Прашајте го нашиот логопед: Моето дете уште не зборува, дали ни треба логопед или психолог?

Имам 17 години и сакам да станам пејачка, но имам проблем со буквата „Р“. Дали е предоцна за да се корегира ова? Ова и други прашања и дилеми, можете да ѝ ги поставите на нашата соработничка-логопед, м-р Ана Петреска. Вашите прашања испратете ги на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“.

0
675

Ана Петреска е логопед – дефектолог во здружението „Интеракција – плус“ и негов основач. Таа веќе одговори на првите прашања од нашите читатели кои стасаа на нашиот и-мејл. Ве молиме, доколку имате некое прашање за неа, испратете го на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“.

Еве ги и новите прашања од читателите и одговорите од логопедот.

Се породив со ќеркичката пред време и од самиот почеток доцнеше во развојот. Сега има 18 месеци и тукушто прооде, но се уште не зборува. Дали треба да одиме кај логопед или психолог? Одиме на вежби кај логопед?

Во врска со прашањето за вашата ќерка, многу е битно да се земе предвид предвременото раѓање затоа што од педијатриски и логопедски аспект, секогаш се смета дека треба да се почне понавремено со стимулација, односно и малку порано отколку што е вообичаено. Затоа што кај предвремено родените деца по пат на стимулација, мора да се надомести периодот, односно разликата во однос на термински родените деца. Вие наведувате дека таа има 18 месеци и дека сега проодела, што значи дека од аспект на моториката, и не доцни многу, меѓутоа треба да се работи, да се стимулира говорот и вниманието. Кај помалите деца секогаш првенствено се започнува со дефектолошки вежби, комбинирани со логопедски дел, за да се поттикнува говорниот и когнитивниот развој кај детето. Предлагам да дојдете во нашето здружение, да се направи првична дефектолошка проценка и потоа да бидат отпочнати почетни вежби за стимулација на вашето дете.

Имам 17 години и имам проблем со изговор на буквата Р, со тоа што ова може да се воочи кај некои зборови, додека кај други не. Како мала никогаш не сум одела на логопед затоа што моите родители сметаа дека нема потреба за тоа. Но неодамна почнав да се занимавам со музика и со пеење па ова почна да ми пречи. Исто така, не можам да го изговорам ниту она долго рррррррррррррррр и колку и да се обидувам, тоа повеќе звучи како брмчење. Ве молам кажете ми дали на оваа возраст воопшто вреди да одам на логопед и да се обидам да го корегирам ова?

Во однос на вашата состојба, проблемот со гласот Р може да се корегира до некој одреден степен, но мора да се има предвид дека неправилниот изговор кај вас веќе е вкоренет и всушност тоа е дел од вашиот говор. Но ако се посвети доволно внимание со упорни вежби, сметам дека би имало резултат, меѓутоа никој не може да каже колкав ќе биде и по колку време тоа ќе се случи. За веќе вкоренети говорни отстапувања, се користат специфични помагала како што е логофонот кој ги поттикнува вибрациите на јазикот и трансформацијата кај него, односно да почне да трепери. Предлагам да дојдете кај нас на преглед па од самиот преглед ќе се види колку навистина кај вас е вкоренет неправилниот изговор на гласот Р, во кои зборови или реченици се забележува најмногу и ќе може да се оцени навистина колкави се шансите за корегирање.

Ме интересира кога децата почнуваат да зборуваат во прво лице? Мојата ќерка има 2 години и 2 месеци, правилно ги изговара сите букви и кажува сложени реченици, но за себе се уште зборува во трето лице. Дали за ова треба да се оди на логопед или ќе се корегира само од себе, односно до која возраст е нормално да се зборува на овој начин?

Појавата на зборување во трето лице кај децата е честа и може да се сретне некаде до третата година, па и малку потоа, инаку, самото спознавање дека не треба да се кажува своето име, туку „јас формата“, всушност треба да се научи по интуитивен пат. Најчесто децата имаат проблем да ја разграничат својата личност и нивното име. Некогаш до ова може да дојде ако детето премногу го слуша своето име, односно ако не се вели таа не јаде или таа не спие, туку Јована не јаде, Јована не спие… и детето може да мисли дека така треба да се идентификува. Конкретно, според возраста на вашето дете, сега засега и не е некој проблем, меѓутоа доколку тоа продолжи и во текот на третата година и после тоа, секако дека е логопедски проблем и треба да се работи за тоа да се преструктуира.

Фото: Pixabay

loading...