Пилатесот во полза на трудниците од почетокот до крајот на бременоста

Доколку бременоста е во ред, пилатесот може да се практикува за време на целата бременост сѐ до последните месеци пред породувањето.

0
48

Со самото тоа што со вежбањето пилатес ја зајакнуваме мускулатурата на целото тело, пилатесот и тоа како ни помага полесно и побрзо да се породиме, објаснува Маја Талевска, долгогодишен пилатес-инструктор од пилатес центарот „Body Concept“.

Со оглед на тоа дека пилатесот не е кардио тренинг, туку повеќе тренинг за затегнување на мускулите и за релаксација, дали може да се практикува пилатес во бременоста?

– Вежбањето може да придонесе полесно да ја поднесеме новонастанатата ситуација и одговорно да се справиме со улогата на родител. Грижата за сопственото здравје и начинот на живот за време на бременоста, се од големо значење и за нас и за нашите деца. Поради тоа, пилатесот топло се препорачува на секоја бремена жена, секако доколку бременоста е уредна и има дозвола од својот матичен гинеколог. Лесни пилатес вежби се препорачуваат за време на бременоста, меѓутоа, не е неопходно да се започне со сериозна физичка активност, доколку трудниците претходно не биле физички активни.

Кои се предностите на пилатесот поврзани со бременоста?

– Трудниците кои вежбаат пилатес се во подобра физичка кондиција и полесно се породуваат. Вежбањето е многу важно за здраво одржување на телото, а пилатесот помага да се намалат болките кои се јавуваат за време на бременоста и помага бремената жена да остане во постојан контакт со сопственото тело. Пилатесот претставува еден вид физички вежби кои комбинираат поголема еластичност и енергија, со правилно дишење и опуштање, да се постигне поголема флексибилност, јачина и издржливост на мускулите на телото на идната мајка. Идејата на пилатес вежбите е да се фокусира на насочено, правилно и прецизно вежбање и дишење, а не на бројот на повторувања на вежбата.

Кога може да се почне со пилатес во бременоста и до кој месец може да се практикува?

– Во првото тромесечие, промените и нивото на хормони во организмот на трудницата може да имаат големо влијание таа да се чуствува исцрпено и заморно. Во овој период пилатесот е корисен да и ја врати енергијата, да го опушти телото и умот, и на тој начин помага трудницата да се чувствува физички и емотивно подобро. Во второто тромесечие, веќе организмот се навикнува на новонастанатата состојба и промените на хормоните. И иако телото се менува, нивото на енерија е многу повисоко. Веќе во последното тромесечие се бремените жени се чувствуваат тромаво и доста непријатно, чувствуваат болки во грбот, проблеми со рамнотежа, отечени нозе и.т.н.  Со пилатесот се подобрува циркулацијата, се зајакнуваат мускулите, дишењето подобро се контролира, и целокупната состојба на организмот се подобрува во целост. Поради тоа, доколку бременоста е во ред, пилатесот може да се практикува за време на целата бременост сѐ до последните месеци пред породувањето.

Постојат ли контраиндикации?

– Пред било каква одлука мора да се консултираат со својот лекар, гинеколог. Посебно треба да бидат претпазливи трудниците кои имаат висок крвен притисок, кои носат повеќе од едно дете, кои се склони кон спонтани абортуси, кои се соочуваат со благо крварење, како и со патолошка бременост. Во вакви случаи не се препорачува пилатес, поради општата состојба во кој се наоѓа организмот.

Како може да ползува пилатесот при породувањето?

– Со самото тоа што со вежбањето пилатес ја зајакнуваме мускулатурата на целото тело, пилатесот и тоа како ни помага полесно и побрзо да се породиме. Правилното дишење и претходната подготовка за време на вежбањето ни го олеснуваат целиот процес и ни овозможуваат поголема издржливост и полесен пристап до крајната цел. Со породувањето веќе се наоѓаме во нова фаза од животот која претставува предизвик за секоја идна мајка.

Како со пилатесот може да го фокусираме умот?

– Со вежбањето пилатес на полесен начин се ослободуваме од стресот и напнатоста. Полесно се соочуваме со низата на промени кои се случуваат во нашето тело за време на бременоста. Вежбањето ни помага полесно да го фокусираме умот, придонесува за поголема концентрација и ни дава поголема самодоверба и самопочит.

Кажете ни, накусо, што се практикува на часовите по пилатес?

– Вежбите за време на бременоста се секако со послаб интенизитет, за разлика од пилатесот кој се практикува кога телото не е во „блажена состојба“. Се практикуваат лесни вежби без поголемо оптоварување, а и бројот на повторувања е помал. Целиот фокус е ставен на прецизно и правилно вежбање со вдишувања и издишувања. Најчесто, во второто и третото тромесечие се избегнуваат вежби во легната положба и вежби на една нога, бидејќи трудниците лесно губат рамнотежа, но и поради притисок врз стомакот, како и поради наглите промени во движењето и на положбите на телото. Од секој практикант се бара внимателно да го слуша сопственото тело и доколку почувствува непријатност или болка, се советува да престане со вежби.

Точно ли е дека пилатес вежбите во бременоста ја елиминираат депресијата, но и тоа дека новите мајки полесно се соочуваат со депресијата која е честа во постнаталниот период?

– Модерниот начин на живот и секојдневните стресни ситуации налагаат да бидеме во тек со наметнатите стандарди на модерна, урбана жена и мајка. Тоа најмногу го чувствуваат „новопечените“ мајки кои се справуваат со низа нови обврски, непреспиени ноќи, постпородилна депресија, наталожени вишок килограми итн. Мајчинството претставува радикална промена во животот на секоја жена. Вежбањето е една од опциите полесно да ја поднесат ситуацијата и одговорно да ја понесат улогата на родител.

Пилатесот е корисен и за слабеење или за враќање во форма после породувањето?

– Со пилатесот се зацврстува целото тело по породувањето, а со тоа се намалува и вишокот на наталжени килограми кои се јавуваат како последици од бременоста. Намалувањето во обем е исто така една од посебните придобивките кои се добиваат дококу практикуваме пилатес. Честопати, килажата може да биде непроменета, но намалувањето во обем да биде намалено дури за два конфекциски броја, а и целокупниот облик на телото да биде променет благодарение на пилатесот. Пилатесот гарантира цврсто и обликувано тело со долги и вретенести мускули. Со овие вежби им се помага на мајките да останат фит и во текот на бременоста и по породувањето.

Дали новите мајки може да продолжат со пилатес вежби, по породувањето и од која возраст се препорчува пилатес за деца?

– Непишано правило е да не се започнува со вежбање во периодот од 4-6 недели доколку породувањето е нормално, и периодот од  8-12 недели доколку породувањето е со царски рез, секако во зависност од состојбата на организмот и проценката на лекарот. Пред да започнете со вежбање по породувањето, консултирајте се со вашиот гинеколог. Враќањето во форма кога имате новороденче во кое ја инвестирате целата своја енергија е голем предизвик, јакнејќи ја својата самодоверба и зголемувајќи ја издржливоста која ни помага во грижата за нашето новороденче. Инаку, пилатесот е полезен и за најмладите, бидејќи помага за побрз раст и развој на децата како и за развивање на природните форми на движење и јакнење на моторичките вештини.

Јасмина Кантарџиева Димков

 

loading...