Олимпијада за читање и математика на „Школка“

Денеска во Градскиот парт во Скопје се одржа „Олимпијада за читање и математика“ со која се одбележува официјалното завршување на проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’. Настанот имаше за цел да ги процени и подобри јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија.

0
63

Денеска (16. Мај), Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ беше домаќин на настанот „Олимпијада за читање и математика“ на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје. Повеќе од 200 ученици и наставници од основните училишта ширум земјата присуствуваа на прославата и учествуваа во едукативни активности. Учениците имаа прилика соработувајќи со своите соученици да решаваат интересни математики и читачки предизвици, а нивните наставници споделуваа најдобри практики за поучување математика и јазик со своите колеги од другите училишта.

Во своето обраќање, Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли рече: „Ако сакаме да ги воспитуваме децата да станат одговорни граѓани и да ја градиме Македонија како самоодржлива држава која ќе биде отпорна кон негативните влијанија, мора да им помогнеме да развиваат критичко мислење и вештини за учење уште од најрана возраст.“ Раководителката на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“, Сузана Киранџиска, ја поздрави поддршката на УСАИД за овој петгодишен проект како и постојаната соработка која проектот ја оствари со образовните институции и со сите основни училишта во Македонија.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’, спроведуван од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор’’, има за цел да ги процени и подобри јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија и да се подигне свеста кај целата јавност за важноста од јазичната и математичката писменост.

Преку овој проект, за прв пат во Македонија се користат инструменти за процена на постигањата по јазична и математичка писменост кај учениците од почетните одделенија на македонски, албански и турски наставен јазик. Проектот нуди и иновативни и креативни решенија и активности, како што се: Библиотека на тркала, дигитална библиотека и соодветни ресурси за ученици, наставници и родители. Проектот започна во мај 2013 и завршува во јуни 2018 година.

Олимпијадата за читање и математика е еден од низата настани со кои се одбележува официјалното завршување на проектот.

loading...