Прашајте го нашиот логопед: Пелтечење кај студент, мал фонд зборови кај 3 ипол годишно дете…

Пелтечењето на синот-студент, дилемите на една мајка околу тоа зошто нејзиното трииполгодишно дете сѐ уште не зборува, дилемите на една баба за тоа на кој јазик треба да му се обраќаат родителите кои живеат во Лондон на нејзиното сѐ уште неродено внуче кога ќе дојде на свет, се првите прашања на нашите читатели упатени до нашата стручна соработничка Ана Петреска.

0
655

Ана Петреска е логопед – дефектолог во здружението „Интеракција – плус“ и негов основач. Таа веќе одговори на првите прашања од нашите читатели кои стасаа на нашиот и-мејл. Ве молиме, доколку имате некое прашање за неа, испратете го на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“.

А еве ги и првите прашања и одговори.

Моето дете е веќе студент, па сакав да ве прашам дали пелтењето може да се излечи и кај толку големи деца?

Почитувана, пелтечењето е состојба која што може да се корегира генерално, независно од годините. Во однос на возраста може само да отежнува тоа што таквиот говор со застој е веќе навика и во принцип треба многу повеќе време за да тоа се искорени. Кога личноста е повозрасна бараме двострана упорност, односно применување на техниките и во домашни услови и во секојдневното зборување. Третманите се базираат на релаксирачки техники за дишење, вежби за структурирање на говорот (продолжен говор) и комбинирани психо-логопедски вежби. Ве советувам да дојдете да направиме преглед и проценка на состојбата на говорот кај вашето дете.

На колку години е најдобро децата да почнат да учат странски јазик, а тоа да не го попречи совладувањето на мајчиниот?

Во однос на вашето прашање, периодот кој е погоден за да се учи втор (странски јазик) е помеѓу шестата и осмата година затоа што во овој период нема во никој случај да се наруши изградената синтакса и лексика на мајчиниот јазик. Постојат одредени деца кај кои учењето на вториот јазик и во пораните години не направило проблем, меѓутоа тоа е сепак еден мал процент затоа што праксата покажува дека кога детето ќе се подлежи на стимулација од странски јазик во помала возраст може да настане проблем со градење на фондот и формирање на синтаксата на мајчиниот јазик. Сепак, и родителот може да процени, гледајќи го когнитивниот и говорниот развој кај детето, дали детето може да почне да учи странски јазик или пак е сѐ уште рано за тоа.

Имам син од 3 ипол години, а досега не кажал реченица со повеќе од два збора. На пример, „сака папа“, или за вода вели „ика“, знае да каже мама, тато, баба, дедо, ама за разлика од другите деца на оваа возраст многу малку зборува. Дали треба да го однесеме на логопед или да причекаме?

Состојбата која ја наведувате укажува на задоцнување на појавувањето на експресивниот говор, односно формирање на реченични конструкции. Исто така, вие наведувате примери на т.н. телеграфски говор-кажување на поими без да постои сврзник меѓу нив. Со вашето дете мора да се работи на појавување на експресивниот говор во конечната свој форма, но исто така и надополнување на сврзниците во говорот. Предлагам да го донесете да се направи логопедски преглед и проценка.

Ќерката се омажи и живее во Лондон. Зетот е Бугарин. Сега е бремена и е во дилема како да му зборуваат на бебето кога ќе се роди, дали таа да зборува македонски, таткото бугарски или двајцата да му зборуваат на бебето на англиски, што е најдобро?

Кога постои билингвалност во семејството, секако дека кај родителите постои дилема како треба да му се зборува на детето. Најдобро е на детето да му се зборува уште во самиот почеток на јазикот на којшто подоцна ќе комуницира со средината и ќе учи во училиште. Во случајов тоа е англискиот јазик. Секако дека кај детето не може да се исклучи сосема употребата на одредени термини од јазикот на неговите родители, т.е. македонскот и бугарскиот јазик, меѓутоа нивната употреба да не преовладува во домот за да не настане збунетост кај детето, дека еден јазик слуша дома, а во градинка или во училиште се зборува на друг. Секако дека детето во подоцнежните години ќе може да направи дистинкција на тоа кој јазик може да го користи со неговите блиски, а на кој јазик да се обраќа и да комуницира со пошироката средина.

(Во здружението Интеракција- плус до крајот на февруари се во тек бесплатни логопедски и дефектолошки прегледи. За повеќе информации обратете се на телефоните: 071 973 -362 или 078 245-484.)

Фото: Фејсбук

loading...