Оставете ги децата на мир!

„Детето е зрело за читање и пишување со седум години, сѐ претходно е чисто малтретирање“, вели Ана Владимировна Семјоновиќ, руски невропсихолог

0
451

Ана Владимировна Семјоновиќ е руски невропсихолог, доктор на психолошки науки, професор на Катедра за клиничка психологија, автор на повеќе од 200 книги и практични прирачници наменети за психолозите, педагозите и родителите. Разговорот со неа е објавен на еден руски блог , а ние го презедовме преводот од ТУКА.

Прашање: Ана Владимировна, како вие како невропсихолог се однесувате кон раниот развој на детето, кога децата на возраст од 2,5 и 3 години почнуваат да учат да пишуваат, читаат, бројат?

Категорички негативно. Како пример можеме да ја дадеме следната аналогија: дали е добро или не човекот да стапува во сексуален контакт на десетгодишна возраст? Сосема е јасно дека детето ниту е физиолошки ниту психички подготвено за таков „ексцес“ и дека од тоа произлегува само траума. Ова им е несомнено јасно на сите и не се потребни посебни докази.

Постојат неврофизиолошки закони за развој на мозокот. Неговиот енергетски потенцијал е ограничен во секој временски момент, и затоа ако трошиме енергија на неблаговремен развој на некоја психичка функција, се појавува дефицит таму кадешто таа енергија требало да биде активно насочена. Доколку околината бара да се изврши некоја задача, мозокот ќе ја изврши, но на штета на некои други структури на психата.

Периодот помеѓу втората и третата година е период на турбулентен развој на сензомоторната и емоционалната сфера на детето. И, ако почнете да го подучувате да чита, пишува, смета – да го претрупувате со когнитивни процеси – му ја одземате енергијата, особено од емоциите. И кај малото дете, почнува еден вртлог на емоционални процеси и се отргнуваат некои соматски (физички) развојни програми. Може да се појави одредена дисфункција, детето може да почне нешто и да боли, па дури може да почне и да се лекува поради тоа.

Последиците од таа селекција на енергија може да не се појават веднаш, па затоа во 7 година можеби ќе се запрашаме од каде наеднаш енуреза [мокрење во кревет], како се појавија стравовите „одеднаш“. Од каде во пубертетот „наеднаш“доаѓа до емоционални падови, никој не разбира зошто детето станало агресивно или хиперактивно.

Прашање: Сепак, треба ли детето да се подготвува за на училиште? Ако е така, кога треба да се започне?

Ова го поставува прашањето: што значи да се подготви детето за училиште?

Дали привикнувањето на детето на елементарниот дневен распоред е подготовка за училиште? Тогаш тоа може да се започне со 2-3 година. Детето учи дека е појадокот тогаш и тогаш, ручекот тогаш и тогаш. Се спортуваво таа и таа облека, во татар се оди со таа и таа.

Подготовки за училиште во однос на учењето да читаат и пресметуваат, се подразбира, но подоцна. Тоа секогаш започнува со четири, уште подобро со пет години.

Поради некоја причина, сите мислат дека когнитивните процеси започнуваат дури кога детето седнало на биро и почнало да пишува букви. Развојот на когнитивните процеси всушност се одвива и додека мајката и детето се на прошетка низ шумата и таа прашува: „Погледни висибаба. Каква е таа? Какви се нејзините ливчиња?“ И, заедно со детето „го совладува материјалот“. А потоа вели: „Еве и теммјанушки“, па прашува: „Што мислиш, по што се тие две слични, а по што се различни? И ова е цвет и тоа е цвет. „Ете тоа е развој на когнитивните процеси. Како ригиден невропсихолог, можам да ве уверам дека ова е најдобрата можна „подготовка за училиште“ на возраст од 3-4 години.

Истото може да се прави и додека детето седи на маса, а мајка му го прашува: „Што мислиш, дали сега ручаме или појадуваме? И што имаме на масата што не беше таму кога појадувавме?“ Уште подобро е додека ја поставува масата да му поставува и прашања. На пример, таа може да праша: „Што треба да поставиме за ручек? Да ставиме ли чаши или шолји?“ И ова е исто така развивање на когнитивните процеси.

И кога бабата му чита на внукот приказна, зарем тоа не е развој на неговите когнитивни процеси … А што гледаме во пракса?

По правило, децата се преоптоваруваат. Притоа, детето останува апсолутно неадаптирано од гледна точка на нормалното секојдневно знаење. Постои закон: секој развој се движи од очигледното кон апстрактното. Ако научиме дете од три години да пишува букви и броеви, тој закон го свртуваме наопаку.

А законите на психологијата и еволуцијата мора да се извршуваат постојано, тие се универзални како и законите на Њутн. Нарушување е можно само на ваш сопствен ризик.

Не зборувам тука за деца кои на четиригодишна возраст самите учат да читаат многу убаво. Но, според мое мислење, да се прави од ова универзална програма на развој, не е коректно.

Прашање: Постојат многу училишта за развој на уметничките способности и родителите практикуваат во нив да ги запишуваат своите деца пред училиште. Како гледате на тоа?

Нека биде тоа развој на уметнички способности од типот на драмски работилници, цртање… Но, оставете ги буквите и броевите на мира.

Никој не може да одговори на моето прашање: Зошто детето во второто тримесечје во училиште треба да чита 152 букви во минута, а не 148? И, зошто тоа треба да се постигне до 15 ноември, а не до 15 март? Зошто е толку неопходно да се чита со брзина од 152 карактери во минута? Затоа што тоа не придонесува за развој на интелектот, ниту пак дава знаење. Затоа ова не треба да се третира никако поинаку освен како глупост. Постојат индивидуални психофизиолошки карактеристики. Едно дете ќе го постигне ова порано или подоцна, а некое можеби никогаш.

За жал, сега некои одделенија се формираат помеѓу другото, и врз основа на брзината на читање …

Овие луѓе не се во тек дека информации се усвоуваат на различни начини. Сосема е можно дека кај голем број деца усвојувањето на информации воопшто не е поврзано со брзината на читање, туку со тотално различни фактори, кои кај нив можат да бидат сосема убаво развиени. А ете, брзината кај нив, како и сите други процеси во врска со голема брзина, се развиваат малку побавно.

И не само тоа, човек може да чита со колосална брзина, а притоа, да биде дебил. Патем, во случај на хидроцефалус некое лице може да има одлично сеќавање, а ние знаеме маса такви лица кои успеале во политичка или професионална кариера, едноставно затоа што зборуваат многу брзо и многу цитираат. Само што тоа нема апсолутно никакво значење за интелектот.

Прашање: На што треба да внимаваат родителите, психолозите, наставниците при утврдувањето дали детето е подготвено да оди на училиште? Дали треба да оди детето на шест години или подобро да се почека?

Јас би давала со седум затоа што така природата одредела. Затоа што неврофизиолошки токму на седумгодишна возраст се формираат произволно внимание и многу други механизми на мозокот кои му овозможуваат на детето да имаат успех во учењето. Со други зборови, мозокот е подготвен за тоа детето да седи на едно место 45 минути.

За мене, како човек кој е запознаен со законите на еволуцијата, очигледно е дека забрзувањето е исто толку штетно како и одложувањето.

„Сè има свое време“, се вели во книгатата на Проповедникот. И таму се труделе да не зборуваат глупости. Такашто оние што зборуваат за забрзан ран развој треба да ја прочитаат и сè ќе биде во ред. Природата не измисли ништо ново за 2000 години.

Прашање: На што треба родителите да посветат особено внимание пред да го испратат своето дете на училиште?

Посакувам сите родители да не ги пикаат главите во песок и понекогаш да се однесуваат кон своето дете како да е туѓо, т.е. да го погледнат од страна. Затоа што ако родител излезе од својата улога само една минута и си замисли дека неговото дете не е најгенијално на светот, ќе забележи и нешто што, ако тоа би било нечие туѓо дете, би рекол: „О, Боже, каков ужас!“

Јас не ги плашам родителите, туку напротив, би сакала да ги ставам во позиција на возрасен човек што се грижи за своето дете. Кој не ги затвора очите за потоа да се досети: „Никој не е во ред, наставниците не се во право!“ Ве повикувам да размислите непристрасно: „Погледнете зошто вашето дете не контактира со другите деца, зошто е агресивно?“

Човек треба да знае како да се однесува кон своето дете со задршка, да не ги објаснува неговите особини едноставно, со необичност, туку да се консултира со експерти.

Прашање: Имате ли вие лично проживено искуство во поглед на ран развој?

На возраст од три години, научив да читам без потешкотии, а истовремено учев и англиски и музика. Но, јас имав баби и тетки кои, кога имав три години, ми ја формулираа тезата што ја научив како азбука: „Твојата слобода завршува таму каде што започнува слободата на друг човек“.

Пред дваесет години, кога сè уште постоеше институција на баба, институција за нормално убаво однесувањед, многу агли беа испеглани на време. Сега тоа веќе го нема и нема ништо наместо тоа. Затоа, во целина со ориентацијата кон ран интелектуален развој, веќе денес може да се предизвика емоционално осиромашување на детската популација. Ова е токму она што ме плаши најмногу.

Обрнете внимание на тоа дека разговарате со жена на која од детството ѝ објаснуваа дека е вундеркинд (чудо од дете), само што е мрзлива. Такашто, ве молам имајте предвид дека ова не ви го зборува двојкаш, туку некој кој секогаш и во сѐ бил лидер. И тој лидер ви вели: „Оставете ги децата на мир!“

Фото: Pixabey

loading...