и како на филм. А тие секогаш им ги остваруваат желбите, баш како на филм.

„Најважно ми е тоа што си ја сакам работата, а под притисок сум само кога сум ограничена со време. Инаку, навистина уживам во секоја изведба, во секоја организација и реализација на идеја.

На пример, интересен беше концептот кој го направивме како изненадување за мојата партнерка, за нејзиниот 30.роденден. Таа знаеше дека нешто подготвуваме но ѝ беше забрането да поставува прашања. Роденденот беше тематски, а темата беа –Оскари. Изработивме од плексиглас оскарчиња кои таа им ги додели на најважните луѓе во нејзиниот живот, кои претходно мораше да ни ги посочи иако не знаеше зошто треба да ни каже 15 луѓе кои се особено важни во нејзиниот живот. Ги снимивме сите и сите кажуваа по нешто за неа, пославме црвен тепих, поставивме бина, озвучување, имавме и водител кој кажуваше во кратки црти по нешто за секој од тие луѓе на кои таа потоа им ги даваше оскарите и сѐ беше навистина многу убаво и успешно. Многу се убави и свадбите кои се прават во Охрид, на плажа или пак во оние ресторанчиња покрај езеро. Обично вакви свадби прават наши луѓе кои стапуваат во брак со странец па на свадбата доаѓаат и странски гости на кои нашите сакаат да им го покажат најубавото од Македонија“, раскажува Тања, а од секој нејзин збор се гледа колку ужива и колку си ја сака својата работа. И да, патем, и егзистира од неа.

loading...