Поради вонредната состојба околу 15 илјади деца немаат контакт со едниот родител

Вонредната состојба во државата и во светот, велат од Граѓанската Иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод, за голем број на деца значи и целосен прекин на контактите со едниот родител. Имено, велат тие, примарните родители самоволно ги прекршуваат решенијата за видување на децата со секундарниот родител издадени од ЦСР токму под изговор на вонредната состојба и мерките за ограничување на движењето, состојба која може да потрае со месеци

0
547

Во соопштение до јавноста Граѓанската Иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод го обелодени проблемот со кој според сегашниот Закон за семејство се соочуваат секундарните родители (родителите со кои децата не живеат по развод или разделба), во однос на контактите со своите деца во текот на оваа вонредна состојба во државата.

„Се случува масовна појава да примарните родители самоволно ги прекршуваат решенијата за видување издадени од Центрите за социјални работи под изговор на вонредната состојба и мерките за ограничување на движењето.

Знаеме и од претходно дека Центрите за Социјална работа немаат соодветни механизми како да обезбедат извршување на своите решенија, па најчесто го игнорираат проблемот и оставаат родителите да се договорат!? (а да можеле да се договорат, немаше да има потреба да се инволвираат центрите). Ситуацијата е дополнително влошена со редуцираното присуство на службениците во центрите на нивните работни места и продолжените рокови за одговор во управните постапки, поради вонредната состојба.

Со тоа, се создава ситуација да добар дел од секундарните родители не можат да ги остварат ниту минималните видувања  кои ги пропишува државата, а немаат ниту каде да се обратат за помош. Оваа ситуација може да потрае неколку месеци, додека трае и вонредната состојба.

Ваквата појава е пред се на штета на голем број деца, според нашите проценки околу 15.000, за кои вонредната состојба значи и целосен прекин на контактите со едниот родител. Потребите на децата не се менуваат во вонредна ситуација, сеуште имаат потреба да бидат нахранети, облечени, да си играат и сеуште имаат потреба да бидат со двата родитела. Постои и дополнителна потреба да се заштитат од тековната пандемија, но тоа секако дека секој совесен родител го прави за своите деца, почитувајќи ги мерките определени од надлежните. Впрочем, не постои доказ дека децата се позаштитени кај примарниот родител отколку кај секундарниот.

Гледаме дека во други земји надлежните министри излегуваат во јавност и објаснуваат дека рестрикциите на движење не се однесуваат на видувањата на децата со родителите. Затоа, ги повикуваме надлежните од Министерството за труд и социјална политика да излезат во јавност и да го соопштат очигледното – вонредната состојба не влијае на родителските права и родителските контакти, па затоа издадените решенија за видување продолжуваат да важат и во оваа ситуација, нормално прилагодени на рестрикциите за движење.

Свесни сме дека родителските права не се суспендирани со вонредната состојба и затоа повикуваме да се издаде такво соопштение со цел да се спречат еден куп жалби, поплаки претставки и други правни инструменти кои ни стојат на располагање во ситуација кога државата дозволува своеволно неспродведување на своите одлуки.

А најмногу е потребно такво соопштение за да државата покаже дека навистина секое дете е важно и дека на секое дете може да му го обезбеди едно од основните права – правото на контакт со двајцата родители“, се вели во соопштението од Граѓанската Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод.

Фото: 3Pexels

loading...