Пандемијата го преполовила времето кое децата го користат за учење

Истовремено, времето што децата го поминувале гледајќи телевизија, играле компјутерски игри и користеле мобилен телефон се зголемило од претходните четири на 5,2 часа на ден.

0
41

Времето што децата го трошат секој ден на училишни активности и учење е преполовено за време на пандемијата со коронавирус од просечните 7,4 на 3,6 часа на ден, е резултат на истражувањето спроведено во јуни од страна на Институтот ИФО меѓу 1.099 родители во Германија.

Според ова истражување, 38 проценти од учениците во текот на пандемијата учеле максимум два часа на ден, а 74% максимум четири часа на ден, се вели во соопштението на Институтот ИФО.

Истовремено, времето што децата го поминувале гледајќи телевизија, играле компјутерски игри и користеле мобилен телефон се зголемило од претходните четири на 5,2 часа на ден.

„Овие резултати покажуваат колку е важно да се вратиме на нормалното одење во училиштата и на училишните часови, почитувајќи ги мерките за заштита. Онаму кадешто затворањето е неизбежно, училиштата треба да се префрлат на директни онлајн предавања“, вели Луџер Весман, директор на ИФО Центарот за економија на образованието.

Родителите се многу свесни за проблемот: 64 проценти од нив веруваат дека нивното дете научило „многу помалку“ за време на пандемијата.

Анкетата покажува дека вклученоста на родителите во училишните активности на децата, во поглед на времето е двојно зголемена. Пред да се затворат училиштата, тие поминувале во просек половина час на ден, помагајќи му на детето со училишни задачи. За време на пандемијата, ова се искачило на цел час.

Сепак, 38 проценти од родителите изјавуваат дека оваа состојба носи голем психолошки притисок врз нивното дете или врз самите нив, а 28 проценти од родителите изјавиле дека повеќе се караат со своите деца отколку порано.

Кога станува збор за студенти, и кај нив времето поминато за учење е намалено исто како и кај учениците, само зголемувањето на часовите посветени на пасивните активности било нешто помало.

Околу 57 проценти од учениците присуствувале на групни часови преку Интернет помалку од еднаш неделно, а само 6,0 проценти од нив секојдневно следеле такви часови.

Предавањата еден-на-еден со професорите биле уште поретки, особено меѓу децата чии родители не посетувале универзитет и меѓу послабите студенти.

Неделни работни листи доставувале 96% од студентите, а 64% од нив добивале повратна информација за нивната работа барем еднаш неделно.

Меѓутоа, ако некој ги праша сите Германци, а не само родителите, 79 проценти целосно или делумно се согласуваат со тврдењето дека одлуката за затворање на училиштата била добра.

Дури 79% од учесниците во анкетата поддржуваат дека наставата преку Интернет е задолжителна кога училиштата се затворени.

„Тоа покажува дека очигледното мнозинство Германци ги поздравуваат мерките на некој начин да се реши ниското ниво на посветеност на децата и адолесцентите на школувањето“, вели Весман.

Истражувањето исто така открило дека 83 проценти од испитаниците се за поголема поддршка за деца од тешко социјално милје, 70 проценти сакаат да се одржат завршни испити; 59 проценти веруваат дека маските за лице треба да бидат задолжителни за студентите; а 58 проценти се залагаат за редовно тестирање на коронавирус за сите студенти. Сепак, 56% од испитаниците ја отфрлаат корона апликацијата за следење на контактите преку мобилните телефони во училиштата.

Фото: Pexels

loading...